verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Ексклузивно: СОРОС со буџет од неверојатни 5 милиони евра ставени на располагање на опозицијата

on 23 - 12 - 2013       

Ексклузивно_ СОРОС со буџет од неверојатни 5 милиони kurir_mk_makedonija-crop-resize

Меѓу повеќето автохтони феномени во современото новинарство во Република Македонија е и појавата на замаглување (односно замачкување, анг. blurring), релативизирање на разликите меѓу одделните новинарски жанрови и формати. Оваа постапка се прави за да се протурка нешто што се објавува како „ексклузивно“ или како „истражувачко“ новинараство, а, всушност, не е тоа.

Не може да биде „истражувачко“ или „ексклузивно“ анализа на достапни и транспарентни документи како што се Годишниот програмски наративен извештај на Фондацијата отворено општество (ФООМ) за 2012 година, Даночната пријава на ФООМ за 2012 година, како и Извештајот за финансиското работење на ФООМ за 2012 година, објавени на сајтот на ФООМ.  

Тоа значи дека екслузивноста на изворите паѓа во вода, бидејќи до нив може да дојде секој. Единствено што може да се прифати како „ексклузивно“ е обидот на авторот на текстот на единствен начин да ги толкува податоците што му биле на увид.

Но, да видиме каков е тој „единствен“, односно „ексклузивен“ начин.

Ексклузивно_ СОРОС со буџет од неверојатни 5 милиони kurir_mk_makedonijaЛинк до оригиналниот напис: Ексклузивно: СОРОС со буџет од неверојатни 5 милиони евра ставени на располагање на опозицијата

Датум и време на објавување: 20.12.2013, 10:47

Датум на рецензирање: 21.12.2013

Рецензент: Зоран Бојаровски

Вистинитост: Треба многу дополнителни аргументи и докази да се докаже тврдењето во насловот и да се доведе во врска буџетирањето  на одделни програми на граѓанските организации како подршка на опозицијата. Понатаму во рецензијата го образложуваме ова наше тврдење.

Извори на информации: Како извори на информации се искористени Годишниот програмски наративен извештај на Фондацијата отворено општество за 2012 година, Даночната пријава на ФООМ за 2012 година, како и Извештајот за финансиското работење на ФООМ за 2012 година, изработен од страна на независен ревизор. Сите достапни на веб страницата на ФООМ, така како што налагаат законските прописи за транспарентност.

Други извори нема. Нема ниту консултации со финансиски експерти кои ќе ги толкуваат финансиските извштаи и ќе објаснат зошто е „фрапантно“ што ФООМ за 2012 година пријавил приход од близу 4,8 милиони евра.

Едноставно нема ништо фрапантно, туку способност на фондацијата да обезбеди толкав буџет од разни донатори кои тоа го направиле на најтранспарентен начин и тоа јасно се гледа од ставките приходи/расходи.

Впрочем, ниту независниот ревизор, ниту пак Управата за јавни приходи не се фрапирале од финансиското работење на фондацијата.

Содржајност: Во желбата да биде посеопфатен и посодржаен во овој текст, авторот, од долгиот список на грантисти на Фондацијата отворено општество, ги издвоил оние граѓански организации кои во своите програми ги опфаќаат оние активности на кои треба да се посвети најголемо внимание за нивно подобрување и во Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2013 година – фундаменталните човекови права (ЛГБТ заедницата, правосудството, и казнената и затворската политика), корупцијата, евроинтеграциите (во делот на искористувањето на европските финансиски фондови) и слободата на изразувањето.

Добронамерниот новинарски пристап кон оваа насоченост на ФООМ би требало да има афирмативен став, но во овој текст, оваа определба се зема за грев. Само заради тоа што авторот не текстот ги доведува во врска дел од луѓето што се актуелни или поранешни  членови на граѓанските организации кои добиле финансиска подршка на нивните програми што треба да ги совладаат проблемите на кои укажува со години наназад Европската комисија.

Добронамерно му укажуваме на авторот на овој текст дека направил добро што ги издвоил токму овие грантисти на ФООМ и дека било потребно само уште малку позитивен пристап за да ги поврзе нивните активности со укажувањата на Европската комисија.

Но, еве да помогнеме кога сме веќе тука:

Авторот ѝ забележува на Фондацијата отворено општество зошто ги подржува програмите на Коалицијата за сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници, а во Извештајот за Европската комисија за напредокот на Република Македонија во евроунтеграциските процеси за 2013 година, во однос на степенот на соработката со граѓанските организации општо, и посебно со оние кои се занимаваат со човековите права во однос на сексуалната определеност, се вели:

„…потребно е дијалогот и соработката помеѓу Владата и граѓанското општество да се подобри во пракса, особено со оние организации кои се занимаваат со социјална реформа, родова еднаквост, Ромите, како и правата на лезбејките, геј, бисексуалците, транссексуалците и интерсексуалците (ЛГБТИ). Владата треба да покаже поголема отвореност за вклучување на граѓанското општество.“

Потоа авторот направил добар потег што на виделина го извадил Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија, но кога веќе прашува зошто ФООМ издвојува од буџетот за негово финансирање, требало повторно да погледне во извештајот на ЕК и да прочита дека:

„…Потребни се поголеми напори и да се обезбеди дека сите налози за притвор пред судење и продолжување на истото се во согласност со Европската конвенција за човекови права и судската пракса на Европскиот суд за човекови права за член 5 (право на слобода и безбедност).“

Инаку, авторот на овој текст наивно прифатил една целосно погрешна информација што има за цел да го проблематизира статусот на Хелсиншкиот комитет за човекови права – немал лиценца. Малку напор треба за да се провери дека не постои такво нешто како што е лиценца за да се формира граѓанска организација која ќе ги застапува принципите на завршниот акт на КЕБС (денешно ОБСЕ) во Хелсинки во 1975 година. Овој завршен акт е важен затоа што ја вовел хуманата димензија (човековите права) во безбедносното димензионирање. Освен тоа, повикал и на одговорност на државите и мониторинг на имплементацијата на договорените стандарди. За подобар мониторинг почнале да се формираат невладини организации на национално ниво и многу од нив го зеле името Хелсиншки во својот наслов.

Понатаму, текстот го проблематизира и финансирањето на „Транапарентност Македонија“,а во Извештајот за Европската комисија за напредокот на Република Македонија во евроунтеграциските процеси за 2013 година се истакнува:

„… корупцијата и понатаму преовладува во многу области и останува сериозен проблем, што посочува дека се уште треба да се види влијанието од  спроведувањето на постојното законодавство,  а ефикасноста на постојните мерки мора да се подобри. Во моментов, премногу обвиненија не стигаат до фазата на судска одлука и казнување, или потребно е многу време за да дојдат до тоа поради постојаните повторни судења. Казните кои се имаат за цел да ја спречат корупцијата не се користат со целосен разубедувачки ефект.“

И се истакнува:

„Корупцијата во јавните набавки и понатаму претставува сериозен проблем. Иако има значителен број на пријави за прекршување на Законот за јавни набавки и корупција во јавните набавки, во моментот нема назначено институција за ефикасна и навремена контрола и надзор на јавните набавки, вклучувајќи ги и концесиите и јавно-приватните партнерства и извршувањето на договорите.“

Авторот на овој текст покажува дека е заинтересиран за демократскиот развој на нашата земја и само треба да го насочи своето внимание кон проблемите што стојат на тој пат, а не на личностите што ги идентификува како мотив за да се подржи одредена иницијатива која има за цел да ги подобри состојбите. Еве, на пример: Зошто би било проблем ако Македонскиот центар за европско образование се залага за искористување на европските фондови, кога и Европската комисија вели дека:

„… постои загриженост дека ограничените националните капацитети за програмата и трошење на средствата од ИПА според ДИС, може да го зголемат ризикот за непочитување на обврските. Националните системи за управување и контрола остануваат нееднакви и потребно е нивно зајакнување…“

И на крајот, зарем треба да се сомневаме кога во Извештајот за Европската комисија за напредокот на Република Македонија во евроунтеграциските процеси за 2013 година се укажува на состојбите со слободата на изразување и медумите и кога се регистрира:

„… репутацијата на државата во однос на слободата на медиумите продолжи да се влошува, и на домашно и на меѓународно ниво. Довербата помеѓу претставниците на власта и медиумите беше сериозно нарушена со настаните од 24 декември 2012 година. Дијалогот за медиуми, што беше позитивен пример за регионот од неговото започнување во 2011 година, беше прекинат. Медиумската средина продолжува да биде високо поларизирана…“

Добронамерно, тоа се аргументите. Само треба да се одмери дали треба да се осудува поддршката на било која домашна фондација или странска агенција за поддршка на демократскиот развој на Република Македонија, особено во оние делови каде што се покажува најмал прогрес или стагнација, само заради тоа што во телата на организациите што ги покриваат овие области седат луѓе со поинакви политички определби.

Пристрасност: Овој текст не ја крие политичката пристрасност и тоа дури и не мора да биде ништо спорно. Познати се искуствата од медумската пракса кога одредени медиуми целосно и контунуирано, или во одреден период „застануваат“ зад политиките на одредена политичка партија или идеологија. Но, малку е чудно кога еден медиум, кој отворено застапува одредена владеачка политика, осудува други медиуми кои имаат критички тон кон актуелниот политички концепт, или, исто како и медиумот чиј текст рецензираме, застапува политики на друга политичка партија. Впрочем, 8 од 12 реклами на насловната страна на медиумот каде што е објавен текстот што го рецензираме, се владини, на владини агенции или на претпријатија со мнозински удел на Владата на РМ.

Коментирање: Речиси нема пасус во текстот во кој нема коментар. Тоа не е ниту „ексклузивно“, ниту „истражувачко“ новинарство. Најдобронамерно му сугерираме на авторот на текстот да посети некои од обуките за истражувачко новинарство што ги реализираат граѓанските организации како подршка за медиумски и развој на новинарските професионалци.

Оригиналност/Плагијат: Како што најавивме во насловот, кога го споменавме намерното блурирање  на јасните граници и стандарди кога се во прашање новинарските форми, овој текст не може да се определи со ниту една досега позната професионална форма. Ниту според основните стандарди за вест и извештај, ниту според тонот, ниту според изворите.

Квалитет на насловот: Нема директни аргументи во текстот што можат да поткрепат ваков наслов. Насловот изведува заклучок и сугестија без поткрепа.

Фотографија: Фотографија нема. Има скриншотови од веб страници со потцртани имиња и фотографии за да се нагласи поврзаноста на акцентираните личности со ФООМ, а со тоа и со една од опозициските партии.

Говор на омраза: Нема експлицитен говор на омраза, но, од еден професионален новинар се очекува да избегнува стил со неаргуменирани квалификации кои можат да предизвикаат негативни ставови. Особено ако се насочени кон личности.  

Заклучок: Има уште неколку сугестии што би сакале да му ги укажеме на авторот на текстот што го рецензираме доколку друг пат се впушти во пишување на нова „ексклузива“ или „истражувачка“ сторија

Авторот, ако не знаел, требало да се распраша како да дојде до одговорите на некои од прашањата што ги поставува во текстот. На пример, во текстот пишува дека:

„… во годишниот извештај не може да се најде како во детали се потрошени средствата.  Останува тајна начинот на кој се распределени овие средства и вкупните суми со кој се финансира мрежата на невладини организации и експерти ставени во функција на опозицијата.“

Оваа констатација и дилема за авторот е само негова дилема зашто секој грантист на ФООМ, или на било која друга фондација, е должен на својот веб сајт или во друго јавно гласило да ги објави годишните програмски и финансиски извештаи. Во овој случај, фондацијата што е тема на овој текст, не е должна да ги објавува извештаите на нејзините грантисти.

Една од адресите на која можел да се обрати авторот е Министерството за образование и наука со оглед на тоа дека ова владино тело е партнер на ФООМ во програмата за стипендирање на средношколци од ромската заедница. Секако дека министерството, врз основа на стандарди за отчетност и врз основа на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на авторот на овој текст ќе му ги ставеле потребните информации.

Во истражувачките стории треба да се биде докрај прецизен. Во „ексклузивната“ анализа за распределбата на финансиската подршка на проекти во граѓанското општество, ќе беше фер да се укаже на тоа дека во извештаите на кои се повикува авторот стои дека речиси половината од вкупниот буџет на фондацијата доаѓа од други донатори. Тие препознале дека фондацијата нуди поддршка за релевантни и потребни проекти на граѓанските организации и дека е добро, преку фондацијата, тие да бидат подржани. Еве некои од партнерите на ФООМ: УСАИД, Мисијата на ЕУ во Македонија, Швајцарската агенција за развој, агенцијата МАТРА на Кралството Холандија. Докажани пријатели на Република Македонија.

Не треба да се пренебрегне ниту тоа дека меѓу корисниците на грантовите на ФООМ во 2012 година биле и повеќе граѓански организации кои работат под покровителство и за поддршка на десеттина општини. Градоначалници на речиси сите општини се од актуелната владеачка партија.

Уште една сугестија до авторот и до уредниците на медиумот каде што е објавен овој текст. Забележуваме пракса дека одреден број на други медиуми често преземаат текстови од ова гласило. Иако е тоа чудно зашто во неколку наврати наназад се констатираат професионалните новинарски слабости на журналистичките продукти на овој медиум, сугерираме дека одговорноста на овој медиуми  е многу голема кога веќе имаме ваква појава. Затоа е потребно поголемо внимание и посветеност кога се обработуваат текстовите. За да не се мултиплицираат грешките.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

селективно избрани и толкувани

не може да се утврди точноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални

нерелевантни

1 извор

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

не може да се утврди

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

ненаведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

несоодветна

манипулира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

нечитлив

не е апликативно

нема контекстуални линкови

стилски неуреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести