verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Нема обвинителен акт, ама има медиумска пресуда

on 20 - 04 - 2015       
Овој напис го има и на: Албански

111111-09876-098-crop-resize

 

[Рецензија: Истрагата за „Пуч“ заврши, јавноста ја знае вистината]

 

Медиумски гем – сет – меч за власта. Во овој текст не само што пресумцијата на невиност е апстракција, туку баш се тврди спротивното – пресумција на вина. Лидерот на опозицијата не само што е предвреме обвинет за аферата „Прислушување“, туку низ овие редови е и осуден. Пример за агитпроповски материјал, со бројни елементи на прекршување на професионалните стандарди, подготвуван по партиски, а не по новинарски урнек.

11111Линк до оригиналниот напис: Истрагата за „Пуч“ заврши, јавноста ја знае вистината

Датум и време на објавување: 14.04.2015, 15:30

Датум на рецензирање: 17.04.2015

Рецензент: Владимир Мирчески

 

„ПРЛЕ ПРЕД МАГАРЕ“ 

Со овој напис некој се истрчал како, народски кажано, „прле пред магаре“. Да почнеме од процедурална гледна точка: истрагата за случајот „Пуч“ е завршена, ама обвинителството сè уште не се произнело дали ќе покрене обвинение против лидерот на опозицијата или не. Значи, од аспект на постапување сè уште нема ниту обвинителен акт, ама тоа некому не му пречело веќе да донесе дури и пресуда. Очекувано, тоа е формулирано низ фамозната конструкција „јавноста“ – демек јавноста знае дека првиот човек на СДСМ навистина соработувал, ама и одработувал со странски разузнавачки служби, како што самиот премиер самоуверено објави пред тоа да го сторат надлежните органи. По некаква си проста аналогија, тоа би значело дека се прави знак на равенство меѓу јавноста во целост и еден нејзин сегмент, кој, можеби, е уверен во вината на Заев? Тоа е само продолжување на приказната што со години се продава дека целата држава стои зад одлуките на владејачката партија. Тоа и ни дава аргументи да се сомневаме дека овој напис, судејќи според начинот на кој е скроен, всушност, е дополнување на политичката пресметка на власта со опозицијата, но со медиумски средства.

Некој, преку средствата за информирање, некого јавно распнува и го прогласува за виновен пред за тоа да се произнесат институциите. Тука не би сакале да навлегуваме дали и колку обвинителството и судството ја вршат и ќе ја вршат својата работа исклучиво врз правото, или, пак, ќе се потпрат врз некои други критериуми. Толку од аспект на формалната постапка за „Пуч“, а со тоа и за вистинитоста на приложениот текст.

 

СЕЛЕКТИВНО „ПРЕЏВАКУВАЊЕ“ НА СИТУАЦИЈАТА

Другиот сериозен фелер на материјалот е неговиот силен коментаторски пристап, кој уште повеќе ја разоткрива пристрасната и необјективна содржина која ѝ се нуди на публиката по принципот „селективно преџвакано“. Точно е дека одредени настапи на опозицискиот лидер во периодот пред и по почетокот на објавувањето на „бомбите“, особено за тоа дали имал или не контакти со некои лица, не манифестираа високо ниво на конзистентност, но во тој ред не спаѓаат и неговите изјави во однос на тоа кој и зошто прислушувал, бидејќи тоа досега беше соодветно аргументирано со цела низа објавени телефонски разговори, чија веродостојност ја потврдија некои од инволвираните. За коментарите, би рекле ептен „обоени“, зборуваат примерите:

„Јавноста не се сомнева дека опозицискиот лидер Зоран Заев, кој е меѓу осомничените, соработувал со странските центри чијашто мрежа вршела прислушкувања во државата.“

 

„Фатен во тесно, Заев повторно се сопнува на сопствените лаги и измами. Разголено е неговото сценарио за дестабилизација, внесување криза и уривање на системот.“

 

Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот – член 13 од Кодексот на новинарите.

Насловната конструкција е приказна за себе, пак „јавноста знае“, нормално пред тоа да го дознаат и обвинителството и судот. Па, чекајте, зошто ги плаќаме институциите ако сè самите како граѓани си знаеме, секако ако се информираме само од одредени медиуми?!

Конечната оцена е гем – сет – меч за непрофесионалноста, да истакнеме: повторена во неколку слично-исти текстови, наспроти кредибилното известување.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

неточни наводи

неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

нема евидентирани извори

не може да се утврди

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

не може да се утврди

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

најверојатно е копија

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

не информира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

дискриминира

социјална, политичка дискриминација

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

поврзан со тагови

Претплатете се за најнови вести