verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Големата воља за моќ кај Груевски, Ахмети и Црвенковски е знак на разнишано либидо

on 24 - 04 - 2013       

Кога Македонија е психијатриски случај…

Рецензија: Големата воља за моќ кај Груевски, Ахмети и Црвенковски е знак на разнишано либидоЛинк до оригиналниот напис: Големата воља за моќ кај Груевски, Ахмети и Црвенковски е знак на разнишано либидо

Датум и време на објавување: 23.04.2013

Датум на рецензирање: 24.04.2013

Рецензент: Биљана Илиќ

Вистинитост на факти: Написот на порталот Интервјуа е разговор-интервју со Мицко Дудучки, психијатар од Куманово. Во разговорот Дудучки изнесува интересни оценки и смели „дијагнози“, кои се темелат врз генерализации и стереотипи.

Од тие причини, поради методолошкиот пристап на  интервјуираниот, па делумно и на авторот на интервјуто, тешко е да се утврди дали некои од клучните оценки во ова несекојдневно интервју можат да се окарактеризираат како факти, или само како импресии од жовијален карактер.

Извори на информации: Како што е тоа вообичаено во написи од жанрот интервјуа, евидентираме присуство на еден, единствен извор – тоа е личноста која се интервјуира. Авторот ја претставува како „еден од водечките невропсихијатри и психотерапевти во Македонија, со импресивна професионална биографија“.

Некои од исказите во интервјуто, а особено методолошкиот пристап на интервјуираниот при оценувањето на општествените состојби, сепак, во извесна смисла, го покренуваат прашањето на релевантноста на изворот.

Содржајност: Во рамките на основната теза и на авторот и на интервјуираниот – а тоа е тврдењето дека „менталната состојба на народот“ е „социјална психоза“ – обајцата се трудат да дадат максимална елаборација и во таа смисла, текстот е сеопфатен.

Пристрасност: Тешко е и прилично неодговорно за „менталната состојба на народот“ да се зборува само со психијатриски термини и категории. Прашање е дали воопшто постои и социо-психолошка, а камоли психијатриска категорија што може да се дефинира како „ментална состојба на народот“. Во написот има неколку „дијагнози“, чија стручна поткрепеност би можела да се доведе во прашање.

„Соочени сме со многу сериозна форма на социјална психоза“.

„Често на нашите стручни состаноци со колегите дискутираме, како да се помогне, како да се испрати што посилен апел за да се алармира власта, да обрне внимание на она што е најзначајно во душевното здравје на нацијата“.

Што е тоа „душевно здравје на нацијата“?

Или ова:

„Потреба од стручна помош, заради вистинска, тешка депресија, имаат најмалку 30.000 наши граѓани“.

Овој податок не е атрибуиран и не е јасно од каде е оваа проценка, која можеби е и точна. И најконтроверзната оценка:

„Би рекол дека во сите три личности (Груевски, Ахмети и Црвенковски – н.з.) постојат максимални фрустрации и желба за доминација. Синдромот на малиот човек се манифестира преку она што Ниче го нарекува воља за моќ, а според психоанализата, вољата за моќ е компензација за разнишаното либидо. Со други зборови кажано, во политиката е моќта, а моќта претставува сурогат за либидото“.

Пожелно е да се објасни (а одговорниот автор требало да го постави тоа прашање), врз основа на какво психијатриско иследување Дудучки утврдил недостиг од сексуална енергија (либидо) кај спомнатите три личности.

Коментирање: Жанровската определба на написот соодветствува со многубројните коментари на интервјуираната личност за актуелните општествени и политички состојби. Коментарите се издвоени во одговорите.

Квалитет на насловот: Насловот „Големата воља за моќ кај Груевски, Ахмети и Црвенковски е знак на разнишано либидо“ ја носи основната, сензационална „информација“ за ослабената сексуална енергија на три видни политички личности. Насловот ветува детали за „дијагнозата“, но тие во написот изостануваат.

Говор на омраза: Написот не содржи елементи на дискриминација, но детектираме неприфатливи генерализации, во делот во кој се опишува „менталната состојба на народот“.

Освен тоа, можеме да кажеме дека единствената „дијагноза“ за тројцата политичари, за нарушеното либидо, непоткрепена со аргументи, е навредувачка и дискредитирачка.

Заклучок: Повеќето од ставовите на интервјуираната личност, кога би биле „продадени“ како мислења на еден интелектуалец за општествените и за политичките проблеми, можеме да ги оцениме како интересни, спектакуларни и атрактивни во нивната жовијалност и инспиративни.

Угледен македонски психијатар кој има либерални погледи на политиката секогаш е интересен и пожелен соговорник. За жал, веројатно поради невнимание и извесна желба на авторот за сензационално четиво, соговорникот се впушта во психијатриски оценки за социолошки проблеми, при што се присутни неочекувани и неприфатливи генерализации и стереотипи.

Рецензија: Големата воља за моќ кај Груевски, Ахмети и Црвенковски е знак на разнишано либидо

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

Претплатете се за најнови вести