verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Цените на нафтата продолжуваат да растат за над 5 отсто

on 30 - 08 - 2015       

Макфакс   Цените на нафтата продолжуваат да растат за над 5 отсто-crop-resize

[Рецензија: Цените на нафтата продолжуваат да растат за над 5 отсто]

 

Има сегменти во новинарството кои се специјализирани и каде што специјализираното знаење е неопходно. Во нив се користи стручна терминологија, односно жаргон (деловен, научен) и неопходно е познавање на таа стручна терминологија за таквиот текст да може квалификувано да се преведе и да биде разбирлив на целниот јазик. Овој текст е таков. Тој бара специјализирано познавање на терминологијата што се користи на светските пазари за трговија со нафта и на финансиските пазари пошироко. Исто така, со оглед на тоа што станува збр за превод на напис од „Ројтерс“, неопходно е специјализирано знаење на деловниот жаргон во англискиот јазик кога станува збор за светските пазари на нафта.

Макфакс   Цените на нафтата продолжуваат да растат за над 5 отстоЛинк до оригиналниот напис: Цените на нафтата продолжуваат да растат за над 5 отсто

Датум и време на објавување: 28.08.2015, 21:15

Датум на рецензирање: 29.08.2015

Рецензент: Владимир Петрески

„Во петокот вечерта цената на октомвриските фјучерси на северноморската мешавина од марката Brent се зголеми за 6,47 отсто, на 50,62 долари за барел. Притоа во еден момент од тргувањето во петокот, центата на нафтата на лондонскиот пазар достигна 50,97 долари за барел. Октомвриски фјучерски за лесната нафта WTI пораснаа за 7,05 отсто, на 45,56 долари, а во текот на тргувањето на њујоршкиот пазар скокна и до 45,88 долари за барел.“

Најпрвин за „октомвриските фјучерси“ (или фјучрси). Да, економистите знаат што е ова, ама јавноста главно не е сочинета од економисти. За лаиците меѓу читателите, ова е крајно збунувачки. Проблемот е што оваа синтагма се објаснува многу лесно. Наместо „октомвриските фјучерси“, сѐ што требало да се каже е „договорите склучени на тој и тој датум, кои се однесуваат на испорака на нафтата во октомври“. А, потоа можело да се додаде и дека ваквите договори се нарекуваат фјучрси, како и да се истакне дека тие можат (иако не мора) да бидат индикатор за тоа какви ќе бидат цените на нафтата по два месеци.

Потоа, не е точен описот за тоа што претставува „Brent“. Да се каже „северноморска мешавина од марката Brent“ е неточно. „Brent“ не е марка, туку претставува бенчмарк (репер, референтна точка, показател) за цената на нафтата која се вади од Атлантскиот басен, пред сѐ, од дупнатините од Северно Море. Името „Brent“ доаѓа од начинот на кој корпорацијата „Шел“ ги именува нафтоносните полиња – според имиња на птици, во конкретниов случај гуска од видот брент (Branta bernicla, lat.). Истовремено може да биде и кратенка од слоевите што го формираат нафтоносното поле: Broom(oseBerg), Rannoch, Etive, Ness и Tarbert.

Реперот се однесува на вид нафта која се нарекува „лесна сирова нафта“, класифицирана како „слатка лесна сирова нафта“ (sweet light crude). „Слатка“ поради ниското ниво на сулфур во неа. Brent е водечки репер кој се користи за одредување на цената на две третини од меѓународно истргуваните количества нафта.

Исто така, не може да се каже „лесната нафта WTI“. Иако има вид нафта која скратено се нарекува WTI, кратенка од West Texas Intermediate, во конкретниов случај не станува збор за нафтата како нафта, туку повторно за бенчмаркот со истото име, кој покажува колку таа нафта чини. Тој репер се користи во договорите за испорака на нафта во точно одреден датум во иднината (значи во фјучрсите или фјучрс-договорите) кои се склучуваат на Трговската берза во Њујорк (New York Mercantile Exchange) на која се тргува на големо со индустриски или прехранбени суровини, чии цени се формираат на меѓународно ниво.

За разлика од реперот Brent кој се однесува на нафта која се вади од наоѓалиштата во Европа, Африка и на Блискиот Исток и во најголем дел се рафинира во рафинериите во Северозападна Европа, WTI „лесната светла сирова нафта“ (која е уште „полесна“, зашто има помала специфична тежина и уште „послатка“ од Brent зашто има и помало количество на сулфур), на која се однесува истоимениот репер WTI, сe произведува на територијата на САД и се рафинира на Средниот Исток од земјата, како и во регионите кои излегуваат на бреговите на Мексиканскиот залив (или како што во САД се нарекува: Gulf Coast). Реперот WTI подразбира испорака на нафтата до местото Кушинг во сојузната држава Оклахома, мало гратче со околу 8.000 жители во кое се пресекуваат многу нафтоводи, во кое има и големи нафтени резервоари за нејзино чување, како и лесен пристап до повеќе рафинерии.

Цените кои ги покажуваат Brent и WTI можат да бидат слични, но и различни во зависност од трошоците за рафинирање и за транспорт на нафтата, кои се менуваат.

Овој дел од текстот, пак, не е сосема јасен:

„Цените на нафтата, исто така, добија поттик и од статистичките податоци за бројот на инсталациите за дупчење во САД. Американската компанија „Baker Hughes“ објави дека резултатите од штотуку завршената работна седмица покажуваат дека вкупниот број на испорачани вакви инсталации се намалил за 8 единици, односно за 0,9 отсто, на 877 единици. На годишно ниво тоа претставува пад на показателот на 1.037 единици, односно за 54,2 отсто.“

Како прво, овде  не станува збор за никакви единици, ниту за показатели. „Baker Hughes“ е фирма која изработува и продава опрема за дупчење и има интерес да го следи пазарот во својата индустриска гранка – колку инсталации за дупчење се продаваат вкупно за да знае колку може да очекува да продаде, колку да произведе и колкаво количество на резервни и потрошни делови, исто така, да чува на лагер. Потоа, од овој пасус не е јасно колку тоа инсталации за дупчење има во САД – 877 или 1.037. Во една реченица се вели дека нивниот број „се намалил за 8 единици, односно за 0,9 отсто, на 877 единици“, а во следната дека „тоа претставува пад на показателот на 1.037 единици, односно за 54,2 отсто.“ Комплетно нејасно.

И, на крај, се спомнуваат „експертите на компанијата „Ritterbusch & Associates““ и нивниот став во однос на движењето на цените на нафтата. Оваа компанија е непозната. Може да биде аналитичка „бутик“ фирма со неколку вработени или да управува со милијарди долари кои ги инвестира во нафта за потребите на клиентите, како и да има илјадници вработени. Неопходно е да ни се каже што фирма е „Ritterbusch & Associates“ за да знаеме каков став да заземеме во однос на нивната оцена. Дали станува збор за фирма која прави независни анализи или за берзански играч, кој е вклучен во тргувањето со нафта. Мало пребарување покажува дека станува збор за првиот вид, односно за фирма која врши самостојни истражувања и анализи и советува клиенти за идните движења на пазарите на нафта.

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

и точни и неточни

веродостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

неофицијални

релевантни

повеќе извори

повеќестрани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

сеопфатнo

нема прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

целосно прикажува вистина

нема извртување на вистина (спин)

нема лажни информации

не аплиактивно

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

нема коментаторски елементи

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

целосна копија (агенциска вест)

наведен автор, наведен извор без линк

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

информира

некреативен

несензационален

соодветен

јасен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести