Кукавичко јајце подметнато како вест
Објавено во Рецензии
on 11 - 07 - 2015 Автор: Југослава Дуковска
[Рецензија: Курир: Заев повеќе го слуша квартетот Геровски-Ордановски-Фрчковски-Милчин од самиот себе]
Маскирано во вест, пласирано во рубриката „Вести од Македонија“, ова писание како кукавичко јајце ѝ е подметнато на читателската публика, која очекува да прочита вистински вести и информации во спомнатата рубрика на медиумот, чиј напис рецензираме. Она што, меѓутоа, го добива, се неколку реченици во стилот рекла-кажала, всушност нечие субјективно согледување за тоа кој му „шепка“ на лидерот на Социјалдемократскиот сојуз, Зоран Заев, какви политички одлуки да носи. Освен што не донесува никаква информација, написот не е ниту шпекулација, туку целосно неоригинална и нерелевантна содржина, која не заслужува простор во информативен медиум.
Линк до оригиналниот напис: Курир: Заев повеќе го слуша квартетот Геровски-Ордановски-Фрчковски-Милчин од самиот себе
Датум и време на објавување: 8.07.2015, 19:59
Датум на рецензирање: 9.07.2015
Рецензент: Југослава Дуковска
Написот е објавен во информативна рубрика, иако не се темели на факти, што е основен услов тој да биде вест. Тоа што тврдењата се напишани да звучат како факти, тешко дека некого ќе излаже. Која е причината воопшто да се пишува вест која не се темели на факти, па дури ни на неофицијални информации односно шпекулации, е сосема нејасно.
„Договорот го потпиша Зоран Заев, но не беше прифатлив за Милчин, Фрчкоски, Ордановски и Геровски. Заев денес покажа дека повеќе ги слуша нив од тоа што се слуша самиот себе.“
Се работи, имено за ставот на Заев, искажан на прес-конференција, на која тој објави дека премиерот Груевски не го почитува договорот од 2 јуни, дека преговорите за негова оставка и за формирање техничка влада се неуспешни и дека нема да има вонредни парламентарни избори бидејќи СДСМ не го прифаќа нивното одржување додека Никола Груевски е премиер. Но, нејасно е од каде е дојдено до вакво сознание дека Заев ги слуша посочените личности, а не себе и својот ум? Се работи за произволно тврдење кое не може да се земе здраво за готово. Исто така, нејасно е зошто, доколку воопшто е вистина дека лидерот на СДСМ се консултира за своите одлуки со партиски и со непартиски личности чие мислење тој го цени, тоа воопшто и би бил проблем.
„Четворицата „интелектуални рекетари“, однапред ги најавуваат следните потези на Заев во нивните колумни. Тоа е доказ плус дека за Заев да направи политички потег, претходно треба да добие зелено светло од квартетот Геровски-Ордановски-Фрчковски-Милчин.
Накратко кажано, Заев игра како што му „свири“ квартетот.“
Консултации на политичари со проминентни интелектуалци ниту се невообичаена ниту, пак, неприфатлива практика каде било во светот.
Отсуството на каков било извор, кој зборува за тоа што мисли и од чии ставови се раководи Заев, па макар тој бил и анонимен, само го потврдува чувството дека тука имаме работа со квази-информација, истресена од ракав.
Не треба ни посебно да се нагласи дека написот е несеопфатен. Тој ја спинува вистината и дезинформира, а повеќе од видлива е пристрасноста, поточно наклонетоста кон позицијата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Тврдејќи дека Заев е под влијание на новинарите Сашо Ордановски и Бранко Геровски и на професорите Милчин и Фрчковски, се сакало да се постигне следното спинување: Заев да се прикаже како блед, неспособен и поводлив политичар, подложен на сечие влијание, а пак четворицата, кои текстот ги нарекува „интелектуални рекетари“ да се прикажат како негативци кои преку лидерот на опозицијата сакаат да постигнат свои „мрачни цели“.
Поентата на самиот напис е преку извртување на вистината и пласирање лажни тврдења за тоа дека Зоран Заев своите потези ги влече несамостојно и под влијание на конкретни луѓе, лидерот на опозицијата да се дискредитира како политичка фигура во конкретен политички момент.
Овој тип на текстови се типичен пропаганден производ за конкретна политичка употреба и немаат вредност од информативен аспект, туку зад нив се крие неновинарска агенда. Објавувањето на вакви квазивести само го девалвира медиумот во кој тие се пласираат.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
нема евидентирани извори
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
соодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
неквалитетни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови