Mалолетно девојче злоупотребено за политичка пресметка
Објавено во Рецензии
on 24 - 07 - 2015 Автор: Александар Писарев
[Рецензија: Додека вие и вашите деца се печете, ќерката на Заев на јахта!]
Текстот што го рецензираме може да се окарактеризира единствено како кафански примитивизам и фото-тероризам, а не како новинарски производ. За да ја прекине медиумската „забава“ со контроверзните очила на премиерот и да им ја „намали цената“, а притоа да отвори и хајка против лидерот на опозицијата и неговите соработници, медиумот објавува примитивен текст за летување на ќерката на претседателот на опозициската партија, Зоран Заев, кој не е поткрепен со ниту еден факт. На бизарен начин, и спротивен на сите новинарски стандарди, со преземање на нејзината фотографијата од ФБ-профилот, под наслов „Додека вие и вашите деца се печете, ќерката на Заев на јахта!“, го злоупотребува малолетното девојче за политичка пресметка со опозицијата, што во правна држава би имало судска разврска.
Линк до оригиналниот напис: Додека вие и вашите деца се печете, ќерката на Заев на јахта!
Датум и време на објавување: 21.07.2015, 12:30
Датум на рецензирање: 23.07.2015
Рецензент: Александар Писарев
ЗЛОУПОТРЕБА НА ДЕЦАТА
Кога станува збор за фактите, тие се изгубени во морето произволни тврдења на сметка на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, и на неговите соработници кои во овој настан со ништо не се инволвирани. Фактите и не се важни, туку пропагандната порака и партискиот спин.
Категорички се тврди дека малолетното девојче е сликано на семејната јахта на Заеви. Врз основа на што да му веруваме? На јахтата не се гледа број на пловидбена дозвола преку кој би можел да се идентификува сопственикот и каде е таа впишана како пловен објект. Според тоа, објавеното не е вистина. Впрочем, кој пропуштил можност на море да не се слика на или покрај некоја скапа јахта.
Во политичката пресметка авторот отворено ги меша и другите децата и предупредува дека се злоупотребени од Заев.
„Лидерот на опозицијата Зоран Заев кој ревносно се бори и пропагира социјална правда, своите деца ги испратил на ексклузивно летување со фамилијарната јахта. Додека вашите деца трчаат по улица за да му угодат на Заев, неговата ќерка ужива на ексклузивна јахта некаде во светските мориња и океани. Како што можете да видите, тука не станува збор за базичен модел на јахта туку за јахта со кожни седишта и лежалки…“
СЛИКОВНИЦА ЗА 18+
Пристрасноста во овој прилог е доведена до ниво на непримерено навивачко поддржување на една и некритичко напаѓање на друга политичка опција, што воопшто не може да се смета за новинарски призвод.
„Извор на факти“ се коментари на сечканите фотографии од разни проспекти и сликовници на скапи автомобили и јахти, кои им се припишуваат како сопственост на првите луѓе на СДСМ.
„Во обидите за дискредитација на раководната структура на ВМРО-ДПМНЕ, пропагандата на соросоидите се фати за очилата за сонце на премиерот Никола Груевски, па шпекулираа со несериозни, и едноставно кажано “глупави” суми на цени.“
Така, „ниската цена“ на очилата на премиерот, според авторот, не може да се спореди со цената на луксузните автомобили, јахти и џипови на Заев, Шеќеринска и на неговите соработници.
„Заев исто така се вози во автомобил вреден преку 200,000 евра, Потпретседателката на СДСМ, Радмила Шеќеринска пак се вози во џип Митсубиши Паџеро. Џип со врвни карактеристики и еден од најексклузивните на пазарот со цена на чинење од 60,000 евра па нагоре: Најбогатиот адвокат меѓу пратениците пак, Петре Шилегов се вози со Ауди А4, вредност од околу 35,000 евра:“
ВЕТЕР ВО ГРБОТ
Во нарушен и девастиран систем на вредности, вакви писанија не се изненадувачки, особено доколку уживаат заштита од политички моќници, кои им насочуваат „ветар во грбот“ за во својот примитивизам да бидат уште посилни и поагресивни, не водејќи притоа сметка за никакви етички или новинарски норми и стандарди.
За жал, таквиот примитивизам наидува на плодна почва, што го докажува сериското пренесување на овој прилог на сите провладини медиуми кои го голтат без никаква селекција или проверка на факти. Отворено се поставува прашање дали се работи за степен на некултура, необразование или нешто друго е во прашање во ваквите прилози.
Ако работите ги гледаме низ призма на поразителните факти дека и самите политичари учествуваат во ширење на примитивизмот, говорот на омраза, шундот, нарушен систем на вредности, неморал… при што институциите на државата молчат, тогаш правилата на политиката се подведени под популизмот, примитивизмот и под невкусот само за да се соберат евтини политички поени.
Нивната дистрибуција во медиумите од сродна политичка провениенција во овој случај нема ни „Н“ од новинарство, бидејќи се прекршени сите стандарди на новинарската професија, а правниците треба да се изјаснат дали можеби е направена и правна злоупотреба на фотографија од малолетно дете, објавена во политичка пресметка.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
нема факти
не може да се утврди точноста на наводите
неверодостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
нема евидентирани извори
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
можеби се прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
не може да се утврди
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
соодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
дискриминира
социјална
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
неквалитетни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови