verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Сервис за проверка на факти од медиумите

Проект на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија
USAID Logo

Рецензија: Кредит од 5 милиони евра ќе подигне Град Скопје за подземната сообраќајница

on 17 - 01 - 2014       

Кредит од 5 милиони евра ќе подигне Град Скопје за подземната сообраќајница-crop-resize

Станува збор за опсежен, сеопфатен и коректен извештај од лице место за напорите на Град Скопје да изгради подземна сообраќајница во центарот на главниот град. Проблемот е само што е погрешно објаснет начинот на кој Градот има намера да дојде до почетниот капитал за овој проект. Оваа грешка е несреќно повторена и во насловот, што претставува значителен проблем зашто тука веќе се навлегува во дезинформирање од небрежност.

Кредит од 5 милиони евра ќе подигне Град Скопје за подземната сообраќајницаЛинк до оригиналниот напис: Кредит од 5 милиони евра ќе подигне Град Скопје за подземната сообраќајница

Датум и време на објавување: 16.01.2014, 11:47

Датум на рецензирање: 17.01.2014

Рецензент: Владимир Петрески

Вистинитост: Овде лежи главниот проблем со овој извештај. Еве го спорниот дел:

 

„Со вкупно 300 милиони денари, или 4,88 милиони евра, ќе се задолжи Град Скопје за изградбата на подземната сообраќајница која треба да ги поврзе источниот и западниот дел на централното градско подрачје и која ќе се протега од Комплекс банки до Владата.

Одлуката за задолжување на Градот треба да биде донесена на следната седница на Советот, која ќе се одржи во вторник. Ова не е прв пат Градот да носи одлука за подигање кредит за средства за изградбата на подземната сообраќајница. Истата одлука беше донесена во 2012 година, а потоа и во 2013 година, но капиталниот проект не виде бел ден.

Сообраќајницата треба да се гради во период од неколку години, поради што подигнатиот кредит ќе се распредели низ годините. Доколку почне со реализација оваа година, од кредитот ќе бидат искористени 60 милиони денари. Освен тоа 30 милиони денари ќе се одвојат од градскиот буџет, додека уште 60 милиони денари ќе издвои Владата од државната каса.“

 

Сето ова е добро објаснето од оперативна гледна точка, но проблемот е во тоа што не станува збор за „подигање кредит за средства за изградбата на подземната сообраќајница“, туку за издавање на општинска обврзница во наведениот износ од 300 милиони денари, односно 4,88 милиони евра.

Исто така, не е точно дека „ова не е прв пат Градот да носи одлука за подигање кредит за средства за изградбата на подземната сообраќајница“. Да, точно е дека не е првпат Градот да има донесено одлука за задолжување, но, за жал, и претходните одлуки не се однесуваа на кредит, туку на обврзница, како што, впрочем, има објавено и самиот медиум на 14 септември 2012 година во написот со наслов „Град Скопје ќе се задолжи со општински обврзници вредни 4,9 милиони евра.

Точно е дека сето ова може да биде збунувачки и тоа и за искусен новинар – и кредитите и обврзниците се задолжување. Но, меѓу нив има значителна разлика. Со обврзниците може да се тргува на берза, додека со кредитите не може. Кредитите се отплаќаат на рати, додека кај обврзницата до моментот на нејзиното достасување се плаќа само каматата, а на крај нејзината главнина се отплаќа одеднаш во целост. Покрај ова, правата на сопствениците на обврзниците и на кредиторите се различни во случај на банкрот на должникот. Исто така, за проблемот да биде уште покомплексен, оваа обврзница, која планира да ја издаде Град Скопје, ќе биде прва општинска (муниципална) обврзница, издадена од општина или од град, во историјата на Македонија и за првпат во земјава ќе се отвори пазар на општински обврзници.

Дополнително збунувачки е и фактот што покрај издавањето обврзница, а со оглед на тоа колку овој проект е скап, Градот и ќе земе кредит, но не во износ од 4,9 милиони евра, туку во износ од 975.609 евра (последен пасус).

Извори на информации: Службени извори на Град Скопје и новинар на лице место.

Содржајност: Со содржајноста има само еден проблем. Од извештајот не е јасно како проектот ќе биде исфинансиран до крај. Градот ќе издаде обврзница од 4,9 милиони евра, ќе земе кредит од 60 милиони денари, исто толку пари ќе добие и од државата, а од својата каса ќе одвои уште 30 милиони денари. Но, сите овие суми не се ни 12 отсто и тоа од најниската понуда од претходниот тендер, која изнесуваше 67 милиони евра. Со новиот тендер, кој е во тек, можеби и можат да се очекуваат пониски понуди (градот смета дека проектот не би требало да биде поскап од 50 милиони евра), но сигурно не толку ниски колку средствата за кои се вели дека се ветени и се очекуваат, а кои вкупно не надминуваат 7,5 милиони евра. Се разбира, овој проект ќе трае неколку години, но пред неговиот почеток финансиската конструкција би требало да биде затворена.

Оригиналност/Плагијат: Оригинално авторско дело.

Квалитет на насловот: Како што рековме, насловот е несреќно избран и тој ја засилува неточноста од текстот. Ова е навистина штета. Од друга страна, пак, тоа е главната вест во написот, со оглед на фактот што за овој проект досега е прилично пишувано и она што е најново и најважно е одлуката за задолжувањето, која треба да се донесе во вторник. Ова е школски пример како една грешка во текстот се зголемува кога ќе се истакне преку насловот.

Фотографија: Фотографијата е добра – таа е снимена на лице место, односно на местото од каде што треба да започне да се гради подземната сообраќајница, но таа е, сепак, застарена. На неа се гледа претходниот градоначалник на Општина Центар, Владимир Тодоровиќ, кој веќе 10 месеци не е на таа позиција.

Заклучок: Некои теми изискуваат новинари специјализирани за одредени области. Авторот на оваа рецензија, на пример, искрено се сомнева дека би можел да напише добар и интересен спортски извештај, дури и кога животот би му зависел од тоа.

Овде најдобро, а можеби и единствено, ќе се снајде искусен економски новинар, кој се разбира во финансии и пазари на капитал. Таков новинар би можел во текот на настанот да праша и од каде и како ќе се најдат дополнителните неопходни средства за проектот, а би знаел и каде да се обрати за да дознае како оваа прва општинска обврзница ќе влијае на македонскиот пазар на капитал: кои се шансите и можностите таа да биде успешно распродадена, кои би биле купувачите, каква би била нејзината евентуална вредност на секундарните пазари, би имала ли интерес и меѓу странските инвеститори, каква камата би носела и редица други проекции, а исто така, тој би можел и да праша дали успешното издавање на оваа обврзница би предизвикало и другите општини во земјава да почнат да издаваат свои обврзници за најразлични развојни и инфраструктурни проекти.

Не така мал број написи, ако не и поголем број написи во новинарската професија изискуваат специјализирани новинари во различни области. Ова е еден таков пример.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

и точни и неточни

веродостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални

релевантни

повеќе извори

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

сеопфатнo

нема прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

нема извртување на вистина (спин)

лажни информации

балансираност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

нема коментаторски елементи

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

наведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

информира

неточен

несензационален

несоодветен

неточен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

несоодветна

застарена

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

неквалитетни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за најнови вести