verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Дипломатите не одговараат на непристојни прашања: „Заушка за Жижи“, американска шлаканица за СДСМ!

on 23 - 07 - 2014       

FireShot-Screen-Capture-045-Zizi-crop-resize

Предмет на рецензијава е напис кој ниту по еден основ не може да се набљудува како новинарски текст, иако е објавен во рубриката „Вести од Македонија“ и „камуфлиран“ во извештај од прес-конференција на Викторија Нуланд, американскиот помошник-државен секретар за европски и евроазиски работи, на Македонија. На прв поглед очигледно е зошто: веќе самата „опрема“ на текстот – насловот и илустрацијата упатуваат на вистинските мотиви зад пласирањето на вакво „писание“, а тоа е отворен напад и дискредитација, без никакви огради или призвук на објективност, на колега-новинар од друг медиум, а преку неговиот грб оцрнување и потсмев упатени на адреса на опозицијата.

Написот, всушност, не содржи ниту една информација, па дури ни шпекулација поврзана со она што се случувало на прес-конференцијата на Нуланд и премиерот Никола Груевски, туку прераскажување на „случка“ – дека г-ѓа Нуланд немала одговор на несоодветното прашање поставено од новинар, во случајов од колешката Слободанка Јовановска, па таа „посрамена“ си заминала од зградата на Владата.

„Несоодветното“ прашање, пак, е посебна приказна – новинарката ја прашала високата дипломатска претставничка на Соединетите Американски држави што мисли за едно од најгорливите политички прашања на земјата–домаќин, односно Македонија, а тоа е бојкотот на Парламентот од страна на опозицијата. Иако, според професионална новинарска логика ова прашање би требало да се најде на листата на поставени прашања во вакви прилики, без оглед дали соговорникот ќе одбере да одговори на него или не, во написот тоа е претставено како непристојно, изненадувачко, небулоза, нарачано.

Написот е срочен во манир на маалско озборување, со цитирање на често експлоатираните „извори од СДСМ“ кои секогаш за својата партија зборуваат исклучиво во најнегативна конотација. Преполн е со цинични и малициозни коментари насочени директно кон личноста на новинарката, која е недолично ословена со личниот прекар по кој е позната во новинарските кругови што речито зборува за нивото на професионалноста и комуникацијата кои се манифестираат во овој текст.

Рецензија: Дипломатите не одговараат на непристојни прашања: „Заушка за Жижи“, американска шлаканица за СДСМ!Линк до оригиналниот напис: Дипломатите не одговараат на непристојни прашања: „Заушка за Жижи“, американска шлаканица за СДСМ!

Датум и време на објавување: 14.07.2014, 20:58

Датум на рецензирање: 20.07.2014

Рецензент: Југослава Дуковска

 

ДВЕ ВО ЕДНО: НАВРЕДА НА КОЛЕШКА И ПОРАКА ЗА ОПОЗИЦИЈАТА

Факт е дека на вообичаеното обраќање пред новинарите, г-ѓа Нуланд дипломатски избегна да одговори на прашањето како го коментира бојкотот на македонскиот Парламент од страна на опозицијата. Тоа е, впрочем, и единствениот факт и докажлива вистина во целиот напис.

Како извор на информацијата околу која се формира „приказната за посрамената новинарка“, во написот се наведува забавниот портал друг портал, иако во наведениот изворен текст стои дека тој, всушност, го пренесува, пак, пишувањето на трет портал.

Сите елементи на пристрасност се детектираат во овој текст: нецелосно дадена вистина за настанот за кој станува збор, пристрасноста која избива од секоја реченица, како и извртувањето на вистината (неточно е дека Нуланд целосно игнорирала прашањето на новинарката, бидејќи таа даде дипломатски одговор кој не бил директен коментар на бојкотот. Потоа, не е познато како е проценето дека новинарката по прес-конференцијата си заминала од Владата „посрамена“ или, пак, дека американските дипломати останале зачудени од прашањето и слично).

Лишен од вистинска новинарска содржина, неопходна за професионално изработен материјал од прес-конференција, написот е, всушност, коментирање на настан на кој, очигледно, не било присуствувано.

 

ЛОШ НАСЛОВ, ПОЛОША ИЛУСТРАЦИЈА

Насловот на овој текст е сѐ што не треба да биде еден новинарски срочен наслов- долг, премногу интерпункции, содржи отворена навреда и недолично ословување на личноста на колешка – новинарка, а содржи и неточен коментар односно констатација: дека дипломатите не одговарале на непристојни прашања. Се поставува прашањето од каде произлегол ваков категоричен исказ – дали можеби авторот знае за некаков правилник или кодекс на однесување на дипломатите во светот, според кој тие никогаш не одговараат на „непристојни“ прашања.

Може недвосмислено да се заклучи дека написот е јасно мотивирани од една цел – преку нападот врз новинарката да упатат порака кон СДСМ и кон јавноста дека САД не ги одобруваат потезите што ги влече опозицијата во Република Македонија. Но, дури и да е така, овој напис со својата непрофесионалност не им наметнува таков заклучок на читателите. Попрво, заклучокот би бил дека текстот нема врска со новинарство.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

точни наводи

веродостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

неофицијални

нерелевантни

не може да се утврди

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

извртување на вистина (спин)

лажни информации

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

не може да се одреди

наведен извор без линк

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

несоодветна

манипулира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести