Волчешки коментар во јангешка кожа
Објавено во Рецензии
on 11 - 06 - 2015 Автор: Владимир Мирчески
[Рецензија: Изборите се бомба од народот до за Заев]
Како што јагнешката кожа волкот не го прави јагне, така и визурата на вест овој коментар не го прави вест. Имаме четиво пласирано како информација, а, всушност, е непотпишан став. Класична медиумска манипулација преку намерно „мешање“ новинарски жанрови. Читателите се доведуваат во заблуда мислејќи дека в раце имаат информација, а, всушност, читаат политичко-партиски памфлет, кој речиси и да нема допирни точки со професионалните стандарди и со кредибилното известување.
Линк до оригиналниот напис: Изборите се бомба од народот за Заев
Датум и време на објавување: 07.06.2015, 14:22
Датум на рецензирање: 09.06.2015
Рецензент: Владимир Мирчески
Овој текст, едноставно, е продолжение на трендот на објавување коментари, секогаш непотпишани, во рубриката „Вести“. Причините за тоа, барем мене, сè уште не ми се докрај јасни. Во ред, некој сака да изнесе свој став во кој критички би се осврнал на дејствувањето на опозицијата и на нејзиниот лидер, тогаш зошто тоа и не го направи, ама на вистискиот начин: со име и со презиме, со јасна „назнака“ став, мислење, колумна и проблем би немало, барем од жанровски аспект. Вака, намерно се излегува од границите на прифатливото, како и од теоретската поделба на новинарските жанрови, кои, меѓу другото, постојат за публиката да знае каков вид материјал чита.
Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот – член 13 од Кодексот на новинари.
Токму поради ваквиот пристап „кукавичко јајце“, под знак прашалник е доведена вистинитоста на материјалот. Врз основа на што да поверуваме дека „најголемата бомба која ќе му ја испорача народот на Зоран Заев се изборите“? Да имавме коментар во вистинска смисла на зборот, ќе речевме „да“, им веруваме на сознанијата на тој што го напишал, на неговиот „новинарски“ багаж, на неговите инсајдерски информации поврзани со „правењето анкети на кои се гледа расположението на народот“. Но, тоа во овој случај го немаме. Изворите со кои би се поткрепиле изнесените тврдења се непостоечки, отсуствуваат соговорници чии изјави би ги аргументирале формулациите како:
„Покрај немањето поддршка во народот, Заев се соочува и со уште еден сериозен проблем а тоа е се помалата доверба помеѓу членството и поддржувачите на СДСМ.“
ВЕТЕР И МАГЛА, НО НЕ ФАКТИ И ПОДАТОЦИ
Многу ветер и магла, а малку податоци и факти, од новинарска гледна точка, за тоа да се покрие. Сериозен недостаток се и пишувањата дека „Заев е за федералиација на Македонија, откажување од идентитетските прашања во разговорите со Грција“, бидејќи ако се видат неговите оригинални, а не „сечените, лепените, монтираните и вадените од контекст“ настапи, јасно е дека тоа не е така. Оттука, не е многу тешко да се заклучи дека содржајноста не е јака страна на текстот. Провејува силен фалбаџиски впечаток кој би бил очекуван од некакво партиско соопшетние, но не и од напис кој претендира да биде „новинарски“. За да бидеме коректни, мора да го споменеме соопштението на ВМРО-ДПМНЕ лиферувано еден ден по објавувањето на написов, кое, во основа, го кажува истото. Случајност? Не би рекол!
Значи, се фали владата и нејзините, како што се вели, постигнувања, а од друга страна, по секоја цена се куди опозицијата, и кога за тоа има оправдување и кога нема. Поточно, неизбежна е атмосферата дека другиот табор, наспроти владејачкиот, ама ич не го бива – оцрнување и омаловажување се присутни безмалку на секој чакор. Јасно е дека во такви услови нема ниту „б“ од балансираност, ама, пак, затоа има големо „П“ од пристрасност.
„Во ситуација кога цел свет предвидува прогоноза на највисок економски раст во Европа на нашата земја и кога се отвораат нови работни места и интензивно и обемно се инвестира во автопати, училишта, болници, кога се даваат највисоки субвенции за земјоделците, потезите на Заев на еден нелегитимен и крајно неморален начин тоа да го укочи и запре, па и да го уназади, наидуваат на жестока народна реакција која ќе се ефектуира на изборите каде што Заев ќе изгуби повторно убедливо.“
Прогонзерските елементи без аргументи по теркот на баба Ванѓа и настапите по теркот „фали ме усто…“, не се дел од професионалните стандарди. Истото важи и за насловната конструкција, кај која наместо неопходната информативна компонента, има само сензационализам.
Сумирано: коментар, коментар, коментар, лошо, лошо, лошо…
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
нема евидентирани извори
не може да се утврди
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
не може да се утврди
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
најверојатно е оригинал, ама непотпишан
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
не информира
некреативен
сензационален
несоодветен
нејасен
ФОТОГРАФИЈА
има
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
поврзан со тагови