Рецензија: Игор Џамбазов претепан во Битола
Објавено во Рецензии
on 22 - 12 - 2014 Автор: Владимир Мирчески
Аман од вакви наслови. Единствена цел им е да ја „насанкаат“ публиката преку сензационалистичкиот пристап, а содржината најчесто или нема врска или е надвор од контекст, или, како во конкретниот случај, е со промашена „временска димензија“.
Линк до оригиналниот напис: Игор Џамбазов претепан во Битола
Датум и време на објавување: 17.12.2014, 22:48
Датум на рецензирање: 19.12.2014
Рецензент: Владимир Мирчески
КОГА НАСЛОВОТ ЌЕ ЈА „ЗАСТРАНИ“ ПУБЛИКАТА
Ако во насловот бомбастично кажете „Игор Џамбазов претепан во Битола“, а потоа во многу кусиот текст составен само од две реченици објасните дека станувало збор за настан од бурното минато на актерот, тогаш тоа, според мене, е чиста манипулација и извитоперување на вистината. Поточно, тоа е вадење од контекст на димензијата сегашност и актуелност која секоја вест, па макар била и толку оскудна, мора да ја задоволи. Точно е дека добар наслов ја продава информацијата, но тука не станува збор за тоа. Имаме сензационална насловна конструкција која не ја отсликува реалната ситуација. Значи, шоуменот го „јадел“ одамна во градот на конзулите, не е прецизирано кога и тоа секако не кореспондира со насловот кој, како што веќе рековме, ја заблудува публиката, ја тера да кликне и со тоа да ја зголеми посетеноста на конкретната веб-страница. Но, притоа другата страна – јавноста останува покуса, бидејќи многу брзо увидува дека била заведена и насочена на сосема поинаква страна од вистинската состојба која е дека „Актерот не е претепан во Битола“, туку „бил претепан некогаш во минатото“. Разликата е огромна, би рекле километарска. Еве кои се насоките на школата за новинарство на престижниот Универзитет „Колумбија“ за креирање насловни конструкции:
Четири императиви за пишување наслов:
- мора да биде точен;
- мора да биде лесно разбирлив;
- мора да привлекува внимание;
- мора да одговара на тонот на текстот.
(Предупредување при пишување наслови: Никогаш не дозволувајте слатки, креативни наслови да ја заспелат потребата од точност и од прецизност. Внимавајте на наслови кои имаат несоодветно значење.)
Мислам дека доволно е кажано. Од погоре прикажаното, конкретниот наслов исполнува само еден критериум – привлекува внимание и ништо друго.
Но, ова не е првпат, а изгледа ниту последен да произлегуваат материјали со тенденциозно изнасилени наслови, честопати невистинити, надвор контекст и само со една единствена задача – неаргументирано и безмалку врз лажни основи да ги „навлекуваат“ читателите.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
точни наводи
веродостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
релевантни
1 извор
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
не може да се утврди
Не може да се утврди
КОМЕНТИРАЊЕ
нема коментаторски елементи
ПЛАГИЈАТ
најверојатно е оригинал, ако така воопшто и може да се нарече
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови