verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: ФОТО: Со возило од 80.000 евра Заев ја промовира среднта класа?

on 4 - 01 - 2014       

b3-00000345-00006543-crop-resize

Ако според една од многу дефиниции „Веста е таков облик на новинарско изразување со кој во најкуси црти се одговара на прашањата кој, каде, кога, што, како и зошто и така јавноста се известува за еден или повеќе факти“, а коментарот е „Очекување на публиката за проширена информација добиена од истражување, но и став на авторот“ прашањето кое се поставува е зошто во последниот период толку многу се инсистира на мешање на овие два жанра во одредени домашни медиуми? Дали поради незнаење, или намерно со некаква цел? Кога ќе се земе во предвид дека во поголемиот број случаи во ваквите „новинарски микс-материјали“ се обработува опозицијата тогаш како одговор се наметнува втората варијанта. И покрај упорното повторување дека според Кодексот на новинарите:

„Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот“

се случува спротивното – како да има нагорен тренд во текстовите кои ги „мешаат лончињата“ за тоа што е вест, а што коментар. Токму тоа се случува и во овој напис. Прво не залажува дека е вест, а впрочем е коментар. Второ, недоречен, тендециозен и стилски несреден коментар кој не успева да одговори на основните предизвици на овој жанр кои сликовито ги има наведено Сергије Лукаќ, едно од најеминентните имиња на некогашната југословенска новинарска „школа“:

„Коментар е новинарско изнесување на работите врз основа на објективна проценка на фактите, тој е напишан логично, содржајно, сликовите, популарно заради објаснување на настаните и појавите и создавање ново влијание…“ 

bЛинк до оригиналниот напис: ФОТО: Со возило од 80.000 евра Заев ја промовира среднта класа?

Датум и време на објавување: 28.12.2013, 14:12

Датум на рецензирање: 30.12.2013

Рецензент:  Владимир Мирчески

Вистинитост: Не е се до крај јасно околу вистинитоста на понудениот напис. Неспорно е дека првиот човек на опозицијата е фотографиран со ауди во позадина, но има неколку неразјаснети моменти: прво, дали двете фотографии навистина потврдуваат дека скапиот автомобил е дел од опозицискиот карван, бидејќи на ниту една од сликите не се гледа дека лидерот на СДСМ излегува од споменатото возило, второ, аудито и да е дел од „партиската свита“ никаде нема доказ дека тоа е токму на Зоран Заев. Не се приложени измени во имотниот лист на Заев, ниту, пак, потврда од, на пример дистрибутерот на тој произведувач, дека навистина неодамна продале скап „претседателски“ автомобил. Ако Заев си купил ауди, а тоа не го пријавил во Антикорупциската комисија, тогаш имаме случај, но таквата варијанта во овој текст воопшто и не е разгледувана. Оттука, можеби тоа е возило на некој локален жител или, пак, приватен автомобил на партиски член, а можеби е на самата партија. Ако е така, тогаш повторно има можност за истражувачко новинарство, која, пак, во овој случај не е искористена. Всушност, искористена е само сликата на првиот опозиционер покрај, повторно да напоменеме, неспорно скапо возило, како потврда на пласираната теза дека „Заев со кола од 80.000 евра ја промовира средната класа“. Впечатокот е дека фотографиите повеќе се искористени за дополнителен напад врз политиките кои ги промовира лидерот на СДСМ, отколку за потврда на не до крај јасната информација дека тој си се „подновил“ со ново луксузно возило.

Извори на информации: Покрај фотографиите како основен извор на главната „вест“, недостасуваат други дополнителни елементи за да се аргументира тврдењето за финансиска „распашаност“ на опозицијата. Оваа формулација не би можела да се нарече дека е од кредибилен извор, или пак соговорник:

„Откако изминативе денови во медиумите беше пласирана веста дека Зоран Заев се подновил со ново луксузно возило Ауди А8, сега, според овие фотографии можеме да заклучиме дека тоа било вистина“.

Пристрасност: Дали ја има? – Одговорот го дава самиот текст:

„Ова е уште еден од многуте примери кои ги дисквалификуваат неговите изјави за тоа дека тој припаѓа во средната класа и се бори за нејзино враќање.“

Коментирање: Безмалку секој пасус е коментар, иако ова треба да биде, барем така се презентира, „гола“ информација.

„Очигледно, според перцепцијата на Зоран Заев за средната класа, секој граѓанин кој поседува луксузно возило кое чини 80.000 евра би требало да припаѓа на истата“.

А еве што познатиот новинар, професор и публицист Душан Ѓуриќ вели за коментарот како жанр:

„Коментар со вештачко срце, кој сам себе си не си верува, погрешен е и кога не содржи ниту една конкретна грешка, бидејќи со својата неуверливост повеќе го поддржува спротивното, отколку гледиштето кое сакал, но не знаел да го поддржи“.

Оригиналност/Плагијат: Овој текст, веќе вообичаено за „проблематиката“ која ја третира, е непотпишан. Но, неговата кредибилност како оригинал не ја начнува отсуството на автор, туку начинот на кој е презентирана содржината што навестува на одредена координираност, но не редакциска.

Квалитет на насловот: Употребена е прашална форма која ги наведува читателите на страната на која некој претходно утврдил. Сензационалистички срочен за да привлече „кликови“.

Фотографија: Застапени се две фотографии презентирани како „Corpus delicti“ и секако обележани, заокружени како полициски доказ, демек, ако некој не знае како изгледа ауди, да му се даде дополнителен поттик. И ваквото заокружување може да се смета за своевидно насочување на читателите.

Заклучок: Поентата на еден новинарски текст, не е да напаѓа, или пак да брани одредени политички структури, туку под лупа да го стави нивното работење и тоа да ѝ го покаже на јавноста, па таа понатаму, на избори, да суди кому ќе му ја даде довербата. Во конкретниот случај судот го презема медиумот преку пласирањето ваков текст кој не успева целосно да ги образложи заклучоците што ги нуди, притоа силно употребувајќи коментаторски елементи кои намерно се мешаат со „основната“ вест, а сѐ со цел да се „куди“ не само лидерот на опозицијата, туку и новата програма на неговата партија.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

можеби

не може да се утврди точноста на наводите

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

нема евидентирани извори

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

не може да се утврди

извртување на вистина (спин)

не може да се утврди

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

не може да се одреди

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

не информира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести