verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Лажни обвинувања и промоција на ксенофобија

on 12 - 09 - 2015       

screencapture-paris-crop-resize

 

[Рецензија: Мигрантите го рушат Париз – ова е еден од најопасните инциденти (видео)]

 

Уште насловот не остава ништо недоискажано – рецензираме еден флагрантен пример на новинарски материјал креиран за да пренесе негативна порака на својата читателска публика и да разбуди непријателство и омраза кон одредена група луѓе, во конкретниов случај тоа се бегалци од Северна Африка и од Средниот Исток. Иако не е експлицитно наведено, од контекстот произлегува дека се работи за мигранти од исламска вероисповед.

Текстот е кус, всушност, претставува „појаснување“ на видеозаписот што е вметнат во написот, но доволно е јасен за да нема дилема какви намери се кријат зад него. Видеозаписот е преземен од „Јутјуб“ (Youtube) и е од германски извор, објавен неколку дена претходно и таму е наведено дека „исламски бегалци брутално дивеат низ Париз“ и проследен е со антимигрантски, антиисламистички ксенофобичен текст. Оваа видеоснимка лажно информира дека на крајот на август 2015 година се случиле наводни насилни протести низ Париз во кои учествуваат мигранти од арапски земји, наведувајќи ги гледачите да оформат мислење дека, ете, мигрантите се неблагодарни и деструктивни кон земјата-домаќин, Франција, но кусо истражување на интернет ќе покаже дека ова е, всушност, снимка од про-палестински протести во една париска населба во јули 2014 година!

Лажни информации и ширење ксенофобијаЛинк до оригиналниот напис: Мигрантите го рушат Париз – ова е еден од најопасните инциденти (видео)

Датум и време на објавување: 02.09.2015, 12:31

Датум на рецензирање: 10.09.2015

Рецензент: Југослава Дуковска

Тешко е да се поверува дека авторот на написот што го рецензираме не успеал да открие дека се работи за измама, особено кога ќе се земе  предвид дека, случајно или намерно, во написот недостигаат точното време и место на одржување на протестите. Овој напис, инаку, се појави симултано со идентични вакви написи (еден ист текст, ист или сличен наслов и истиот видеозапис како извор на „информацијата“). Мигрантите го рушат Париз, се тврди во овој напис, тие се, според некои неименувани експерти, всушност, регрутирани борци на ИД и до крајот на годинава уште милион такви терористи, маскирани во бегалци, ќе пристигнеле во Европа. Ова тврдење се вклопува со тезата, пласирана повеќепати во македонските, српските и во некои други странски медиуми, дека бегалците не се жртви што бегаат од воените конфликти во своите матични земји туку исламски екстремисти, борци на Исламска држава, кои се инфилтрираат на европска почва маскирани во бегалци. Такви борци, тврдеа некои медиуми, во Европа има преку 4.000. Никаде, меѓутоа, не може да се сретне изјава од званични лица кои тие тврдења ќе ги потврдат барем како сомневања, па оваа теза остана во сферата на шпекулации.

Изворот на тврдењата дадени во овој напис е видеозапис преземен од „Јутјуб“. Оваа видеоснимка на „Јутјуб“ ги исмева германските власти и оној дел од германската јавност кој не е против прифаќањето на огромниот бран бегалци од воените жаришта на Средниот Исток и во Африка, нарекувајќи ги заспани овци и глупави дрдорковци. Но, се работи за груба дезинформација, бидејќи снимките од безредија по париските улици предизвикани од исламски бегалци, за кои се тврди дека се направени во август 2015 година, всушност, потекнуваат од јули 2014 година и се дел од протестите во Париз против состојбата во палестинскиот дел на Израел. Овој факт намерно е премолчан во текстот кој е предмет на оваа рецензија или неговиот автор го искористил видеозаписот без да ја провери веродостојноста на изворот на информацијата.

Од содржински и од стилски аспект, оваа информација е нецелосна, штура, без неопходните основни елементи кои сочинуваат една новинарска информација. Каде е, на пример, времето и точната локација на овие безредија? Всушност, целата вест е дадена во насловот – Мигрантите го рушат Париз (тука ќе ја прескокнеме забелешката за нелекторирање, поради кое не е употребен глаголот „уриваат“), а во веста стојат само „експертите“ и нивното тврдење дека мигрантите се, всушност, борци на ИД. Со одговори на основните новинарски прашања: кога, каде, кој го тврди ова и зошто, оваа вест не се занимава. Причината, можеби, лежи во тоа што вистината не се вклопува во ксенофобичните мотиви што стојат зад објавувањето на оваа вест – ова, едноставно, не се случува сега туку лани и ова не се оние мигранти кои сега поминуваат преку Балканот во насока на Западна Европа, туку жители на Франција од арапско потекло.

Евидентна е пристрасноста која провејува низ овој напис преку екстремно ксенофобичниот контекст. Насловот е чиста невистина, а содржината се неосновани шпекулации. Нема ништо вистинито во овој напис.

За жал, рецензираниот напис е само еден од многуте кои на ваков начин низ домашните медиуми промовираат расна и верска нетрпеливост со елементи на говор на омраза. Зборот „бегалци“ е даден под наводници и отворено ги сомничи бегалците во однос на вистинските намери со кои тие доаѓаат во Европа, обвинувајќи ги дека се подготвуваат да ја нападнат. Ваквиот став, не само што поттикнува омраза кон оваа група луѓе туку поттикнува и насилство, нешто што веќе се манифестира преку насилни инциденти во кои жртви се бегалците од арапските земји.

Не треба посебна елаборација на ставот дека вакви „вести“ претставуваат опасен преседан во домашните медиуми бидејќи сејат страв, ксенофобија и поттикнуваат омраза. Начинот на кој известуваат медиумите за бегалците во голема мера ќе го обликува начинот на кој јавноста ќе ги перцепира овие луѓе.

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

неточни наводи

неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

неофицијални

нерелевантни

не може да се утврди

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

целосно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

целосна копија

ненаведен автор, ненаведен извор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

манипулира

наведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

посредно

посредно

дискриминира

национална дискриминација, верска дискриминација

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

неквалитетни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести