verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Грчев планирал многу повеќе објекти на плоштадот ”Македонија”

on 20 - 08 - 2013       

„Два нови моста на Вардар, огромни згради на сите страни, повеќатни зданија на кејот на реката Вардар. Скиците од кои дојде Сител покажуваат како архитектот Мирослав Грчев го замислувал строгиот центар на Скопје, вклучувајќи го и плоштадот Македонија. Ова е планот кој во 1997 победил како најдобро решение за урбанизација на Малиот Ринг. Главен архитект потпишан на него е токму најжестокиот критичар на Скопје 2104 Мирсолав Грчев. Цртежот покажува дека Грчев и мнозинството на СДСМ во Општина Центар тогаш гласале план каде се предвидува градба на многу повеќе објекти од тие што сега се градат во рамките на проектот Скопје 2014“.

Ова е вовед во прилогот кој отиде во неколку дневни информативни емисии во текот на денот и кој со многу мали, небитни разлики одеше и на други телевизии (пред сѐ во националниот сервис МТВ) и во текот на следниот ден. Прилогот е објавен по критиките за пренатрупаноста на централниот плоштад, особено со најавата на градоначалникот Коце Трајановски дека непосредно пред Камениот мост ќе се градат нови објекти.
Како и си сите кампањски текстови и тука се забележуваат недозволиви пристапи, кои, доколку ги користат партиските штабови е една работа, а доколку се најдат како вести или слични прилози по медиумите, тогаш мора да се гледаат низ призмата на зголемена одговорност за искажан збор. Забелешките се бројни – од некористењето на достапни извори, до мешање на термини…

Грчев планирал многу повеќе објекти на плоштадот ''Македонија'“Линк до оригиналниот напис: Грчев планирал многу повеќе објекти на плоштадот ”Македонија”

Датум и време на објавување: 12.08.2013 во 17:05

Датум на рецензирање: 13.08.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост: Во прилогот се прават паралели меѓу решавањето на урбанистичкиот простор на централниот плоштад (Македонија) во различни времиња, што не е нешто необично. Но, доказот дека постоела „пренатрупаност“ и кај арх. Грчев во постарите времиња се бара на доста поширок урбанистички реон (таканаречниот Мал ринг, кој по површина секако е 100 до 200 пати поголем од плоштадот) и при тоа намерно се мешаат лончињата. Иако во ТВ прилогот се дава нацртот на Грчев, на пример, немаме стоп кадар за да можеме да ги изброиме тие објекти, туку започнува броење на небаре сите објекти во Општината Центар, кои ги планирал Грчев како архитект! Тоа во фудбалот би се нарекло недозволен потег – „играње со ѓон“, бидејќи, ако нешто не започне во стартот како чесно и непристрасно „броење“ односно аргументирање, тоа секако така и ќе заврши кај заклучоците.

Извори на информации: Иако арх. Мирослав Грчев е доста глаголив и е достапен како извор, секако е и клучен соговорник за ваков е прилог, каде објектот на напад е само едно лице,  тој самиот вооопшто не е присутен. Во ТВ прилогот, што не може да се види од приложениот линк,  се користени негови архивски снимки како замена на неговите зборови, но таа „присутност“ секако е елементарна пристојност во вакви јавни обраќања за нечие дело.

Во овој прилог невидлив е и коментаторот на делото на Грчев, така што тој останува непознат за нас како читатели. Во ТВ прилогот се појавува новинар за сето тоа да излгледа дека можеби е и авторски прилог, ама одново, од начинот на кој сето тоа е обработено, е сосема видливо дека се работи за нешто што треба само да се – проследи, особено заради идентичноста на целата конструкција и во други ТВ станици!

Содржајност: За да се добие било каква споредба меѓу една урбанистичка и друга урбанистичка визија, нештата секако треба да се споредуваат и квантититативно. Се разбира, овој приод (квантитативниот) не е обврзувачки, ама ако е веќе избран од авторот на прилогот, тогаш е неопходна доследност. Пример – ако арх.Грчев предвидел три објекти на самиот Плоштад, нека се избројат колку ги има сега?! Ова делува како задоволување на формалната логика. Во тој случај, секако би се изброиле двојно или тројно повеќе објекти (згради), на кои инаку би требало да се додадат скулптурите, кои се габаритни и не се обичен „украс“ на просторот, туку се дел од општата резиденцијалност на просторот.

Пристрасност: Авторот на прилогот не наведува за кој урбанистички план говори, која година е донесен и слично. Се говори на пример дека урбанистичкиот план за централното градско подрачје е донесен кога градоначалник бил Ристо Пенов, ама се заборава да се каже дека тој на власт дојде како коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ(!) и дека како таков секако можел и сметал на гласовите на советниците од оваа мнозинска партија. Тоа се важни факти кои тука се прескокнуваат за на нападите на постојната урбанизација да им се даде опозициска боја, а да се одбегне фактот дека се работи за револт, пред сѐ, на оние кои живеат на тој простор.

Постојано има  терминолошки грешки – се говори дека Грчев предвидувал градби на кејот, што не е точно, туку на брегот на Вардар (тоа би било покоректно), бидејќи градби кои се навистина на кејот и кои го рушат истиот како заокружено и сеопфатно урбанистичко решение, прави само постојниот градоначалник Трајановски.

При вакви споредби, за да нема пристрасност, неопходно е да се гледа и габаритноста на објектот – на пример, во планот на арх. Грчев, видливо во она што го дава камерата на местото на сегашниот хотел на Кондоминас е предвиден далеку помал објект што ја следи линијата на плоштадот, а не навлегува во него!

Коментирање: Прилогот завршува со коментар токму за политичките релации меѓу Грчев и Пенов, за кого се констатира дека бил политички ментор на Жерновски, па се формира релација Грчев – Жерновски, сето тоа низ нешто што во новинарското се нарекува анегдотски фрагментизам (тој на оној, а оној на овој…) што модерниот журнализам не го дозволува, особено заради долгиот пат на политичка транзиција кој во конкретниот случај на споредба го доживеа и Пенов и Жерновски во рамките на старо-новите сојузи на ЛДП.

Оригиналност/Плагијат: Утврдувањето на оригиналноста е навистина тешко ако еден ваков прилог видите на уште неколку национални радиодифузери, со мали нијанси на измени!

Квалитет на насловот: Насловот е насочувачки во однос на содржината и тој ја исполнува својата цел. Сосема друго е тоа што имаме работа со наслов кој во себе вклучува заклучок, односно поаѓа од тоа дека на читателот треба „да му се помогне“ во тој процес на „подвлекување на црта“, после изнесувањето на содржината.

Фотографија: Фотографијата е селективна и таа го фаќа веројатно единственото зелено парче на актуелниот плоштад за да предизвика впечаток на „хармонија“ на урбанистичките делови кај читателот, што, инаку, во стварноста и во најголем дел од точките на перцепција се задушувачки и просто не даваат да се дише со својата пренатрупаност.

Заклучок: Архитектите и скулпторите со своите дела создаваат трајни градби, кои секако треба да бидат дел од написите во медиумите. Генерално, последните две децении кај нас за градбите се пишува главно пост фестум, независно од приодот. Објектите што се предмет на критика во овој прилог имаат една суштинска особеност – тие говорат пост фестум, ама за нешто што не е реализирано или е реализирано само во неколку проценти! И на тоа му се дава централно место во текот на еден или два дена на скапото ТВ време? Колкав простор заслужуваат тогаш реалните градби што никнуваат речиси секој ден пред нашите очи?

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

не може да се одреди

не може да се утврди точноста на наводите

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

нема евидентирани извори

аноними

нерелевантни,

не може да се утврди

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

не може да се утврди

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

издвоено од фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

не може да се одреди

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

насочувачки

несензационален

соодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

несоодветна

манипулира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

не апликативно

Претплатете се за најнови вести