Вест убиена во поим
Објавено во Рецензии
on 28 - 05 - 2015 Автор: Владимир Мирчески
[Рецензија: Физички нападнат кратовчанец пред неговиот стан]
Овој материјал може да се земе за пример, и тоа за во учебник, за тоа како треба една вест да се „убие“. Информацијата, од црната хроника е „бомба“, ама таа е така „стручно затапена“ преку исклучиво пренесување на полицискиот билтен, што публиката, ако претходно не ја знаела новината, од понудентото никако не би можела да заклучи дека станува збор за физички напад врз новинар. Можеби тоа и било намерата – јавноста да (не) се информира дека е претепан новинар познат по своите антивладини ставови.
Линк до оригиналниот напис: Физички нападнат кратовчанец пред неговиот стан
Датум и време на објавување: 23.05.2015, 13:05
Датум на рецензирање: 26.05.2015
Рецензент: Владимир Мирчески
ВЕСТ ЗАТАШКАНА ВО БИРОКРАТСКО-ТЕХНИЧКИОТ ПОЛИЦИСКИ РЕЧНИК
Не е проблем вистинитоста, неа ја има, туку начинот како ни е пренесена. Веднаш да прашам зошто ни е медиум ако тој, без каква било новинарска интервенција, само го „чита“ соопштението на МВР. За стилот на полициските билтени нема што да се расправа – тие се такви: штури, технички, крајно бирократизирани и овој пристап се очекува од МВР. Но, секако неприфатливо е истите тие формулации, без какво било дополнување и, што е најважно, објаснување, едноставно да бидат „мегафонизирани“ преку една национална телевизија. Работата е во тоа што начинот на кој е напишан билтенот на МВР, а потоа „копи-пејстиран“ од овој медиум, всушност не ја раскажува информацијата дека нападнатото лице, „Кратовчанец“, е новинар. Значи имаме атак врз уредник на интернет-портал, многу гласен во критиките против власта. Како тој ја врши својата работа, дали ги запазува професионалните стандарди, ни се допаѓа или не, апсолутно е небитно зашто факт е дека е претепан новинар. Внимавајте, не зборуваме за кошкање или една-две шлаканици, туку за маскирани лица кои со метални прачки го удирале и по главата. Посериозно – здравје! Имаме цел, план и извршување. Е, ама оваа сериозност не се прикажува во написот. Наместо тоа ни се „продава“ како некаков воообичаен инцидент од црната хроника. Иницијали, возраст, удрен и секако „МВР презема мерки за расчистување на настанот и пронаоѓање на сторителите“. Тежината на инцидентот е уште поголема ако се имаат предвид неколкуте напади и заплашувања на други новинари во изминатиот период. Ова најавува можен тренд на влошување на и онака катастрофалната ситуацијата во македонските медиуми. Тоа го наведуваме само како дополнителен аргумент зошто морало на овој инцидент да му се пристапи далеку посериозно и со вистински новинарски ангажман.
Затоа ќе кажеме, ова не е вистинско информирање на јавноста, бидејќи клучната вест е заташкана во бирократско-техничкиот полициски речник.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
точни наводи
веродостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
официјални
релевантни
1 извор
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
нема извртување на вистина (спин)
нема лажни информации
Не може да се утврди
КОМЕНТИРАЊЕ
нема коментаторски елементи
ПЛАГИЈАТ
копија на полицискиот дневен билтен
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
не информира
некреативен
несензационален
несоодветен
нејасен
ФОТОГРАФИЈА
има
несоодветна
ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
нечитлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
поврзан со тагови