verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Дали сендвичарата пред уривање го сврте левичарот Угриновски во десно?

on 5 - 04 - 2013       

Манирот на македонските медиуми да ги прикриваат своите коментари, на тој начин што ги прикажуваат како вести и извештаи, а се потпираат врз претпоставки и ризична атрибуција на обвинувачките наводи.

Рецензија: Дали сендвичарата пред уривање го сврте левичарот Угриновски во десно?Линк до оригиналниот напис: Дали сендвичарата пред уривање го сврте левичарот Угриновски во десно?

Датум и време на објавување: 31.03.2013, 15:08

Датум на рецензирање: 01.04.2013

Рецензент: Биљана Илиќ

Вистинитост на факти: Клучните обвинувачки наводи во текстот не можат да се третираат како факти, бидејќи не само што не се поткрепени со докази, туку не се ни контекстуализирани. По исчитувањето на текстот, ние сѐ уште не знаеме ни за која ни за чија сендвичара станува збор, а камоли факти за спорот. Според тоа, бидејќи не се пласирани факти, не може ни да се оценува нивната точност или веродостојност.

Извори на информации: Интересно е дека во овој напис, чија жанровска определеност не е јасна, иако наликува на коментар, нема ниту еден извор. Сите обвинувачки наводи врз себе, како извор, ги презема медиумот, што не е добар начин на атрибуција и добра новинарска пракса.

Содржајност: Веста е несеопфатна и таа, свесно или поради недостиг на аргументи, прикрива многу податоци за случајот што го загатнува. Под претпоставка, се разбира, дека случај воопшто постои.

Пристрасност: Очебијната политичка наклонетост на текстот (за кандидатот Андреј Жерновски и против Слободан Угриновски и неговата поддршка за кандидатот Владимир Тодоровиќ), во основа, не би била спорна, кога медиумот би се осмелил јасно и недвосмислено овој текст да го рубрицира како коментар и да го потпише.

Сепак, ако коментарот не се потпира на факти, туку на недокажани и нејасни претпоставки, тогаш нема дилеми дека централната теза во него е спин.

Коментирање: Текстот, всушност, по своите карактеристики, е еден долг коментар. Во македонското новинарство денес постои манир коментарите да се прикриваат, на тој начин што се пишуваат како вести или извештаи, а тезите се прикажуваат како факти. Името на авторот што коментира, притоа, како по непишано правило, се прикрива. Овој текст е класичен пример за овој лош манир.

Плагијат: Авторот на овој напис-коментар не е наведен, иако е неспорно дека станува збор за оригинално дело.

Квалитет на насловот: Иако не е оправдан и „одбранет“ со содржината на текстот, насловот претендира веднаш да ја соопшти „сензационалната“ вест, според која една сендвичара пред уривање го свртела левичарот Угриновски од лево вдесно. Прашалната форма е за да се избегне аподиктичен суд, кој, евентуално, би водел кон непосакуваната разврска на суд.

Фотографија: Иако не би можеле да оцениме дали двете фотографии се објавени во манипулативен контекст, недвосмислено е дека нивната информативна вредност е искористена да ја поддржи основната теза на написот – Угриновски со Тодоровиќ, па Угриновски со Жерновски, што се случило? Дали е сендвичарата во прашање?

Говор на омраза: Иако текстот објавува обвинувачки наводи на сметка на Угриновски, тие се од таква природа што не би можеле да ги оцениме како дискриминирачки.

Уреден за веб: Читливоста на текстот е под влијание на бројот на печатни грешки и лошо конструираните реченици, кои не му овозможуваат на читателот да чита со природен наративен тон. Од друга страна пак, написот е исцепкан на премногу куси пасуси, разбиени со две големи слики, кои пак се различно форматирани (едната централно, другата порамнета од лево). Дополнително, едната од нив претставува линк до помала верзија од себе, што е тотално нелогично и непотребно. Целокупниот впечаток кој го остава оваа жанровска мешавина е дека објавувачот не обрнал внимание на уредноста на делото кое одлучил да го остави зад себе кога кликнал на копчето „Објави“.

Заклучок: Не тврдиме дека тезата на овој напис – дека лидерот на Титовите леви сили ја сменил страната за да ја спаси фамозната сендвичара – е нужно неточна. Сосема е можно да е и точна. Но, текстот не ни дава ниту еден аргумент во прилог на одбрана на ова тврдење.

Наместо пласман на конкретни факти и докази, авторот се определил за коментирање, врз основа на недоволно јасни претпоставки. Резултатот на неговата постапка не е добар и е под нивото и реномето на медиумот што го објавил овој напис.

Рецензија: Дали сендвичарата пред уривање го сврте левичарот Угриновски во десно?

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

Претплатете се за најнови вести