verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: ЕУ по примерот на НАТО: Решен спор за името, па интеграција

on 14 - 10 - 2013       

12102013-MIA-od-Brisel-prvo-imeto-pa-integracija_crop_resize_001

Лекциите по новинарство служат за нешто да се научи од нив. За жал, на лекцијата со наслов „Агенциите кон извештаите мора да пристапуваат со поголема одговорност“ не ѝ веруваат во јавната информативна агенција и ја игнорираат, иако таа лекција е поттикната од една претходна вест токму од оваа новинска агенција.

И во овој текст има манипулација со вистината, односно пласирана е невистина и внесен е коментар кој не е соодветен на високите стандарди што треба да ги исполнува една новинарска вест или извештај. Особено кога доаѓа од новинска агенција, зашто, како што вели колегата Љубомир Костовски, „агенциските статии се пренесуваат од многу корисници, и новинарите, кои известуваат за настани за одредени агенции или нивни сервиси, секогаш имаат поголема одговорност кон читателите. Непристрасноста, целовитоста и потпирањето врз факти и аргументи кај агенциите секогаш се претпоставува и кон нив јавноста секогаш има речиси априорна доверба“.

12102013 MIA od Brisel prvo imeto pa integracijaЛинк до оригиналниот напис: ЕУ по примерот на НАТО: Решен спор за името, па интеграција

Датум и време на објавување: 12.10.2013

Датум на рецензирање: 13.10.2013

Рецензент: Зоран Бојаровски

Вистинитост: Неверојатно е како некои новинари си дозволуваат да си поигруваат со меморијата на јавноста, па дури и со нејзиното достоинство. Замислете кога јавната новинска агенција од Брисел директно ќе објави вест со наслов „ЕУ по примерот на НАТО: Решен спор за името, па интеграција“ и со тоа ќе ја понижи способноста на публиката да меморира настани и процеси од блиското минато. „Решение за спорот со името, па потоа интеграција“ не е никако нешто ново. За жал, така е за целото ова време додека траат преговорите со Грција во врска со името на нашата држава под покровителство на Обединетите нации. Тој услов отсекогаш постоел, и затоа не е точно дека „Европската Унијата е на пат да постави услов…“ Ако новинарот сакал со ова да сугерира на иницијативите што одвреме навреме се појавуваа и предлагаа да отпочнат преговори за членство додека паралелно се водат и преговорите за името, тие никогаш не беа официјален став на Брисел и никогаш не беа прифатени како можност. Остана само идеја која, доколку некој има проблем со меморијата, може да ја изгугла оваа фраза „преговори за членство … паралелно…“ и да се увери дека е тоа така.   

Извори на информации: Во оваа вест има информација дека е консултиран извор во седиштето на Европската унија во Брисел со реченицата „Во Еврокомисијата официјално не сакаат ништо да коментираат околу извештајот…“, но не е наведено попрецизно за кој извор станува збор. Покрај тоа, вака припишаната вест остава впечаток на лоша, несоодветна консултација, односно употреба на изворот, зашто освен таа реченица каде што се споменува „Еврокомисијата“, целата вест како да е напишана само врз основа на шпекулациите што има во новиот извештај за напредокот на Република Македонија во евроинтегративните процеси.

Содржајност: Заради недоследностите во однос на вистинитоста и во користењето на изворите, на оваа вест ѝ недостига и вредноста содржајност. Веста нема доволно информации од доволно искуствени, официјални и експертски извори за да биде целосна и сеопфатна.

Пристрасност: За жал, исто така, при изработката на оваа вест не се успеало да се совлада пристрасноста. Сите знаеме дека новинарите не треба да заземаат страна. Новинарите известувачи/дописници од седиштата на меѓународните организации не се дипломатски, а најмалку политички претставници на нивните земји. Тие и понатаму се новинари кои секогаш треба да ги почитуваат добрите професионални и етички новинарски стандарди. Така налага и Кодексот на новинарите во членот 14:

„Известувањето од политичките процеси, посебно од изборите треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти“.

Коментирање: Апсолтуно присутно и апослутно недозволиво. Пристрасноста на авторот на веста се артикулира во коментар во последниот пасус на веста. Коментарот е дури и манипулативен, бидејќи европолитичарите во Брисел никогаш не рекле и нема да најдете таков запис во било кој официјален документ на ЕУ во које се вели „Брисел како и НАТО сака да ја тргне Македонија од вратот и целиот притисок да го насочи кон Скопје со цел да се прифатат грчките црвени линии за промена на името, идентитетот и јазикот, ако македонската држава сака да добие членство во овие две организации“. Од Брисел секогаш порачуваат само „Решето го проблемот со името…“, „Преговарајте и најдете взаемно прифатливо решение…“

Квалитет на насловот: Насловот е збунувачки и манипулативен заради недоследностите во (не)пристрасноста, во користењето на изворите, во сеопфатноста и во непочитувањето на принципот на (не)коментирање.

Фотографија: Знамиња и прозорци пред некоја (најверојатно) институција на ЕУ без појаснување, легенда и податоци за авторското потекло на фотографијата.

Заклучок: Ќе извлечеме само два заклучока во оваа рецензија. Прво, како што наведува колегата Љубомир Костовски „агенциските статии се пренесуваат од многу корисници…“ и одговорноста на агенциските новинари е многу голема. Нивната грешка се мултиплицира преку сите што ја пренесуваат веста. Еве само два такви примери: „И ЕУ по примерот на НАТО – прво името, па потоа членство?“, или, „ЕУ со ист став како НАТО: Интеграцијата ќе следи по решавањето на спорот со името“.

Од друга страна, дека може и поинаку, внимателно и селективно преземање на агенциските вести покажуваат овие два примера: „И ЕУ по примерот на НАТО: Решение на спорот за името услов за влезот на Македонија“ и, „ЕУ на Македонија ќе ѝ постави услов како НАТО?

Кај овие две преземања на агенциската вест, таа завршува таму каде што почнува коментарот.  Овој феномен во нашата медиумска пракса налага селективно и внимателно преземање на агенциските вести, или проверка на тие вести со вест од некоја друга агенција или медиум. Еве и еден таков пример: „ЕУ ќе го следи примерот на НАТО“. Значи има начин. Само треба да се има критичен ум, добра волја и креативност.

Другиот заклучок е во врска со коментирањето. Потсетуваме којзнае по кој пат, членот 13 кодексот вели:

„Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот“.

Како што се вели во прирачникот „Етика во новинарството“ (стр. 23), новинарите имаат право на свое мислење, став и вредносен суд, но не смеат сопственото мислење да го камуфлираат како факти. Мора да биде јасно разграничено што се факти и информации, а што коментар, претпоставка или став на авторот за да се одбегне дезинформирање и манипулирање со публиката. И точка.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

нема факти

не може да се утврди точноста на наводите

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

неофицијални, аноними

нерелевантни

1 извор

не може да се утврди

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

нема прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

не може да се утврди

не може да се утврди

не може да се утврди

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

наведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

не може да се утврди

некреативен

несензационален

соодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

нема никакво значење

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести