verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Македонија гради, Македонци сакаат да рушат

on 23 - 08 - 2013       
Овој напис го има и на: Албански

Написот е новинарски извештај од прес-конференцијата во Oпштина Центар каде поранешните антикорупционери Слаѓана Тасева и Драган Малиновски (ангажирани од градоначалникот Андреј Жерновски да извршат ревизија на проектот “Скопје 2014”), ги изнесоа прелиминарните наоди.

Како “втора страна” во написот е презентиран ставот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ чиј кандидат беше поранешниот градоначалник Тодоровиќ кој трошел дел парите за овој проект, но партијата според законите не располага со парите на граѓаните, туку со нив управува Владата. Недостасува став од Владата која префлрала на Oпштината значајни суми од буџетот и практично таму, како и кај Тодоровиќ, би требало да се бара “втората страна”. Исто така, со насловот се прави манипулација во однос на темата на прес-конференцијата која се однесува на тоа дали во трошењето на јавните пари за проектот “Скопје 2014” имало злоупотреби или сомневања за злоупотреби.

Читателот од овој напис може да стекне впечаток дека се работело за прес-конференција каде се оспорувало градење или, пак, дека темата можеби била: места и градови, пред и потоа. Исто така, има директно извртување на вистината (спин) во насловот, во кој се тврди дека на настанот се повикувало на уривање, што не е вистина.

FireShot Screen Capture #051 - www_vecer_com_mk_default_aspЛинк до оригиналниот напис: Македонија гради, Македонци сакаат да рушат

Датум и време на објавување: 13. 08. 2013

Датум на рецензирање: 13. 08. 2013

Рецензент: Ида Протугер Вељковиќ

Извори на информации:Извори на информациите се прес конференцијата во Општина Центар и ВМРО-ДПМНЕ.

Треба да се истакне дека иако ВМРО-ДПМНЕ е релевантен извор со тоа што партијата го кандидираше Тодоровиќ за градоначалник. Сепак, “втората страна” не е оваа партија, бидејќи во партиската каса не се слеваат парите на граѓаните. Тие се слеваат во буџетот, а ги трошеле Тодоровиќ преку општинскиот буџет и Владата која префрлала пари во општинската каса. Оттука, најрелевантни извори на информации кога се презентира “втората страна”, се оние што ги трошеле парите кои се предмет на ревизија.

Содржајност: Веста е несеопфатна и можеби прикрива информации. Како што е споменато погоре, со оглед на тоа што парите на граѓаните се слеваат во буџетот со кој управува Владата, а оттаму се слевале значајни суми за проектот “Скопје 2014”, може да се каже дека веста не е сеопфатна без став од Владата и поранешниот градоначалник Тодоровиќ кој ги трошел општинските пари. Исто така, од она што е прикажано во повеќето други медиуми, многу мал дел од прес-конференцијата во Општина Центар, кој не е суштински, е пренесен во во овој напис.

Пристрасност: Написот делумно ја прикажува вистината и постои спин. Написот покажува јасна пристрасност кон ВМРО-ДПМНЕ. Иако право на редакцијата е да одлучи што ќе потенцира од настанот и што ќе пренесе, сепак, се забележува неизбалансираност, бидејќи се нудат многу скудни информации за настанот проследени со коментари кои не се јасно издвоени и со кои на читателот му се сервираат негативни ставови за она што било искажано на прес-конференцијата, а има значајно поголем простор за реакцијата на тој настан, односно соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Не може да се утврди дали соопштението е пренесено во целост затоа што такво нема на интернет страницата на оваа партија. Можно е да било испратено само на редакциите, бидејќи партијата оценила дека не треба преку својата страница за тоа да ја информира јавноста. Исто така, право на редакцијата е колкав простор ќе му даде на тоа соопштение. Но, неизбалансираноста доаѓа до израз уште во самиот поднаслов – читателот не може да дојде до елементарни сознанија за содржината на прес-конференцијата во Општина Центар, но овозможено му е многу подетално да се запознае со ставовите на ВМРО-ДПМНЕ.

(Поднаслов: Во првичниот извештај на комисијата членовите насочија кон одредени неправилности во врска со општинските надлежности и текот на парите. На одржаната прес конференција реагираа од владеачката ВМРО ДПМНЕ. Со соопштение оттаму реагираа дека ревизијата е преполна со политички квалификации наместо правни и прецизни факти и дека можат да поднесат пријави. Сепак, по завршувањето на најголемиот проект кој Скопје го претрпел резултатите се очигледни, а градот препороден доби нов и модерен лик)

Исто така, извртување на вистината (спин) се прави и во рамката на текстот со наслов: “Што се може да се изгради ако има посветеност?” каде се прави краток осврт (придружен со фотографии) за тоа како за 26 години се изградила областа Пудонг во Шангај, нешто што нема никаква поврзаност со процедурите и трошењето на јавните пари во “Скопје 2014”.

Коментирање: Во написот доминираат коментари кои се интегрирани во текстот и во негативно светло ја прикажуваат одржаната прес-конференција, односно наметнуваат ставови на читателите.

(Со сосема очекувана критика, Комисијата за ревизија на проектот Скопје 2014 при општина Центар вчера го даде првиот прелиминарен извештај од нивното работење. На 90 дена од почетокот на ревидирањето, комисијата во состав Слаѓана Тасева и Драган Малиновски изнесоа дел од првичните наоди. Наместо со конкретни резултати и сознанија, членовите на комисијата најпрво 40 минути на присутните претставници на медиумите им читаа закони и законски одредби поврзани со процедурите за изработување идејни решенија, подготовка и изработка на спомен обележјата и објектите.)

Од друга страна, ставовите на ВМРО-ДПМНЕ се презентирани без коментари.

Оригиналност/Плагијат: Нема наведен автор, единствено е наведено авторството на фотографиите.

Квалитет на насловот: Насловот е несоодветен, манипулативен, спинува и дезинформира. Наднасловот (“Прелиминарниот извештај на Комисијата за ревизија на Скопје 2014 со очекувани резултати”) упатува на темата, која се однесува на прес-конференцијата на Тасева и Малиновски. Главниот наслов не само што не објаснува темата, туку поттикнува на омраза, поделби и дезинформира. Ниту од останатите медиумски написи поврзани со оваа тема, ниту од изнесеното во самиот текст не може да се види дека некој на прес-конференцијата зборувал за уривање. Напротив, темата била дали се злупотребиле парите на граѓаните платени за “Скопје 2014”. Натаму, во насловот стои “Македонија гради, Македонци сакаат да рушат”, што е оксиморон затоа што Македонија и Македонците се едно исто. Но, постои очигледна тенденцијата во насловот, да се направи поделба, односно да се направи идентификација на власта со Македонија, што е лажно, како и да се етикетираат оние што се противат на владините политики како “штетни Македонци” или оние што нешто уриваат.

Фотографија: Фотографиите се несоодветни и манипулираат.

Написот е придружен со четири фотографии – две го прикажуваат скопскиот плоштад “пред” и “потоа”, а останатите две се сместени во “рамката” на текстот каде се прави споредба меѓу областа Пудонг во Шангај (Кина), пред да биде изградена и по изградбата. Фотографиите се несоодветни затоа што се надвор од контекстот на темата: Објавените првични наоди на ревизијата. Манипулацијата и спинот се однесуваат на тоа што темата, односно извршената ревизија, е со цел да се утврди дали имало злоупотреба со парите на граѓаните, а не за естетиката, за тоа дали требало или не да се гради или, пак, за тоа како изгледале местата во светот пред и по изградбата на градовите.

Говор на омраза: Нема експлицитен говор на омраза, но во насловот има квалификација “Македонци кои уриваат” што, пред сѐ, е извртување на вистинската тема на настанот што се обработува (трошењето на парите за “Скопје 2014”), но второ и поважно, може да поттикне на насилство затоа што со тој спин се вперува прстот, односно се етикетираат тие што ја прават ревизијата како “Македонци кои уриваат”.

Заклучок: Написот ја извртува вистината, етикетира и не нуди избалансираност.

Ако некој читател нема информации од другите медиуми за тоа што било изнесено на прес-конференцијата, од овој напис не би можел правилно да се информира и би бил изманипулиран. Главниот спин е направен во однос на темата. Прес-конференцијата беше на тема: дали имало или немало злоупотреба или сомневања за злоупотреба при трошењето на парите на граѓаните. Во текстот, спинот е поддржан со фотографии од кој читателот е наведен да помисли дека биле изнесени критики за новиот изглед на плоштадот или пак дека темата била дали воопшто треба да се гради. Фотографиите го прикажуваат плоштадот пред и потоа, но на пример, тој би можел да изгледа според новата замисла и со приватни пари, од џебот на оние кои тоа го замислиле. Но, темата на прес-конференцијата не беше естетиката или дилемата “да се гради или не”, туку да даде одговори околу намената и евентуална злоупотреба на јавните пари. Овој текст не нуди информации за тој настан затоа што во еден мал цитат пренесува дел од она што било искажано и истиот дел го коментира, наметнувајќи му на читателот став дека „наодите биле очекувана критика“ за веднаш потоа исцрпно да ги наведе ставовите на ВМРО-ДПМНЕ со што покажува и неизбалансираност.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

веродостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални

нерелевантни

2 извори

повеќестрани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

не може да се утврди

наклонетост

политичка пристрасност,

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

не може да се одреди

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

несоодветна

манипулира

наведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести