verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Бранко и Љубчо си договориле амнестија?

on 26 - 09 - 2013       
Овој напис го има и на: Албански

Branko i Ljupco si dogovorile amnestija 002

Текстот, а особено насловот, е спин од изјава дадена на член на Комисијата за верификација на факти за друг медиум, која  авторот на овој текст ја коментира и извлекува заклучоци кои не кореспондираат ниту со изјавата што ја обезбедил дополнително од истиот соговорник, ниту со изјавите добиени од политичките партии што се споменуваат.

Дополнително, насловот зборува за договорена амнестија, термин кој во правото треба да значи: донесување на закон со кој одреден број лица се ослободуваат од гонење, потполно или делумно се ослободуваат од извршување на казните, им се заменува изречената казна со поблага, се одредува бришење на осудата или се укинуваат правните последици од таа осуда. Доколку тврдењето би било точно дека е направен некаков договр, би требало да се зборува аболиција, правна мерка која претставува ослободување од кривично гонење на лица за кои постои основано сомневање дека извршиле кривично дело. Лицето кое е опфатено со аболицијата не може да се гони кривично и во ситуација кога има основ за негово гонење.

Branko i Ljupco si dogovorile amnestija 001Линк до оригиналниот напис: Бранко и Љубчо си договориле амнестија?

Датум и време на објавување: 24.09.2013, 23:26

Датум на рецензирање: 26.09.2013

Рецензент: Саше Димовски

Вистинитост: Од понудените информации, не може да се утврди вистинитоста на  тврдењата во текстот, бидејќи главниот извор, пренесената изјава на соговорникот, е дадена како претпоставка, а новинарот со ништо не ја поткрепува. Дополнително, текстот ни пренесува изјави кои ја демантираат претпоставката со која се занимава новинарот, па дури и самиот соговорник во директната изјава за овој медиум, како што наведува авторот, „ретерира“. Во таква ситуација, кога сите демантираат, меѓу нив и самиот извор кој првично изнел претпоставка, не може да се говори за било каква вистина која би можела да ни ја доближи анализиранава статија.   

Извори на информации: Изворот на информации, според неговата релевантност, не може да се оцени за сериозен, бидејќи и самиот тврди во првата изјава дека „претпоставува“, а понатаму сам ретерира од првично дадената изјава. Но, и покрај ваков извор на информацијата, авторот гради тези и извлекува заклучоци, кои се апсолутно контрадикторни, пак, на изворите кои понатаму ги консултира, наводно блиски со едната или другата политичка опција кон која е насочено обвинувањето за склучен договор за амнестија (или за аболиција м.з.).

Содржајност: Текстот изобилува со содржина која не може да се провери и докаже, бидејќи не се темели на факти и аргументи, туку на претпоставки.

Пристрасност: Од самиот наслов, па до контекстот на целата приказна, се провејува пристрасноста која е насочена кон две личности, Бранко Црвенковски и Љубчо Георгиевски, посочени во текстот, со видлива дистинкција дека наводната амнестија ја договорило претходното раководство на ВМРО ДПМНЕ. Ваквиот пристап кон наводниот договор го негираат сите повикани, кои се користени како извори во текстот, но авторот не се обидел да обезбеди изјави од Црвенковски и Георгиевски, па нив им го припишал договорот без за тоа да побара мислење, а приказната ја темели на странични извори чија релевантност е многу мала за давање вистински податоци за периодот за кој се пишува.  

Коментирање: Текстот почнува со прашања, па продолжува со коментар и завршува со заклучок во првите пет реченици, пред да ни ја понуди на увид изјавата која ја коментира, а понатаму продолжува со пренесување на информации, кои иако не му одат во контекст на напишаното, не ги коментира, туку прави обид да ги минимализира. Бидејќи не станува збор за коментар во весникот, туку за текст кој треба да информира, ваквиот пристап не треба да биде својствен за дневен весник.

Оригиналност/Плагијат: Според пристапот, текстот е оригинален иако идејата за вакво новинарска работење е копија која ја практикуваат се’ повеќе новинари и медиуми, каде што главна цел е напад на политичкиот противник на власта, а не информирање.

Квалитет на насловот: Насловот е најпроблематичниот дел во целата приказна, кој тврди дека Бранко и Љубчо постигнале договор за амнестија, но во текстот не е понуден ниту еден аргумент кон ова тврдење. Пример за класичен спин, отсуство на основните новинарски норми и неуспешен обид за наметнување на тема за дебата во јавноста со насочување кон наводни настани од пред речиси 20 години, за кои не се нудат аргументи туку претпоставки.  

Фотографија: Архивската фотографија од двајцата посочени политичари кореспондира со насловот, преку која се зацврстува спинот за наводен договор, на која фотографија тие се дадени како се ракуваат, што на прв поглед на читателот треба да му даде претстава дека договорот бил заокружен и со подадена рака.

Говор на омраза: Во текстот може да се препознае видлив говор на омраза, бидејќи целиот контекст упатува на криминални активност на двајцата лидери, двете политички опции, кои се криминални структури, и за да опстојат на политичката сцена постигнале ваков договор, газејќи ги Уставот и законите. Ваквиот пристап јасно укажува дека конкретнава сторија е далеку од етичките стандарди во новинарството. Скриената порака и нападот врз противниците на сегашната владејачка гарнитура се доволен сигнал за политичка одмазда која се сервира преку медиумите. Текстот почнува со прашања, одговори и заклучоци, уште пред да понуди каков било доказ за ваквото тврдење.  

Заклучок: Овој пример на „храбро“ истражувачко новинарство на македонското минато во периодот на македонската транзиција, покажува дека медиумите многу лесно прифаќаат информации без значајна релевантност, кои понатаму ги моделираат и си ги приспособуваат на дадениот политички момент, претставувајќи ги како апсолутна вистина, позната само на авторот на текстот, а за тоа не нудат ниту еден аргумент од кој читателот ќе го стекне истиот впечаток како и авторот.

Во овој случај, авторот би требало барем да се занимава со елементите што се составен дел на досието „Темел“ па оттаму да посочи кои луѓе и за какви криминални активност не биле гонети, како поткрепа на неговите тврдења изнесени во текстот.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

нема факти

не може да се утврди точноста на наводите

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

нема евидентирани извори

неофицијални

нерелевантни

1 извор

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

не може да се утврди

извртување на вистина (спин)

не може да се утврди

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

наведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

креативен

сензационален

соодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

манипулира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

говор на омраза

не потикнува на насилство

дискриминира

политичка дискриминација

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести