Рецензија: Како живеат пензионерите на Балканот: Во Македонија преживуваат со 144 евра, во Хрватска имаат најголема пензија
Објавено во Рецензии
on 19 - 08 - 2013 Автор: Vladimir PetreskiДобро замислениот преземен напис во кој се анализира состојбата со пензиите во земјите на поранешна Југославија, има два проблеми.
Првиот е што бројката за износот на просечната пензија во Македонија не е точен. Тој не изнесува 144 евра. Според овој неточен податок испаѓа дека Македонија има најниски пензии во поранешна Југославија. Како што ќе видиме подолу, тоа не е точно. Проблемот овде е проширен и на тоа што оваа неточна информација е ставена во насловот со што грешката е уште поголема.
Вториот проблем е што никој во редакцијата на искусниот медиум што ја презел веста не ја воочил грешката, иако станува збор за разлика од речиси 32 отсто во однос на точниот износ.
Линк до оригиналниот напис: Како живеат пензионерите на Балканот: Во Македонија преживуваат со 144 евра, во Хрватска имаат најголема пензија
Датум и време на објавување: 19.08.2013 12:00
Датум на рецензирање: 19.08.2013
Рецензент: Владимир Петрески
Вистинитост: Во написот има редица податоци за платите и пензиите во поранешните ЈУ републики. Тие се точни. Нема причина да се сомневаме во угледот на една од најдобрите агенции во регионот каква што е најголемата турска агенција Анадолија од која е преземен овој напис. Но, податокот за просечната исплатена пензија во Македонија не е точен.
„ Според податоците од Заводот за пензиско осигурување на Македонија, просечната пензија изнесува околу 144 евра, а според Заводот за статистика на Македонија просечната плата во април годинава изнесувала 20.983 денари, односно 342 евра, што ги прави просечните примања на пензионерите за 200 евра помали од просечната плата.“
се тврди во написот, при што наведениот износ од 144 евра едноставно не е точен. Фондот за пензиско и инвалидско осигувурање (ПИОМ) редовно ги објавува податоците за движењето на пензиите во земјава и тоа од месец во месец. Како што може да се види од последните податоци за мај 2013 година на долниот исечок од табелите на ПИОМ, просечниот износ на исплатентие пензии во мај изнесувал 11.586,13 денари.
Со оглед на фактот што актуелниот курс на еврото според Народната банка на РМ денеска (19 август 2013) изнесува 61.4942 денари, тоа значи дека просечната исплатена пензија во земјава изнесува 188,4 евра, а не 144 евра како што се тврди во написот.
Ова значи и дека Македонија нема најниски пензии во поранешна Југославија, како што се стекнува впечаток во написот, туку дека пензиите во земјава се повисоки од оние во БиХ, каде што тие изнесуваат 171 евро.
Иако во написот не е кажано на кој месец се однесува бројката од 144 евра, во ниту еден месец годинава пензиите не биле на такво ниско ниво, дури ни во јануари годиава, односно преда Владата да ги зголеми за 5 отсто пред локалните избори.
Движење на просечно исплатени пензии во РМ (јануари-мај 2013) во денари |
|
Мај 2013 |
11.586 |
Април 2013 |
11.676 |
Март 2013 |
11.989 |
Февруари 2013 |
11.554 |
Јануари 2013 |
11.015 |
Извори на информации: Како извор на информациите е наведен токму Заводот за пензиско осигурување на Македонија. Покрај износот на сумите на пензиите, во написот е наведено и нивото на просечната исплатена нето плата за април годинава 20.983 денари, за што како извор е наведен Државниот завод за статистика. Овој податок е точен. Но, заклучокот кој следи дека пензиите се за околу 200 евра пониски од платите е неточен зашто износот на пензиите е неточен.
Содржајност: Написот е содржаен и добро обработен. Опфатени се поранешните ЈУ републики со кои е вообичаено да се споредуваме заради заедничкото минато во иста држава и наведени се редица податоци.
Пристрасност: Текстот не е пристрасен. Нема причина да се сомневаме дека ниту Анадолија, ниту медиумот кој го презел текстот имале намера да произведат спин. Анадолија е реномирана агенција, но останува прашањето од каде е добиен овој неточен податок.
Оригиналност/Плагијат: Медиумот кој ја презел оваа вест, ја презел и одговорноста за нејзината точност, односно неточност. Во конкретниот случај тој може донекаде да се анместира од вината зашто изворот на текстот е наведен. Но, само донекаде.
Квалитет на насловот: Насловот е предолг и се чини како уредникот да сакал во него да каже се и сешто. Несреќно е што погрешниот податок е во насловот, но тој е и најударен. Од друга страна, пак, не е наведено дека, барем според овие бројки, пензионерите во Македонија имаат најниски пензии.
Фотографија: Фотографијата е соодветна и квалитетна. Таа, сепак, е ставена само како илустрација. Со оглед на фактот што веста има редица податоци за движењето на пензиите во земјите од поранешна Југославија, многу лесно можело да се направи табела или, уште подобро, графикон и со тоа и графички да се претстават разликите во висината на пензиите во одделни земји.
Заклучок: Кога медиумите се потпираат на агенциски вести, тогаш врз себе ги преземаат и грешките во нив. Затоа, тие треба да го наведуваат изворот на преземените вести за барем донекаде да имаат алиби во однос на она што се објавува, како што е и сторено овде.
Од друга страна, пак, мора да се напомене дека во една добро информирана редакција бездруго треба да има барем еден новинар кој отприлика ќе знае како се движат пензиите во земјава и кој навремено ќе реагира кога ќе се појави неточен податок. И тоа особено кога станува збор за грешка во износи кои не се 5 или 10 отсто, туку речиси 32 отсто. Ова особено се однесува на медиуми кои истовремено се и агенции и кои своите вести ги продаваат на други медиуми или чиишто вести редовно се преземани од други медиуми, како што е тоа во овој случај. Оваа вест само неколку часа по објавувањето веќе е преземена од 6 други портали, а не би зачудило ако вечерва се појави и на некои ТВ вести или утре во весниците. Со тоа грешката се мултиплицира и станува многу потешко таа да се исправи.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
и точни и неточни
делумно
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
релевантни,
повеќе извори
повеќестрани
СЕОПФАТНОСТ
сеопфатнo
нема прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
целосно прикажува вистина
нема извртување на вистина (спин)
лажни информации
балансираност
КОМЕНТИРАЊЕ
нема коментаторски елементи
ПЛАГИЈАТ
целосна копија (агенциска вест)
ненаведен извор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
информира
некреативен
несензационален
соодветен
јасен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови