verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Бучковски и Црвенковски во 2004 година договориле Македонците во Кичево и Струга да станат малцинство

on 27 - 03 - 2013       

Еден ден по протестот на Македонците во Кичево, пред штабот на ВМРО ДПМНЕ во овој град, исвиркувањето на премиерот, неговата блокада во зградата на неговата партија и бегството од овој град, неделникот Република излегува со текст на својот портал со кој виденото од Кичево го прогласува за нешто непостоечко, а незадоволството на кичевскиот народ, независно од мотивите, го пренасочува кон никој друг (а кој друг?) туку кон лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски и поранешниот лидер на таа партија и премиер Владо Бучковски.

„Револтот кој деновиве кулминира во Струга и особено во Кичево всушност е продолжение на незадоволството кое се појави пред и по референдумот за територијална одбрана од 2004 година…“

Цитатот е извадок од овој текст, кој она што се случуваше во Кичево во вторникот, на 26 март, го сместува во „историска димензија“ во која споменатиот, актуелен датум едноставно нема да биде забележан, по можност и целосно незабележлив, откако ќе биде заменет со објекти на незадоволството на народот што сега не се апострофирани.

Рецензија: Бучковски и Црвенковски во 2004 година договориле Македонците во Кичево и Струга да станат малцинство Линк до оригиналниот напис: Бучковски и Црвенковски во 2004 година договориле Македонците во Кичево и Струга да станат малцинство

Датум и време на објавување: 27.03.2013, 17:05

Датум на рецензирање: 27.03.2013

Рецензент: Љубомир Костовски

Вистинитост на факти: Фактите на кои нè потсетува Република се точни, но се изместени од постојниот контекст на незадоволството, кое, освен што беше поврзано со – условно националниот статус на градот – имаше и јасни социјални димензии и беше исвиркување на вкупната програма на власта.

Потоа, територијалната прераспределба беше дел од политичка програма на која нè обврзуваше Рамковниот договор, потпишан и од претставник на ВМРО ДПМНЕ, а згора постоеше и неуспешен референдум, на кој приврзаниците на старата локална шема остварија резултат од 20-тина отсто. Оваа власт имаше време од седум години да измени нешто во таа „шема“, ако имаше волја и политичка кауза, ама тоа не го стори, а неделникот тоа го прескокнува во својот текст.

Извори на информации: Незадоволството на народот во Струга и Кичево има јасна адреса. Во Струга се работи за пишуван текст од населението, еден вид политички памфлет, со јасна адреса – ВМРО ДПМНЕ, а во Кичево, тоа камерите на неколку телевизии јасно го забележаа, одново незадоволството е насочено кон владејачката партија. Текстот во Република едноставно е „ишкање“ односно целосна замена на субјектите.

Содржајност: Овој текст комплетно го прикрива она што се случуваше во Кичево на 26 март и тоа е споменато само иницијално, без насочување на атмосферата и паролите на нерасположениот народ. Од тој аспект текстот не содржи ниту основни информации за поводот на неговото пишување (алармантното бегство на премиерот од градот).

За разлика од многу други медиуми, наклонети кон власта, Република барем го признава огромното незадоволство кај Македонците во Струга и Кичево, ама ги сокрива сите други елементи и место нив вметнува други, со историска „патина“.

Пристрасност: Вистината во овој миг е дека народот е незадоволен од Груевски и тоа јасно го покажува, ценејќи дека тој не ги исполнува оние ветувања кои така лесно и огнено ги дава во говорите дадени со националниот патос. Населението во Струга не може да заборави дека и покрај постојната територијална распределба Струга можеше да има градоначалник Македонец – муслиман (Фијат Цановски), на изборите во 2009 година, ама ВМРО ДПМНЕ му ги даде гласовите на кандидатот на ДУИ! За тоа не беше виновна територијалната поделба! Стружани го казнија Груевски на изборите во 2011 година за овој „предавнички чекор“, кога ВМРО ДПМНЕ беше поразен од својот политички ривал!

Коментирање: Текстот е објавен на порталот на неделникот и по својата природа би требало да биде (дневна) информација, но тој жанровски има микс на коментаторски елементи и тие се дадени во контекст на тезата со која ќе се направи мост меѓу една актуелна ситуација во два македонски градови со други, во реалноста неспоменати политички актери.

Квалитет на насловот: Насловот ја дава темата, односно целта која подолу треба да се „покрие“ и во таа смисла тој е дел од комплетен спин и заштита на ликот и делото на актуелниот премиер. Тој е релативно предолг во однос на другите наслови во неделникот, бидејќи, настојува да биде поексплицитен во спинот.

Фотографија: Со оглед на мотивот за написот би било за очекување дека ќе биде професионално илустриран со сцени од пречекот на Груевски во Кичево. Или со некакво конкретно изразување на незадоволство на народот! Но, тој дава фотографија од Црвенковски на некој митинг која нема никаква врска со настанот што треба да биде изложен, ама е дел од природата на текстот: да се одбегне сликата на она што вистински се случуваше  – онаа со народот.

Заклучок: Во текстот се споменува сцената кога во Струга тогашниот премиер Бучковски беше запален во зградата на штабот на СДСМ. Но, историјата се повторува  – за малку истото ќе му се случеше на Груевски во штабот на неговата партија во Кичево.

Рецензија: Бучковски и Црвенковски во 2004 година договориле Македонците во Кичево и Струга да станат малцинство

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

Претплатете се за најнови вести