verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Погрдни зборови на границата од говорот на омраза

on 14 - 08 - 2015       

11111-0987-09807-crop-resize

 

[Рецензија: Градот кој треба повторно да го запознаете: Воодушевувачка убавина, широки насмевки и прекрасна атмосфера – Скопје!]

 

Неверојатно четиво кое успева да ги погази безмалку сите стандарди во новинарската професија. Целосно пристрасен коментар, преполн со лични впечатоци, без каква било аргументација, со силен „плукачки“ печат против оние кои не ги споделуваат т.н. вредности кои се воспеваат во текстот. Ова не е само своевидна хроника на сегашноста, алегоризирана преку „Скопје 2014“, туку и рекомпонирање на историјата на Скопје кое во изминатите години доживеа, се извинувам на изразот, „урбанистичко“ изживување од најнизок вид за кое скопјани не беа прашани дали го сакаат или не.

1111Линк до оригиналниот напис: ГРАДОТ КОЈ ТРЕБА ПОВТОРНО ДА ГО ЗАПОЗНАЕТЕ: Воодушевувачка убавина, широки насмевки и прекрасна атмосфера – Скопје!

Датум и време на објавување: 10.08.2015

Датум на рецензирање: 10.08.2015

Рецензент: Владимир Мирчески

 

„СКОПЈЕ 2014“ ИСКЛУЧИВО НИЗ РОЗОВИ ОЧИЛА

Веќе сме ја кажале поговорката „За вкусовите не се расправа“. Некому нешто му се допаѓа, што, пак, на друг ич не му фаќа око. Но, личната перцепција за некого или нешто апсолутно не дозволува да се плука по тие што не ја споделуваат таа перцепција. Во ред, има такви на кои им се допаѓа „Скопје 2014“, ама има и многу кои не можат да го смислат, а да не ги заборавиме и тие што се со поделени мислења за овој мегапроект на актуелната власт. Ако некој си се нашол во првата група, зошто тогаш да им забележува на другите и да ги квалификува како „багра“. Па, луѓе, секој си има право на свое мислење, впрочем тоа е нормирано во Уставот на РМ:

Се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата – член 16.

Погрдните зборови употребени во написот, кој, во суштина, е чист коментар, се на границата, ако веќе и не ја преминуваат, на говор на омраза:

„Дека пропагандата на соросоидите е тотално неоправдана, или пак можеби е оправдана доколку претпоставиме дека тоа и е работа на соросоидите, тие јадат леб за да плукаат во далечина, за да трујат и да бидат рак на општеството. Можеби е оправдано ако знаеме дека сорсоидната багра генерално е составена од неуки, нискоинтелегентни личности кои во својот живот освен 200 метри надвор од границите на Скопје немаат отидено. Секако, со чесни исклучоци како вахабистите во редовите на соросоидите кои често патуваат во Саудиска Арабија и останатите земји каде што владее тероризмот и џихадизмот.“

Кодексот на новинари е јасен:

Следејќи ја својата улога во градењето на демократијата и на цивилното општество, новинарите ќе ги бранат човековите права, достоинството и слободата, ќе го почитуваат плурализмот на идеите и ставовите…

Но, кој го „рецка“ Кодексот, нели?!

Интересно е дека во текстот нема какви било извори на информации. Поточно, сè се сведува на личен впечаток, што, пак, ја начнува и дилемата за каков новинарски жанр станува збор: коментар, репортажа, колумна, извештај… Некаков жанр е, само сигурно не е новинарски. Камо изјави од задоволни граѓани, камо факти за бројноста на туристите некогаш и сега, камо мислење на авторитети за актуелниот и за изгледот на Скопје во минатото, камо ставови на архитекти, независно кои, да ја демистифицираат трансформацијата на главниот град од модерен во неокласичен, камо што велат познати „скопски фаци“? Ги нема! Ама затоа сопствена перцепција, која со инка им се сипува на читателите, има колку сакаш. Некритичкиот однос кон целиот зафат за „разубавување“ на Скопје е во најмала рака зачудувачки. Тој што го пишувал текстот, не нашол ниту една мана или недостаток, абе сè му се допаѓа. Браво, нема што. Фалбите на моменти се демантираат во наредната реченица:

 „А домаќините, продавачите на сувенири, оние скараџиите кои ја печат пченката ги воодушевуваат сите нив со нивните јазични способности. Речиси секој знае англиски, збор два но сите се разбираат.“

Види, види, странски јазик знаеш и ќе „воодушевуваш со јазични способности“ макар „скршил“ барем два збора англиски. Небулоза.

Не треба да се изуми ниту „стручната“ поделба на градот на, внимавајте, „онаа“ страна.

„Центарот на градот повеќе не е нагрден од „онаа“ страна на Вардар каде што беше старата меѓуградска автобуска станица, дувло на наркомани и дива депонија.“

Ако има „онаа“, тогаш има и „оваа“ страна. Што е значењето, дека оваа е подобра од онаа, или дека онаа не е дел од оваа страна? Опасни конструкции, ќе повторам опасни и истурени на хартија без мислење.

И конечно, ќе си дозволам, една лична позиција – Скопје и не умрело за, како што нападно и вулгарно ни се сугерира, сега „како феникс одново да се роди“.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

не може да се утврди точноста на наводите

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

нема евидентирани извори

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

не може да се утврди

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

не информира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

манипулира

не, најверојатно се автентични

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

безмалку на граница на говор на омраза

не потикнува на насилство

дискриминира

национална дискриминација, верска дискриминација, социјална, политичка дискриминација

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести