Веќе видена проѕирна манипулација
Објавено во Рецензии
on 16 - 06 - 2015 Автор: Александар Писарев
[Рецензија: Господине Заев дали разбирате што зборуваме?“ – детали од преговорите во Брисел]
Ако уште на почетокот на преговорите за решавање на политичката криза во државата било договорено дека деталите од она што ќе се зборува зад затворените врати нема да се изнесуваат во јавност додека не се постигне договор и дека комуникацијата со медиумите ќе се одвива преку соопштенија, се поставува отворено прашање – дали текстот што го рецензираме медиумот го објавил врз основа на прислушување и ѕиркање низ клучалка на дописникот на државната агенција МИА или целата приказна е измислена и монтирана за да се замајува јавноста, да се манипулира со читателите и наголемо да се спинува во полза на преговарачка страна, чии интереси ги штити медиумот и да се фаворизира позицијата на актуелната власт. Апсолутно пристрасен текст.
Линк до оригиналниот напис: Господине Заев дали разбирате што зборуваме?“ – детали од преговорите во Брисел
Датум и време на објавување: 12.06.2015, 11:47
Датум на рецензирање: 16.06.2015
Рецензент: Александар Писарев
„ЧЕШМА ШАРЕНА“
Текстот се базира на само еден целосно нерелевантен извор – интервјуто на дописникот на МИА дадено во емисијата „Јади бурек“, што дава за право да се посомневаме во веродостојноста на напишаното, бидејќи тој ни практично, ни теоретски не можел да биде дел од преговарачкиот тим и да присуствува зад другата страна на затворената врата. Изворите на кои тој се повикува се од „пред кооперација“ или „чешма шарена“ .
Стандардите на новинарската професија дозволуваат да се пренесе интервју или делови од интервјуто како новинарска форма, но фактите што се изнесени треба да се проверени и поткрепени со извор. Тоа го налага и членот 1 од Кодексот на новинарите на Македонија кој вели „Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно“.
Манипулацијата со читателите и спинот почнуват уште од насловот. За кај читателите да се засили чувството дека тој што го дал интервјуто, наводно, бил непосреден сведок на настанот, во насловот е изваден наводниот цитат од реченицата која дипломатите му ја упатиле на Заев: „Господине Заев дали разбирате што зборуваме?“ – детали од преговорите во Брисел“.
„ЗАСТАВА ФИЛМ“ ПРИКАЖУВА
Дописникот на МИА, во пренесените делови од интервјуто, се претставува како очевидец на настанот, и на читателите, со измислена приказна, како на филмско платно се обидува да им ја прикаже „атмосферата од настанот“ и „омаловажување на Зоран Заев“ кое дипломатите му го приредиле. Тенденциозно е избрана фотографијата на која во еден момент еврокомесарот Јоханес Хан гестикулира кон лидерот на СДСМ, Зоран Заев, од која се добива впечаток дека го „кара“. Апсолутно ниско, непримерно, срамно и спротивно на основните принципи на Кодексот на новинарите на Македонија.
Еве го цитатот од тоа што, наводно, дописникот на МИА го „видел и слушнал“ на преговорите.
„Почнуваат европските претставници да му кажуваат што значи преговори, што дијалог, дека тоа е двонасочна улица каде се добива, се дава, се губи и тоа е дијалог. Тоа на Заев е монолог. На почетокот тој ги поставува ултиматумите и од тој момент вели јас тука завршувам. Неколку часа Заев на тие преговори молчи и главата ја држи доле. Во повеќе од 20 обиди на европските претставници нешто да му укажат, да остварат комуникација со него, Заев не им возвраќа… Тој делувал најмалку како здраворазумско суштество присутно на клучни преговори за излез на Република Македонија.“
Само политички неписмен читател може да поверува дека етаблираните дипломати, кои посредуват на преговорите, можат да употребат вака недипломатски речник и вулгарности во разговорот со лидер на опозицијата и претседател на една од најголемите политички партии во Македонија.
Целта на интервјуто со „сведок на настаните“ во „Јади бурек“, како и пренесување на деловите од неговото интервју како извор за посочениот текст се јасна и многу провидна манипулација, видена повеќепати во последните месеци, да се дискавлификува лидерот на опозицијата, да се прикаже како аутсајдер во преговорите и како политичар чија кариера е на залез, поради што тој станува предмет на „исмејување меѓу дипломатите“.
„Меѓу другото имало таму шеги на негова сметка од видот „Дали ти разбираш што зборуваме“, бидејќи Заев од сите присутни таму буквално најмалку знаел англиски и за него постојано се повикувал преведувач.“
Во продолжение со амбивалентен приод и со инкорпорирани цитати од интервјуто, медиумот врз основа на „аргументите“ на неименувани дипломати ја брани позицијата на власта и на премиерот Груевски „кој не може да прифати ултиматуми и малтретирање на целиот народ од страна на Заев, бидејќи е легитимно избран со признание од ОБСЕ и од ЕУ“ .
Во вакви случаи вреди да се потсети на Иницијатива за етичко новинарство на Меѓународната федерација на новионарите и Принципите на катедрата на УНЕСКО за медиумите, кои предупредуваат дека е недозволива политичка пристрасност, демонизација на политичките противници и дека во известувањето од политичките процеси новинарите морат да останат максимално непристрасни.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
нема факти
не може да се утврди точноста на наводите
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
неофицијални
нерелевантни
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови