verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Албанска Мала Преспа се подготвува за инвазија во македонска Преспа

on 5 - 04 - 2013       

Злоупотребата на гласачите од Пустец злоупотребена во напис во кој се стигматизира целата заедница на Македонци од Мала Преспа.

Рецензија: Албанска Мала Преспа се подготвува за инвазија во македонска ПреспаЛинк до оригиналниот напис: Албанска Мала Преспа се подготвува за инвазија во македонска Преспа

Датум и време на објавување: 04.04.2013, 18:43

Датум на рецензирање: 04.04.2013

Рецензент: Биљана Илиќ

Вистинитост на факти: Написот, кој наликува на мала репортажа, соопштува факти, но се сомневаме во нивната веродостојност. Наводите дека во Мала Преспа се краде риба, дека таму голема пара се врти, дека жителите на Пустец добивале по 150 евра за глас за Фатмир Дeхари во Кичево и други, се паушални, неатрибуирани и непоткрепени со докази.

Извори на информации: Текстот се повикува на анонимни извори, кои се именувани како „Преспани“,  „Македонците од Мала Преспа“, „една анонимна жена“ итн. Бидејќи во случајов станува збор и за претерани генерализации (како е можно, на пример, „Македонците од Мала Преспа“ нешто да тврдат – белки не тврдат сите заедно?), читателот се сомнева дека написот, всушност, се темели на импресии на авторот, не на искази на извори.

Содржајност: Веста содржи неколку приказни и ниту една од нив не е доволно истражена и објаснета. Не е доволно аргументирано кој краде риба и зошто. Не е објаснета приказната за наводниот поткуп на гласови во Кичево. Не е поткрепено тврдењето дека 70 отсто од младите во општината сакаат да си заминат. Не тврдиме дека наводите се неточни, или дека текстот прикрива информации, но нема дилема дека тој „претрчува“ од една до друга импресија на авторот, пласирајќи ги како факти со сомнителна веродостојност.

Пристрасност: Во написот отсуствува другата страна на приказната, онаа што би можеле да ја раскажат жителите на Мала Преспа. Текстот, рековме, има претензии да биде мала репортажа, па оттаму, за да се постигне нужната избалансираност, авторот требало да покаже минимална отвореност и кон поинакви погледи за феноменот што сака да го отслика. Вака, тој покажува очигледна наклонетост кон аголот на приказната за лошите Македонци од „албанска“ Мала Преспа, кои ја уништуваат „македонска“ Преспа. Не можеме да утврдиме дали  таа наклонетост директно води кон политичка пристрасност, иако контекстот на изборите и спинот во завршницата упатува на тоа.

Имено, во завршниот параграф се пласира класичен спин:

„Граѓаните се свесни дека на овие избори големи се шансите да потпишат ‘самоубиство’, велат тешко е против власт и сила. Не веруваат дека некоја меѓународна заедница ќе им помогне, бидејќи сметаат дека Кичево што било дадено на ДУИ, е замената за остатокот да го добие ДПМНЕ.“

Коментирање: Поголем дел од наводите во текстот, всушност, се коментари на авторот кои не се поткрепени со факти, туку се интегрирани во целината на приказната. Притоа, дури и да се прифати извесна доза на нагласено присуство на авторовиот став (во аналитичките жанрови тоа е дозволено), треба да биде многу појасно прикажано каде завршуваат исказите на изворите и другите регистрирани факти, а каде почнува присуството на самиот автор, неговите импресии и погледи.

Квалитет на насловот: Насловот, кој зборува за инвазија на „македонска Преспа“ од страна на „албанска Мала Преспа“, е сензационалистичко и тенденциозно отворање на една приказна, која, во основа, се труди во најцрно светло да ги прикаже Македонците од Мала Преспа.

Фотографија: Текстот е придружен со панорамска фотографија на град, за кој не можеме со сигурност да кажеме дали е Ресен или е Пустец (или можеби некое трето место). Соодветна фотографија за еден ваков напис, во кој авторот тврди дека разговарал и со жителите на Преспа, но и со тие од Мала Преспа, би била таа на која тие би биле прикажани.

Говор на омраза: Почнувајќи од насловот, написот содржи елементи на дискредитација и дискриминација врз национална основа. Нагласувањето на придавката „албанска“ за Мала Преспа и „македонска“ за Преспа, прикажувањето на жителите на Мала Преспа како крадци на риба, тврдењето дека повеќе доликува името Пустец да го носи градот Ресен и слично – сето тоа се елементи на дискриминирачки говор, кој треба да се избегнува во медиумите.

Заклучок: Македонија има големи проблеми со лажните гласачи од областа Мала Преспа во Албанија, кои се злоупотребени во изборниот процес. Тоа е веќе докажан факт. Сепак, проблемот во медиумите не треба да се третира со написи преполни со необјективни генерализации, со стигматизирање на една национална и социјална заедница и со презентирање на наводи со сомнителна веродостојност. Темата е чувствителна и актуелна пред вториот изборен круг, па затоа бара поинаков пристап.

Рецензија: Албанска Мала Преспа се подготвува за инвазија во македонска Преспа

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

Претплатете се за најнови вести