verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Македонија гори одвнатре: Пеколот на Заев

on 20 - 02 - 2015       

002-FireShot-Screen-Capture-080-pekol-final-crop-resize

 

Пред нас имаме четиво кое недвосмислено е мотивирано од потребата да се пренесе ставот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и да се даде прилог во контракампањата насочена кон претседателот на опозицискиот СДСМ, по обелоденувањето на податоците за прислушување. Текстот нема јасен новинарски концепт – тој е „ни риба и ни девојка“, нешто помеѓу анализа и коментар, чија јасна одредница е – едностраноста и пристрасноста.

Конкретно, текстот нуди политичко-партиска аргументација, со која се обидува да ги побие доказите презентирани од Заев за манипулациите и за злоупотребите на судскиот систем, за кои јавноста можеше да посведочи од снимките на разговорите на високи функционери во извршната и во судската власт, како и на новинари наклонети кон власта. Веќе од опремата на текстот – насловот со хорор-религиозна конотација, како и илустрација-фотомонтажа во која лидерот на опозицискиот СДСМ е претставен како лик опкружен со оган од пеколот, најавува дека не се работи за сериозна и за издржана анализа на случувањата, туку за политички памфлет. Во овој напис вистината се извртува за да им оди во прилог на тезите кои по објавувањето на втората „бомба“ на Заев излегоа од редовите на владејачката партија, за да го амортизираат ударот: дека тврдењата на опозицијата за 20.000 прислушувани граѓани во Република Македонија се невистинити, дека Зоран Заев е криминалец на кој не може да му се верува, дека снимката на разговорот на директорот на УБК, Сашо Мијалков, со функционер на ДУИ е доказ дека снимките се „искреирани“ оти, нели, кој би се прислушкувал самиот себеси, кога и Заев потврдува дека само Мијалков и премиерот Никола Груевски не биле прислушувани, а дека нема злоупотреба во случајот со снимката на разговорот Латас-Филимена Маневска, бидејќи новинарот барал судот да одлучи во негова полза, а, сепак, ги изгубил споровите за кои станува збор во разговорот.

001-FireShot-Screen-Capture-080-pekol-finalЛинк до оригиналниот напис: Македонија гори одвнатре: Пеколот на Заев

Датум и време на објавување:15.02.2015, 23:30

Датум на рецензирање: 18.02.2015

Рецензент: Југослава Дуковска

Текстот донесува веќе познати факти и тврдења пласирани како вистинити, но за нив веднаш се сервираат контрааргументи, чијашто вистинитост и веродостојност е, во најмала рака, проблематична или се работи за очигледно неточни тврдења. Еден карактеристичен пример е тврдењето дека Социјалдемократскиот сојуз нема проблем само со себе, ниту само со ВМРО-ДПМНЕ, туку има проблем

„со сите во Македонија, кога излезе со прозивка дека има 20.000 прислушувани граѓани во Македонија од полицијата, иако секој знае и без многу да се труди и размислува дека тоа ниту во обем ниту по бројност не може да биде точно“, како и дека СДСМ се расфрлал со големи бројки за да „внесе вознемир во повеќе домови.“

Ова е неточно тврдење од неколку аспекти: не се знае од каде произлегува заклучокот дека СДСМ има проблем со „сите“ во државава, додека, пак, тврдењето дека прислушувањето на 20.000 луѓе е невозможно е едноставно смешно, кога на јавноста ѝ се добро познати деталите од масовно прислушување, следење и обработување на милиони податоци на глобално ниво, обелоденети со аферата „Сноуден“, еднакво како што се широко познати и достапни податоците дека постои технологијата за следење и за надзор на комуникациите, кои секоја секунда обработуваат и по неколку трилиони податоци истовремено.

Дел од текстот се занимава и со „весела математика“, односно прави пресметка колку години му требале на Зоран Заев за да ги ислуша сите разговори од сите прислушувани 26.000 лица, при што заклучува дека му требале 30 години ништо друго да не прави туку само да ги слуша снимките.

„Неговото тврдење наспроти проста математика. За јавноста и експертите стана лага на годината. Кој ќе му поверува дека 30 години слушал материјали?“

Оваа аргументација повеќе наликува на виц одошто на сериозна анализа, особено бидејќи Заев во ниту еден миг не кажал дека ги ислушал сите снимени разговори од сите прислушувани луѓе во Македонија. Не е потребно обемно познавање на технолошките иновации за да се знае дека прислушувањето на голем број телефонски броеви не се одвива така што се снима апсолутно целиот телефонски сообраќај кој се одвива преку нив, туку тој се филтрира со соодветен софтвер и од вкупниот материјал се селектира она што може да биде од интерес за нарачателите. Во текстот не може да се утврди дали ова е занемарено намерно или од незнаење.

Во написот се поставуваат прашања поврзани со аферата „бомба“ и тие прашања се упатени кон претседателот на СДСМ, Зоран Заев, но тој е така конципиран што на тие прашања одговара авторот на текстот, а не тој кому му се упатени. Се изнесуваат и тврдења за кои не се даваат докази, туку се пласираат како вистина. Нема спротиставени мислења, нема втора, засегната страна.

Нема сомневање дека е присутна силна политичка обоеност, поточно пристрасност во начинот на кој се брани позицијата на власта, а се напаѓа опозицијата, конкретно лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Аргументацијата што против Заев се користи, зазвучува како пропаганден цитат подготвен за прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ, а не како издржана новинарска анализа на случајот:

„Зоран Заев отсекогаш во политиката имал три проблеми: 1. Со криминал. 2. Со постојано свое дематирање и дообјаснување и 3. Со својот провинциско-оговарачки менталитет заради кој никогаш во СДСМ не бил сериозно сфатен и прифатен,“

со што грубо се кршат правилата за објективно и за непристрасно информирање, кои се иманентни на новинарските стандарди на пишување. Коментирањето е манир на пишување на овој напис со недефиниран новинарски стил.

Насловот на текстот е смешен, непотребно драматичен, необјаснувачки, навредлив, несоодветен, сензационалистички и тенденциозен и повеќе му прилега на некој третокласен хорор-филм отколку на новинарски текст.

Доста внимание е посветено на графичката обработка на овој текст: насловната фотографија комплетно го отсликува застрашувачкиот наслов на текстот, во рамките на текстот оди и ТВ-прилог во кој му е отстапен простор на новинарот Драган Павловиќ-Латас за напад врз Зоран Заев, кому, пак, не му е даден ниту минимален простор за соодветна реакција, но затоа, пак, без јасна причина текстот е илустриран со уште една фотографија од истиот новинар, што изгледа збунувачки, но и неизбалансирано, како и со детаљ од тајната снимка на разговорот на Заев и на премиерот Никола Груевски, кој со ниту еден збор не е спомнат во текстот.

Не треба многу задлабочена анализа за да се каже дека основна цел на целиот напис е дискредитација на една конкретна личност, во овој случај претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Зоран Заев, во светлото на аферата со обелоденување на масовното прислушување од власта, при што неговото оцрнување оди на лична база, со навреди и со потсмев упатени не толку кон политичарот Заев, колку кон неговиот човечки профил.

Јасно е дека овој текст ќе привлече внимание, ќе генерира „кликови“ на страницата каде што е објавен бидејќи „боде очи“ веќе со навредливиот наслов и со хорор-илустрацијата. Ниту содржината не отстапува од она што насловот и илустрацијата го најавуваат: аферата „Бомба“ е повод, згоден шлагворт за она што е вистинската интенција зад оваа творба, а тоа е пропагандна борба против опозицијата преку кампања за оцрнување на лидерот на опозициската партија.

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

неточни наводи

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални, неофицијални

релевантни

не може да се утврди

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

не може да се одреди

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

несоодветна

манипулира

селективно наведен автор (извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести