verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Фото: Младиот пленумец блесна во својата поза на млад Адам

on 27 - 02 - 2015       

FireShot-Screen-Capture-081-adam-crop-resize

 

Фотографија на млад човек, без облека, но која не ги надминува границите на добриот вкус, дури ни за младата публика, се објавува на страниците на еден медиум, притоа проследена со груби и навредливи инсинуации, па и отворени дисквалификации, кои несомнено укажуваат на намерата таа личност да биде оцрнета и исмејана во очите на јавноста. Ова е, накусо, основното обележје на сочинението што е предмет на рецензијава. Нема дилема дека материјалот нема никаква врска со новинарство бидејќи ги занемарува, па и гази сите општи принципи на кои почива новинарската професија и етика – вест во написов не постои, материјалот е целосно нерелевантен за јавноста, приватноста на еден човек, инволвиран во протести на студентите на македонските универзитети, е грубо повредена, а јасна е интенцијата за оцрнување на личноста чија интима е нападната, со елементи на дискриминација, особено кога ќе се согледа дека текстови со идентични тези, па дури и конструкции на реченици, со идентични фотографии, синхронизирано се појавија во неколку интернет-портали.

На едно друго, занаетско ниво, оваа квазивест пати од неписменост, од конфузно срочени сложени реченици по теркот „сакам кажам, не знамречам“ и од непознавање на правописот на македонскиот литературен јазик.

Рецензија: Фото: Младиот пленумец блесна во својата поза на млад АдамЛинк до оригиналниот напис: Фото: Младиот пленумец блесна во својата поза на млад Адам

Датум и време на објавување: 19.02.2015, 4:45

Датум на рецензирање: 23.02.2015

Рецензент: Југослава Дуковска

Факти во текстот нема. Има обид преку упад во приватноста на еден млад човек, медиумски експониран како член на „Студентски пленум“, да се дискредитира и тој лично, а преку неговиот „лик и дело“ да се дискредитира и самото студентско движење, кое отворено ѝ се спротистави на власта по прашање на реформите на високото образование во Република Македонија. Една приватна фотосесија на една млада личност, блиска до „Студентски пленум“, кој ѝ се спротистави на Владата во нејзиниот обид да изврши упад во автономијата на Универзитетот, несмасно се користи за да се проблематизираат мотивите на студентите:

„Особено ако се земе предвид дека оние кои се јавуваат како гласноговорници на истиот овој Студентски пленум, оддаваат нејасен приказ за својот лик и дело и асоцираат на сосема други движења.“

Со оваа немушта формулација, на читателите им се сугерира дека пленумците кои се сликаат без облека се, од некоја причина, неморални и асоцирале на некои „други движења“, не прецизирајќи на какви движења притоа се мисли. Во остатокот од написот се користат вулгарни и неинвентивни инсинуации, кои треба да нè наведат да помислиме дека се работи за хомосексуално движење?!? Во оваа пригода би било добро да потсетиме на едноставното и универзално правило на етика во новинарството: „Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес“, Прирачник за етика во новинарството, ЗНМ, 2012.

Јавниот интерес вклучува информации кои можат да придонесат за откривање на: криминално дело, злоупотреба на положба од страна на носител на јавна функција, загрозување на демократијата , корумпираност, случаи на неправда, кршење на човекови права, дискриминација, загрозување на здравјето и безбедноста на луѓето, немарност и/или неспособност на јавните функционери. Јавниот интерес, исто така, вклучува информации кои им помагаат на луѓето да донесат одлуки од јавен карактер и го спречуваат заведувањето и манипулацијата со населението со изјави или постапки на поединци или организации.

Нема потреба од појаснување дека објавувањето на овие фотографии на млад човек, кој се експонирал во јавноста по прашање на студентските права, не е никаков јавен интерес, бидејќи тој не е избран функционер кого јавноста би го повикала на одговорност, туку обичен човек кој јавно го искажувал своето мислење по одредени актуелни теми.

Користени извори за овој текст нема, сето напишано е произволна конструкција, која не се потпира врз информации добиени од каков било извор.

Компонентата на пристрасност е она што е најпроблематично во написот – веќе самото чепкање по нечии приватни фотографии и нивно користење за исмевање на таа личност e неетично и невкусно. Но, написот нема проблем со вистинитоста – тој и не се труди да биде вистинит, неговата поента не е да покрене дискусија дали некој или нечија постапка е исправна или не, туку да изложи на потсмев и да навреди.

Не може да се дефинира дали се работи за оригинален или за „споделен“ текст, бидејќи тој во околу 90 отсто е идентичен со текстови од други портали на истава тема, со, горе-долу, исти и слични наслови.

Насловот несмасно ги разоткрива мотивите што стојат зад написов – фотографиите можеби и не би биле „вест“ доколку не се работеше за фотографии на активист на „Студентски пленум“. Но, бидејќи се работи за „разголени“ фотографии на „опозиционер“, тие наеднаш стануваат релевантен доказ за неморалниот „лик и дело“ на истиот, без оглед како стасале да бидат објавени. Цинизмот во „блесна во својата поза како млад Адам“ дополнително речито зборува за неинвентивноста во „ковањето“ атрактивен наслов – вообичаена стереотипна фраза за маж со складно развиено тело би било референцирањето на античките богови Адонис или Аполон, додека ниту во Библијата, ниту во визуелните прикази на библискиот лик на Адам никаде не е обрнувано внимание на изгледот на телото на „прататкото на сите луѓе“.

Во текстот на многу приземен начин се инсинуира околу сексуалната ориентација на личноста, чијшто портрет е предмет на „анализата“, што е во спротивност со моралните и со етичките норми на новинарството.

Овој напис ги прегази сите црвени линии: на професионални стандарди, на добар вкус, па и на пропаганда, задирајќи во нечија приватност и изложувајќи ја на потсмев, за политички цели. Може ли воопшто за новинарство да се смета отворената злоупотребата на еден медиум за пресметка со политички неистомисленици?

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

нема факти

инсинуации и навреди

неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

нема евидентирани извори

нема извори

нема извори

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

делумна копија

наведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

информира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

манипулира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

дискриминира

дискриминација според сексуална ориентација, политичка дискриминација

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

една квалитетна, една неквалитетна

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести