verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Грубо исмевање и безмилосна дискредитација

on 16 - 10 - 2015       

skrinsot-mesija-1-crop-resize

 

[Рецензија: Месијанскиот комплекс на лидерот]

 

Напис наменет исклучиво за грубо исмевање и за безмилосна дискредитација на политичката фигура на лидерот на Социјалдемократскиот сојуз, Зоран Заев, без допирна точка ниту со вистината, ниту со новинарство и со информирање. Во него се тргнува од една реченица, искажана пред половина година, истргната од контекст, за да биде употребена како драмска подлошка за една лоша претстава, во која грубо се валкаат угледот и честа на еден човек само затоа што има поинаков политички став од инспираторите, нарачателите и од пишувачите на претставата.
Авторот, на прв поглед, релативно солидно се потрудил да го „разигра“ материјалот на тема „месијански комплекс кај македонски политичар“ со доза цинизам, со „анализа“ на истакнати јавни личности кои „патат“ од истиот комплекс, со историски осврт на ова психолошко застранување, со „инсајдерски“ информации од партиските редови, па и со „стручно“ мислење на „компетентна личност“, која говори за „ликот и делото“ на анализираниот.

Но, во овој текст, ѓаволот ја однел шегата. Без многу огради и обзири, со написов се портретира ликот на лидерот на СДСМ, Заев, не само како негативна политичка фигура туку и како психички нездрава личност која пати од познатиот „месијански комплекс“ – психичко нарушување кое најчесто подразбира постоење шизофренија кај личноста која ја манифестира. Ова е првенствено отворена навреда упатена директно на адреса на конкретната личност, а згора на тоа „елаборирана“ со бројни неиздржани, па дури и смешни аргументи, кои не кажуваат ништо за „состојбата“ на Заев, туку за дрскоста и за безобѕирноста со која овој навредлив памфлет е проткаен од прв до последен ред. Врв на невкусот се илустрациите со кои грубо се исмева и се навредува Зоран Заев, а покрај него и Џорџ Сорос.

Рецензија: Погазени стандардите за објективно и непристрасно новинарствоЛинк до оригиналниот напис: Месијанскиот комплекс на лидерот

Датум и време на објавување: 04.10.2015 11:16

Датум на рецензирање: 13.10.2015

Рецензент: Југослава Дуковска

Кога се поставува прашањето за вистинитоста во написов, прво што треба да се каже е дека и она малку вистинитост што се појавува во него е – злоупотребена вистина и како таква не може да се смета за правилно презентиран факт пред читателите.
Текстов се потпира на едно постаро интервју на Зоран Заев, дадено во април 2015 година, на една локална охридска телевизија, од кое произлезе еден општопознат цитат, кој потоа со недели служеше за подбивање, исмејување и за невкусни коментари кај провладините медиуми. Еве го тој фрагмент:

„Јас сум човек од село, од село Муртино, струмичко. Пред некои 20 години работев по полето. Најверојатно Господ не ме црпна таму од нивите и ме донесе овде, за така низ вода да ме пушти.“

Но, кога ќе се преслуша снимката од целиот разговор, впечатокот од целиот настап на Зоран Заев е многу поинаков. Во делот во кој тој зборува за одговорноста која ја презел врз себе, обелоденувајќи ги прислушуваните разговори, и за тоа дали е под пресија и дали ги чувствува реперкусиите од власта и дали во некој момент се покајал за потегот, го вели следново:

„На ова гледам како на од Господ дадена голема чест. Да предводам нешто важно за мојата земја. Воопшто. Тоа само ме охрабрува дополнително“,вели, меѓу другото Заев во интервјуто каде поопширно елаборира како тој гледа на својата изложеност кон репресивните механизми на актуелната власт во Република Македонија поради она што се нафатил да го прави, а тоа е обелоденувањето на коруптивните скандали преку објавувањето прислушкувани разговори. Свесен е што се може да му се случи- обвиненија, подметнување мито, се со цел, како што вели, Груевски и Мијалков да останат на власт.“

Но, додава тој, нему му претставува голема чест да ја одигра таа улога на која се нафатил – објавувањето на вистината и појаснува:

„Јас сум човек од село, од село Муртино, Струмичко. Пред некои 20 години работев по полето. Најверојатно Господ и не ме црпна таму од нивите, ме донесе овде, за така низ вода да ме пушти. Само се движам искрено и исконски воден најверојатно по неговиот пат со целосно отворено срце и знам дека целта ќе ја постигнеме.“

Значи, ставена во поширокиот, во вистинскиот контекст, оваа изјава, која де факто е точна, не може да биде основа за извлекување на некаков квазистручен заклучок за некакво си психичко нарушување кај претседателот на СДСМ, туку само појасно ја покажува вистинската намера која стои зад пишувањето ваков деградирачки текст. Впрочем, да постоеше намера сериозно да се анализира психичката состојба на лидерот на СДСМ, текстот требаше да содржи најмалку еден став на компетентно стручно лице, психијатар или психолог. Такво нешто во текстот нема. Дијагнози тука поставува некој друг.

Текстов изобилува со извори, од секаков вид, официјални, неофицијални, анонимни. Но, проблемот лежи во тоа како тие извори се ползуваат и за кои цели, а овој текст е одличен пример дека и кога еден текст има извори, и тоа повеќе, тоа не значи дека е професионално и коректно одработен.

Веќе видовме дека официјална и јавно достапна снимка од интервјуто на Заев од која е оттргната фамозната изјава е злоупотребена како извор, иако секој можел да ја преслуша и да се увери дека Заев не зборува како психијатриски случај или како човек кој нема осет за реалноста. И цитат од книгата на Џорџ Сорос е искористен за подбивање и за дискредитирање на авторот, за да се покажела „паралелата“ помеѓу „забеганиот“ Заев и неговиот „ментор“, кој имал преференции кон него токму поради сличните фикс-идеи, па инвестирал милиони во опозицијата… Искористен е и детаљ од биографијата на Адолф Хитлер, во која еден од неговиот биографи зборува за месијанскиот комплекс на Хитлер за да се направи невкусна и депласирана паралела на лидерот на СДСМ со фашистичкиот диктатор.

Во написов стои дека се консултирани и анонимни извори, наводно, од партијата на Заев. Самиот поим на анонимен извор подразбира дека треба да му веруваме на збор на авторот на текстот дека тоа што ни го пласира како неофицијална информација е точно. Но, сите други проблематични елементи со кои текстов е преполн, нè наведуваат да имаме, во најмала рака, сериозна резерва кога се во прашање тврдењата на неговиот „анонимен извор“.

„Во СДСМ, пак, сѐ погласни се муабетите дека во партијата се подготвува петиција со која до изборите во април в година ќе му се забрани на лидерот да дава ТВ-интервјуа.“

Ова е, всушност, многу згодна формулација со која, како со ќебе си се покрива авторот за објавеното. „Сè погласни се муабетите“ е крајно субјективна оценка, која во реалноста тешко може да се провери, па затоа е и необврзувачка и оваа небулоза не мора да го издржува тестот на реалноста (утре, и да нема таква петиција, ќе излезе дека муабетите само навидум биле гласни, нели?).

Последен како извор е искористен човек кого провладините медиуми веќе извесно време го промовираат за политички аналитичар, иако е јасно дека со таа титула сè почесто се почестуваат и лица кои немаат никаква врска со политичката теорија и практика. Неговата „анализа“ на однесувањето на Заев е, всушност, негов личен политички став за објавувањето на „бомбите“ на опозицијата. Лицето е, инаку, поранешен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во македонскиот парламент и член на поширокото раководство на партијата на власт.

Кога овој текст се разгледува од аспект на пристрасноста, заклучоците се најпоразителни. Малку е да се каже дека написов е спин од најсоголен, најелементарен вид, преполн со лажни информации и со измислени тврдења. Всушност, тој, од прв до последен ред е еден збир на навредливи и омаловажувачки искази, кои немаат никаква друга цел освен да го исмејат Зоран Заев со еден специфичен покровителско-исмејувачки тон, кој симулира разбирање за болен или неинтелигентен човек, кој и не знае што прави.

„Малку, малку, па лидерот ќе го воскресне спасителското во себе. Светските психолози велат дека на овој начин личноста контаминирана со спасителство, всушност, бара итен спас и излез од грдата ситуација во која се нашла. Најлесниот пат за прикривање на инфериорноста е токму создавање на т.н. комплекс на супериорност. Ненамерно, неусилено и наивно, на површина излегува потребата од некаков, каков и да е излез и спас. Не залудно, прикаската за месијанското во него почна толку едноставно и искрено. Се сеќавате на веќе антологиската изјава: Господ не ме црпна таму од нивите и ме донесе овде за така низ вода да ме пушти.“

се вели на почетокот на текстот, за потоа да продолжи:

„Не поминаа ни неколку месеци од месијанската екскурзија на опозицискиот лидер и, како што неговиот прекар полека му заминуваше во заборав, така кај него растеше желбата за нагласување на обаа блискост. Рботата пукна во последното интервју. Спасителот не издржа и кажа:„Само јас и Господ знме што се се изнаслушаво на овие снимки, ама ме гледате дека денеска сум истиот Зоран Заев…“

Секако, намерно се заборава контекстот во кој се искажани овие две изјави од лидерот на СДСМ, кој зборува за содржините на снимките од прислушуваните разговори и она што тие ѝ го открија на јавноста, но затоа не пропушти да упати многу конкретна политичка порака до Заев дека тој треба да одговара за обелоденувањето на вистината:

„Со воскреснувањето на блискоста со Севишниот, лидерот повторно побара спас во улогата на негов штитеник, пријатна сенка во која не мора да се мачи да одговара за стореното. Или кажаното.“

Многу итро, насловот намерно го изоставува името на „објектот“ на „анализата“, туку зборува за „Месијанскиот комплекс на лидерот“, божем не откривајќи веднаш за кој тоа лидер станува збор. Но, читателите, па и оние помалку внимателните, веднаш по читањето на насловот ќе разберат за кој лидер станува збор, бидејќи веднаш над насловот згодно е поместена илустрација, поточно речено – груба и несмасна фото-монтажа на Заев како бомбаш-самоубиец, со палестинска (?!) шамија на главата. Вакви евтини „штосови“ се ретко видена работа дури и кај најфлагрантните примери на груб политички маркетинг во Македонија, а секако и пошироко.

Накусо кажано, написов кој го рецензираме не само што содржи навредлив говор, насочен кон дискредитација на конкретна личност, во случајов се работи за претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Зоран Заев, тој е дискредитирачки памфлет, кој и нема друга содржина или информативна употребна вредност, освен да го навреди и исмее објектот на својата „анализа“. Тој нема ништо заедничко со новинарството и незаслужено им се сервира на читателите наместо новинарски текст-анализа на политичка фигура, бидејќи ги валка сите стандарди за објективно и за непристрасно новинарство. Место му е на страниците на платена политичка пропаганда.

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

неточни наводи

неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални, неофицијални, анонимни

релевантни, нерелевантни

повеќе извори

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

наведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

информира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

манипулира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

неквалитетни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

поврзан со тагови

Претплатете се за најнови вести