verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Сервис за проверка на факти од медиумите

Проект на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија
USAID Logo

Рецензија: Експертите: Напуштањето на принципиелните ставови за името значи договор за негова промена

on 10 - 01 - 2014       

Експертите Напуштањето на принципиелните ставови Денешен весник-crop-resize

Пред нас е напис кој, едноставно, мора да се рецензира зашто отскокнува од повеќе правила за пишување професионален новинарски текст според неопходните стандарди и зашто е пример за текст што се гради на тези што авторот, или редакцијата, сами си ги поставуваат и самите се обидуваат да ги докажат со неименувани „познавачи” и „експерти”. Најинтересно во овој текст е што „познавачите”, „експертите”, „добро упатените дипоматски извори” недипломатски и неекспертски коментираат и користат јазик непримерен за нив како „…овие запаленковци…”, на пример.

01092014-Zaev-vo-Brisel-i-eЛинк до оригиналниот напис: Експертите: Напуштањето на принципиелните ставови за името значи договор за негова промена

Датум и време на објавување: 07.01.2014

Датум на рецензирање: 09.01.2014

Рецензент: Зоран Бојаровски

Вистинитост: Кога новинарот нема доволно елементи за новинарска сторија не треба да ја прави. Треба да почека, да ги собере, да најде алтернативен пат до фактите потребни за сторијата, доколку изворите, од било кои причини, не се отворени за соработка… Во случајот на текстот што го рецензираме не се водело сметка за претходното и авторот тргнал да пишува без да ги има сите неопходни елементи за неговата новинарска сторија. Тоа остава впечаток дека авторот на овој текст го гради на тези кои сам си ги поставува и дека со неименувани „познавачи” и „експерти” сака да ги докаже. Така се докажува нешто што не може да се докаже и се крши членот 1 од Кодексот на новинарите кој јасно нагласува:

„Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи.

Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави.

Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.”

Ништо од овие ставови на Кодексот не е испочитувано.

Извори на информации: Освен општо познатата информација од Европската комисија и од сајтот на СДСМ дека имало средба во Брисел на челните луѓе на оваа партија со комесарот за проширување, сите други извори се неименувани „познавачи”, „експерти”, „добро упатени дипоматски извори”. Тоа не се кредибилни начини за пишување новинарски текстови.

Има само еден именуван извор, изјава на дипломатот Ристо Никовски од постар датум која е искористена за да се докаже самозададенета теза за „откажување од сопствениот идентитет”.

Содржајност: Недостигот од автентични информации, или, пак, впуштањето во однапред зададени тези, авторот на овој текст добил идеја дека може да ги покрие со неименувани извори.

Дури и во такви ситуации, кога се анонимни, познавачи, блиски до редакцијата, експертите својата Експертиза мора да ја формираат и изразат само врз основа на факти и реално искажани ставови по одредено прашање – во овој случај дали на средбата на двајцата лидери на опозицијата во Брисел се разговарало за промена на името на нашата држава. Во спротивно, каква е таа експертиза која искажува „стручно мислење” кое е полно со политички оценки и коментари, како на пример:

„Познавачите коментираат дека ако со средби со Филе социјалдемократите сметаат дека Македонија нема да биде изолирана, тогаш актуелната влада која досега имаше над 50 средби со еврокомесарот за проширување, може слободно да ужива, зашто им го сруши аргументот на СДСМ со нивна теза, или со ’нивни камен по нивна глава’. “

Пристрасност: Целиот текст оддава политичка пристрасност, односно наклонетост кон политиките на друга политичка партија во однос на темата името на нашата држава. Тоа прави проблем кога е во прашање почитување на објективноста и избалансираноста како што налага членот 14 од Кодексот на новинарите кој вели дека:

„Известувањето од политичките процеси, посебно од изборите треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти.”

Коментирање: Коментарите и изведувањето заклучоци без да има или да се наведе основата за нив, преовладува низ целиот текст. Го издвојуваме завршниот пасус каде што неоснованото и неиздвоено коментирање од авторскиот новинарски текст е највидливо:

„Според аналитичарите, овие ЕУ запаленковци кои сакаат да ја извадат од нивното сфаќање на изолација земјата чиј премиер имаше најмногу средби со странски државници во целата наша независност , треба да кажат што ке ветат во Брисел за името, кои се нивните позиции и јавно и директно да кажат што ќе направат за нашата земја да не е изолирана.”

Со оваа постапка е прекршен членот 13 од Кодексот на новинарите во кој се вели:

„Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот.”

Квалитет на насловот: Насловот на овој текст е изведен без никакви аргументи и докази дека има напуштање на принципиелните ставови за името на Република Македонија. Уште повеќе, кои „принципиелни ставови за името”? Зашто, познато е дека досега нема заеднички став, декларација или било каква согласност за некакви заеднички „принципиелни ставови за името” на партиите во парламентот, ниту, пак, на било кои релевантни политички субјекти.

Заклучок: Новинарските текстови се како жив организам. За да функционираат треба да имаат соодветни, автентични новинарски органи како извори, факти, аргументирани и атрибуирани мислења, јасно издвоени коментари врз основа на јасни и недвосмислени сознанија. Ако не е таков, ако еден новинарски текст е изграден врз претпоставки, врз претходно зададени тези како туѓи тела за кои новинарот добил задача да ги докаже – тогаш имаме нервозно новинарство.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

нема факти

не може да се утврди точноста на наводите

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

нема евидентирани извори

аноними

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

не може да се утврди

извртување на вистина (спин)

не може да се утврди

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

поврзан со тагови

Една мисла во “Рецензија: Експертите: Напуштањето на принципиелните ставови за името значи договор за негова промена

  1. Рецензентот и 99% од јавноста немаат поим како е дојдено до заклучоците на текстот во врска со политичката конзистентност на повиканите. Повикани се (под изговор дека тоа е единствено слободно време на еврокомесарот) на Бадник/Божик. Овие два празника кај нас ја симболизираат традицијата, семејството и заедништвото. Заев и Шекеринска се повикани токму тогаш, за да биде проверено ДАЛИ ИМ Е ПОВАЖНО да се сретнат со некој евробирократ отколку што им значат традиционалните вредности. Накратко, повикани се за да видат дали сеуште се на ставот „би свиткале кучма за ЕУ“. Нивното одење на оваа средба, на точно избраниот датум, покажува ОД ШТО се подготвени да се откажат за за да бидат во елитниот клуб.
    Одовде, ирелевантно е воошто дали се разговарало за името. Тотално неважно. „Зборот“ е кажан со одењето, не со зборувањето.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за најнови вести