verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Кандидатот на СДСМ Пендаровски со „револуционерни методи“ во битката за претседател

on 14 - 03 - 2014       

24-098760099-090-crop-resize

„Хибрид“ текстовите, каков што е овој, во последниот период (пре)многу зачестија во домашните медиуми. Таквата појава можеме да ја поврземе, пред сѐ , со претстојните редовни претседателски и вонредни парламентарни избори. Оттука, при секое среќавање со ваквиот „новопечен новинарски жанр“ треба на ум да се има можната политичка мотивација, па дури и би рекле инструираност за неговото создавање. Медиумските „хибриди“, барем на македонската почва, не бараат многу новинарски обврски како ангажираност, аналитичност, содржајност, писменост, убедливост. Тие успешно виреат и без извори и соговорници, не бараат „некоја си“ доза на вистинитост, даваат „особено“ многу плодови кога се меша веста и коментарот, но, затоа, пак, изискуваат голема доза на спин – елементи и пристрасност по можност партиско-политичка.

2Линк до оригиналниот напис: Кандидатот на СДСМ Пендаровски со „револуционерни методи“ во битката за претседател

Датум и време на објавување: 12.03.2014, 08:30

Датум на рецензирање:  12.03.2014

Рецензент: Владимир Мирчески

 

БИРАМЕ ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ДРЖАВА, НЕ ГРАДОНАЧАЛНИК

Не е едноставно, во релативно кус период, да се напишат неколку рецензии за текстови, кои, како и овој, се занимаваат со „неподобноста, неквалитетот, елитизмот, салонските манири“ на опозицискиот кандидат за претседател на државата, а притоа да не се оддаде впечатокот дека „некој некого брани“ преку сецирањето на објавени написи. Значи, намерата не е да се повторува „Одбраната Сократова“, туку да се изнесат фактите и, само врз основа на нив, да се увидат „фалинките“ во написов, кои, верувајте, и тоа како ги има. Се вели дека „цели десет дена Пендаровски не е излезен од Скопје“, а еве го како учествува на марш на опозицијата во Штип. Се вели дека „во двата излети надвор од штабот на СДСМ тој со неколкумина членови на партијата пиеше кафе во Старата Турска чаршија и посети две домаќинства во населбите Аеродром и Драчево“, а ЕВЕ го на трибина во Карпош. Значи, ако некој сакал да биде ПРЕЦИЗЕН и врз основа на тоа да гради „некаква си теза“, тогаш требало внимателно да гледа и да брои.

Не може преку „утната“ фактографија, која се користи како темел на текстот, да се споредуваат двата најсериозни кандидата и да се извлекува заклучокот дека опозиционерот има „затворен, кабинетски пристап“, а владиниот играч е „народен и отворен“ тип.

Прво, кампањата сѐ уште официјално не е почната, така што прерано е да се зборува за тоа како таа се одвива, а второ зборуваме за избор на шеф на државата, а не општински градоначалник. Така што, не е пресудно кој повеќе се ракувал со граѓани, иако, колку што гледам, тоа во голема мерка го прават и двајцата, туку кој каква понуда ќе даде за тоа како ќе ја претставува земјата – и дома и надвор. Каква визија и едниот и другиот имаат за иднината, за ЕУ, за НАТО, за соседството, за односите со клучните светски центри, итн…

„Мерењето“ минати километри и посетени села и градови има тежина само ако се пласира програмата за работа до што е можно повеќе граѓани за тие непосредно да знаат кој што нуди. Ако кажеш дека едниот седи во партискиот штаб, што видовме дека не е точно, а „актуелниот претседател Иванов секојдневно посетува по десетина населени места во земјава и според извори во неговиот кабинет се среќава со илјадници граѓани дневно“ не си рекол ништо. За што зборувал Иванов со тие илјадници граѓани, им дал ли програма, идеја за натаму? Нема одговор. Можеби зборувале за калинките и ракијадата!

 

БАЛАНСИРАН „НА ДЕСНО“

Кога веќе се тврди дека „Пендаровски води затворена кампања“ која дополнително, во пејоративна конотација, се квалификува како „револуционерна“, зошто не се побарало мислење од некој експерт за политички маркетинг или, пак, водење кампања, туку повторно имаме анонимни, но добро упатени аналитичари. Аман!!! А, како единствен наведен извор е оној од кабинетот на Иванов. Каде е втората страна за да се добие балансираност. Ја нема и затоа целиот текст е искривен како „Кулата во Пиза“ со мало појаснување дека „удира на десно“.

Ако некому не му е јасна присутната пристрасност, тогаш треба да му се појасни од ваквите формулации:

„Страв од анкетите кои што на Иванов му даваат убедлива предност, непостоење на програма и платформа околу која би се собрале значителен број на граѓани или нешто трето е причината за конфузната кампања на Пендаровски.

Едно е сигурно, Пендаровски тешко ќе може да излезе од својот карактер на затворен, кабинетски тип кој главно функционирал во тесно друштво со екс претседателите Црвенковски и Трајковски и со нивните соработници, учествувал во телевизиски дебати со познати соговорници, и  ќе влезе во директна комуникација со јавноста, која по обичај бара одговори за своите проблеми .

Ако Пендаровски ги нема бараните одговори како што сеган засега изгледа или ако граѓаните препознаат дека контактите со нив не се спонтани туку имаат само предизборна компонента, тогаш можеби тактиката и не му е лоша“.

 

ХИБРИД КОЈ КАДЕ НЕ ГО САДИШ ТАМУ ЌЕ НИКНЕ

Всушност, во целиот текст доминираат коментаторски елементи, а никаде не е наведено дека станува збор за коментар. Значи, се нуди коментар „обландиран“ како дневна информација. И тука доаѓаме до поентата дека ова е хибриден текст кој „каде не го садиш, таму ќе никне“.

„Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот“ – вели членот 13 од Кодексот на новинарите на Македонија.

Бидејќи информативната за сметка на коментаторската компонента е „забаталена“, не може да се зборува за посериозен степен на содржајност. Впрочем, ако е интересно кој од кандидатите каде бил и што посетил, без притоа до јавноста да дојде  некоја важна порака, тогаш има други медиуми кои попрецизно ја пренеле „блискоста на владиниот кандидат“ до народот и притоа навистина се потрудиле добро да избројат.

Покрај низата суштински недостатоци, барем според моето мислење, минус е и отсуството на наведен автор. Написот е потпишан како редакциски. Веќе треба да ѝ се стави крај на практиката на „маскирање“ на вистинските автори на ваквите проблематичните текстови како анонимни или написи „напишани“ во редакција.

Можноста за оспорување на чисто „новинарскиот карактер“ на текстот ја начнува и самата насловна конструкција која е сѐ само не информативна и тешко дека би поминала во вистинска редакција. Имаме тенденциозна формулација и недвосмислен обид за спинување и заблуда на публиката без притоа во самиот текст да се понудат аргументи кои би го поддржале таквиот наслов.

Значи, имаме отсуство на точност, отсуство на извори, отсуство на информативна компонента, отсуство на балансираност, а за сметка на тоа „коментирање“ и партиска наклонетост. Македонски „хибрид“.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

и да и не

неточни наводи

неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има само еден

официјални

нерелевантни

1 извор

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

сеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

не може да се утврди

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

не информира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

неквалитетни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

поврзан со тагови

Претплатете се за најнови вести