verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Ерсте Груп вложува во македонски државни записи

on 7 - 01 - 2014       

www_sitel_com_mk_mk_erste-grup-vlozhuva-vo-makedonski-dr-crop-resize

Станува збор за вест од областа на меѓународните финансии, која говори за една обична зделка од што, пак, се извлечени констатации за кои нема никаква потврда и за кои е тешко да се каже дека се вистинити. Уште повеќе, искажани се вредносни судови на кои во една вест не им е местото.

www_sitel_com_mk_mk_erste-grup-vlozhuva-vo-makedonski-drЛинк до оригиналниот напис: Ерсте Груп вложува во македонски државни записи

Датум и време на објавување: 04.01.2014, 13.50

Датум на рецензирање: 07.01.2014

Рецензент: Владимир Петрески

Вистинитост: Проблемот со вистинитоста доаѓа во два наводи. Оној во кој се вели дека зделката на купување на македонски државни записи

„…јасно укажува на зголемената доверба и угледот кој Република Македонија го ужива во меѓународното опкружување и помеѓу странските инвеститори.“

и оној во кој се вели дека

„Побарувачката за домашните државни хартии од вредност од страна на странските инвеститори на пазарот на капитал е доказ за стабилноста на македонската економија, како и за позитивните економски перспективи на земјава.“

Проблемот е само што нема никаква поддршка во факти и податоци за овие две тврдења. Една зделка од 10 милиони евра, за која не се познати никакви поединости, не кажува ама баш ништо, а особено не за „зголемена доверба и углед“. Државните записи претставуваат краткорочен долг на владата. Така таа се задолжува на кус рок за да премости недостиг на ликвидни средства. Работата е само што владата досега има издадено државни записи во износ од дури 675 милиони евра, па речиси невозможно е барем мал дел од нив да не бидат купени од странски банки од најразлични причини. Странските банки во регионов купуваат државни хартии од вредност од соседните држави, па би било нереално да се очекува тоа да не се случува и во Македонија. И тоа особено што денарот одамна е врзан за еврото, па странците не мора да се грижат за евентуален негов пад, а и состојбите по светската економска криза од 2008-2009 година се изменија прилично кога станува збор за државните обврзници. Централните банки на големите западни економии ги намалија каматните стапки до нула отсто, па, така, банките во трката по профит сѐ почесто се вртат кон обврзниците што се издаваат на пазарите во развој и кои носат повисоки приноси – како македонските. И тоа, странските банки се вртат не само кон државните обврзници од земјите во развој, туку и кон корпоративните. Тоа се оние што ги издаваат фирмите кога сакаат да задолжат и кои, за жал, во Македонија сѐ уште ги нема зашто за нив нема пазар. Ако веќе толку земјава има „зголемена доверба и углед“, па белким и македонските компании ќе можеа да издадат обврзници за кои ќе имаше интерес од странците. Но, тоа засега не е случај.

Понатаму, овде се работи за краткорочни хартии од вредност кои достасуваат за 3, 6 или најмногу 12 месеци. Ова значи дека за неколку месеци Ерсте ќе може да си ги наплати овие обврзници од Владата, ако така сака, а може и веднаш да ги препродаде или со нив нешто да плати зашто тие се ликвидни и претставуваат замена за пари – барем во Македонија. Така што, причината за оваа зделка може да биде било каква. Ова особено ако се знае дека Шпаркасе Македонија по принципот на скалеста сопственост е во сопственост на Ерсте (преку австриската Штајермеркише Банк унд Шпаркасен), па причините за оваа зделка можат да бидат од интерна природа, односно заради расчистување на интерни сметки или наплати.

Сосема друга би била состојбата кога Ерсте би купила 10 милиони евра државни обврзници, кои достасуваат по 2, 3 или 5 години, кои носат далеку повисоки камати и кога австриската банка би известила дека има намера да ги чува овие хартии од вредност до крај. Тоа би претставувало знак на доверба, но тоа овде не е случај.

За оваа зделка, за жал, тешко може да се каже и дека претставува „доказ за стабилноста на македонската економија, како и за позитивните перспективи на земјата“ зашто странските банки купуваат државни хартии од вредност и од соседните земји, без оглед на стабилноста на нивните економии. За вакви зделки нив единствено ги интересира да можат да ги свртат хартиите од вредност што ги поседуваат. Ерсте, како и другата голема австриска банка Рајффајсен се длабоко навезени на Балканот, преку редица интереси, имаат филијали на целиот полуостров, така што ваквите зделки се вообичаени. Ерсте е трета најголема банка во Централна и Источна Европа. Покрај тоа, станува збор за многу мала зделка од перспективата на австриската банка. Нејзината пазарна капитализација лани во јули, според Ројтерс, изнесуваше 8 милијарди евра.

Извори на информации: Нема и не е познат. За зделката сигурно е дознато од владините или банкарските кругови. Дури и изворот да сакал да остане анонимен, тој требало барем донекаде поблиску да се објасни.

Содржајност: Содржајноста е вториот најголем проблем по произволните наводи. Наместо да се искажуваат вредносни наводи, најдобро било да се прашаат надлежните во Шпаркасе или Ерсте за зделката. Но, тоа не е сторено. Затоа и не знаеме која е причината за неа. Како што и не знаеме кога достасуваат овие државни записи. Можно е тие да достасуваат за наплата многу брзо и Ерсте едноставно да си ги наплати од државата за недела-две и сето ова да нема врска ниту со „углед“, ниту со „зголемена доверба“.

Се говори и за некаква побарувачка на македонските државни хартии од вредност од страна на странците, но не се кажуваат никакви податоци за таа евентуална побарувачка. Од вкупно недостасаните на 1 милијарда евра издадени хартии од вредност, најголем дел се кај македонските банки, осигурителни компании и пензиски фондови. Само околу 15 отсто (160 милиони евра) се во категоријата други, каде што би можеле да бидат и странците, покажуваат податоците на Министерството за финансии за ноември, но во оваа категорија се и фирмите и редица други институции кои можеби држат вакви обврзници. Сето ова покажува дека не може да се знае точно за каква побарувачка станува збор, но и да ја има таа е мала зашто огромен дел од овие хартии од вредност се во македонска сопственост.

Пристрасност: Пристрасноста е очигледна во горе цитираните извадоци. Наместо апологетизам во корист на владата, требало повеќе да се мисли со една издржана вест да ѝ се помогне на националната економија и националните финансии. Ако се направела вистинска деловна вест со сите детали и ако се дознаела позадината на зделката, тоа многу повеќе ќе влијаело и другите странски банки, присутни во регионот, да почнат вршат вакви зделки и со тоа и понатаму да се развие финансискиот пазар во земјава. Но, со ваква вест, полна со фалби, но со многу малку супстанца, останува само вкусот на необјективност и недостигот на редица податоци за зделката.

Особено лошо изгледа оној дел во кој се вели дека агенцијата за кредитен рејтинг Фич го потврдила рејтингот на земјава на нивото ББ+, но без да се каже дека неколку месеци претходно далеку поголемата агенција Стандард и Пурс го намали кредитниот рејтинг на Македонија на ББ- и сега имаме невообичаена ситуација двете оценки да се разликуваат за дури две нивоа што многу ретко се случува. Но, професионалците во областа на меѓународните финансии точно знаат дека за оценката на СиП плаќаат инвеститорите, додека за онаа на Фич плаќа македонската влада.

Коментирање: Има и, за жал, тоа е интегрирано во веста преку неколку квалитативни констатации. Ако веќе се сакало да се даде позитивна слика за владата, најдобро би било да се остави тоа да го кажат претставниците на Шпаркасе и Ерсте за таквите оценки да имаат кредибилитет и нишка на независно и експертско мислење, но овде никој не кренал телефон.

Оригиналност/Плагијат: Редица портали ја објавија истата вест. Некои се повикуваат на друг портал, но невозможно е да се утврди кој е вистинскиот извор.

Квалитет на насловот: Насловот е направен или невнимателно или намерно на ваков начин. Како што веќе објаснивме, тешко дека оваа зделка може да се нарече „вложување“. Барем не без дополнителни податоци и без тоа да го потврди некој од Ерсте. Зделки од ваков вид се прават од најразлични причини кои не мора да имаат врска со вложување. Овде едноставно не знаеме за што станува збор особено што рокот на доспевање на овие хартии од вредност е многу кус.

Заклучок: Уште една апологетска вест со неколку внимателно селектирани информации, но уште повеќе стратешки истакнати вредносни наводи, а се со цел вниманието на гледачите и читателите да се насочи кон креирање позитивна слика за актуелната власт. Деталите на зделката, во кои по правило лежи ѓаволот, овде се едноставно непознати.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

не може да се утврди точноста на наводите

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

нема евидентирани извори

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

не може да се утврди

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

не може да се одреди

ненаведен автор, ненаведен извор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

несензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести