verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Неуверлив обид за спинерско манипулирање со „Фејсбук“

on 28 - 05 - 2015       

FireShot-Screen-Capture-092-glupo-do-besves-crop-resize

 

[Рецензија: ФОТО: Шекеринска разочарана од посетеноста на протестот, објавува фотографии кои не се од Скопје]

 

Не докрај промислен и прилично неуверлив обид за спинерско манипулирање со фејсбук-профилот на потпретседателката на Социјалдемократскиот сојуз, Радмила Шекеринска, би била куса дефиниција на писанието што го рецензираме. Објавените фотографии, поточно три меѓусебно контрадикторни скриншот-кадри од наводни фејсбук-статуси на Шекеринска поврзани со големиот антивладин протест што се одржа во Скопје на 17 мај, требаше да го уверат читателот дека таа манипулира со бројот на учесниците на митингот, но тоа е направено на така невешт начин, што крајниот ефект е спротивен – читателот не само што не е убеден дека Шекеринска ги мами своите фејсбук-пријатели, туку може да ги види и фотографиите и статусот што таа навистина го споделила на оваа социјална мрежа, коментирајќи ја посетеноста на митингот пред Владата на РМ.

Иако написов како доказ нуди скриншот на фотографија со која Шекеринска, наводно, ги излажала граѓаните, на профилот на Шекеринска на „Фејсбук“ може да се најде само објавата што ги прикажува вистинските слики од скопскиот протест. Кога ќе се разгледаат трите кадри, в очи паѓаат повеќе проблематични детали, кои поставуваат реална дилема – дали медиумот манипулира со вистината и објавува непостоечки материјал, божем пренесен од фејсбук-профилот на попретседателката на СДСМ? Доколку е така, тоа би значело дека читателите се измамени со чиста невистина.

Рецензија: ФОТО: Шекеринска разочарана од посетеноста на протестот, објавува фотографии кои не се од СкопјеЛинк до оригиналниот напис: ФОТО: Шекеринска разочарана од посетеноста на протестот, објавува фотографии кои не се од Скопје

Датум и време на објавување: 17.05.2015, 22:49

Датум на рецензирање: 22.05.2015

Рецензент: ЈугославаДуковска

Од сите свои слабости, написов има најголем проблем со – вистинитоста. Контрадикторен сам по себе, тој истовремено објавува два тотално различни фејсбук-статуси на Радмила Шекеринска на истата тема, доведувајќи ги читателите во конфузија: што е точно – дека таа објавила и лажни и автентични фотографии и зошто? Притоа е јасно дека вистинските фотографии од протестот на 17 мај се далеку поголем аргумент за СДСМ од лажната слика од непознатиот град, на која, исто така, има насобрани луѓе. Крајно неверодостојно, би бил кусиот коментар.

Секогаш кога е во прашање користењето материјали од „Фејсбук“, неминовно се поставува прашањето за релевантноста на користените извори. Но, дури и да се земе дека фејсбук-профилот на една јавна личност – политичар треба да се третира како релевантен извор на информации, односно да се прифати постоењето на поширок општествен интерес јавноста да биде запознаена со ставовите на таа јавна личност, тој треба да се користи етички и професионално. Во овој случај, постојат основи за сомневање дека не е така постапено.

Може да се заклучи дека оваа информација е политички спин, но тој не е лесно воочлив за невичен читател: потребно е да се задлабочите во содржината на веста, да ги споредите понудените докази во вид на скриншот-кадри, па да воочите дека има големи нелогичности во изложените тврдења. Поради тоа, оваа „информација“ може да помине кај читателската публика, да биде успешно спинување и да донесе негативни поени за „таргетот“, во случајов Радмила Шекеринска. Во функција на извртувањето на вистината е и предолгиот неновинарски наслов, во кој е содржана намерата да се изложи на потсмев истакнат претставник на опозицискиот СДСМ.

Илустрациите се поентата на написот и тие се комплетно ставени во функција на манипулирањето со вистината. Првиот скриншот, за кој се тврди дека е фејсбук-статус на Радмила Шекеринска, изгледа неуверливо (наводно таа објавува една фотографија, на која се забележува дека е од друг град, а не од протестот во Скопје, без дополнително појаснување) и предизвикува сомнеж во автентичноста, особено кога се има предвид дека скриншот лесно може да се исфабрикува, поточно фалсификува, а истото се однесува и на третиот скриншот, на кој се гледаат само коментари на незадоволни граѓани, кои велат дека ова не е слика од скопска улица. Вториот, пак, зборува нешто сосема поинакво – тој покажува дека Шекеринска објавила повеќе фотографии за кои се гледа дека се автентични и прикажуваат огромна бројка на луѓе присутни на антивладиониот протест на 17 мај и нив ги проследила со задоволен циничен коментар: „Слабо народ, а? Големо благодарам!“ Се поставува логично прашање зошто таа би манипулирала со очигледно лажна фотографија кога истовремено објавува фотографии со кои поентира во јавноста? На тоа прашање овој напис не нуди одговор.

Накусо кажано, пред нас е пример за неодговорно новинарство, поточно спин наменет за валкање на угледот на претставник на опозицијата. Тоа би била единствената „употребна вредност“ на написот кој е предмет на оваа рецензија.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

неточни наводи

неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

неофицијални

нерелевантни

1 извор

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

не може да се утврди

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

не може да се одреди

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

соодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

манипулира

наведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

неквалитетни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести