verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Агим Красниќи прободел затвореник со нож во Идризово

on 8 - 08 - 2014       

Агим Красниќи прободел затвореник со нож во Идризово NetPress-crop-resize

Уште еден пример за погубноста на копирачкото новинарство, каде што не се води сметка за основните постулати во професијата: да се провери веста, изворот или едноставно да се направи обид да се добие нешто повеќе како информација од таа на која се повикувате или ја препишувате, а станува збор за информација од земјава.

Главниот проблем во случајов е што порталов ни нуди вест која е стара 13 месеци и 3 дена и која, за жал, како таква била објавена и во септември 2013 година на истиот портал, но сега ни се нуди како „нова“, овој пат под формата дека наводно истата ја објавиле порталите на албански јазик.

Ваквиот начин на ретуширање на стари вести, го покажува непрофесионализмот во новинарството и немањето на почит кон читателот како консумент на информациите. До подготовка на оваа рецензија, ниту овој портал, ниту тие кои дополнително ја ископираа и објавија не најдоа доблест да се извинат за тоа што пренесоа стара информација. Ниту на читателите, ниту на засегнатите од содржината на веста.

Агим Красниќи прободел затвореник со нож во Идризово NetPressЛинк до оригиналниот напис: Агим Красниќи прободел затвореник со нож во Идризово

Датум и време на објавување: 05.08.2014

Датум на рецензирање: 06.08.2014

Рецензент: Саше Димовски

 

КРАСНИЌИ И ОД ШТИП ПРОБОДУВА ЗАТВОРЕНИЦИ ВО ИДРИЗОВО!

На прв поглед, понудената информација ви изгледа логична, зборува за инцидент во затворот „Идризово“, кој го предизвикал Агим Красниќи, напаѓајќи друг затвореник кој сведочел против него во судски процес, има изјава на директорот на затворот која била дадена за одредена телевизија, а сето ова го јавиле порталите на албански јазик.

Читателот ја консумира веста како таква, која е релативно коректно напишана, но за оние кои имаат одредени дополнителни сознанија од оваа област по првото читање се гледа дека нешто штрчи. И, со мала проверка на интернет доаѓате до податокот дека медиумот на 5 август 2014 година објавил информација која е стара повеќе од една година и која била објавена во иста форма на 8 септември 2013 година.

Линкот до сајтот, каде што била објавена веста на албански јазик, јасно покажува дека информацијата е од 8 септември, минатата година, а во веста и овој портал се повикува на изјава која ја дал директорот на затворот за Телевзија „Алфа“. Со пребарување на сајтот на телевизијата, која е цитирана во оваа вест, се гледа дека прилогот е објавен на 7 септември 2013 година, а оттаму ден подоцна е преземен на албански јазик. Но, и покрај сите проверки кои можеле да се направат, порталов ни ја нуди истата вест како да е сега објавена без никаква дополнителна проверка, што зборува за леснотијата по која посегнуваат медиумите, па пласираат сѐ што ќе најдат споделено на интернет, не внимавајќи на основните стандарди во новинарството: вистинитоста, точноста и објективноста.

Ваквото препишување на вести, без никакво чувство на одговорност кон тоа што му се пласира на читателот, неколку пати во рамки на Сервисот за проверка на факти од медиумите беше елаборирано во лекции и рецензии, но овој пример, повторно покажува дека ништо не се сменило и дека медиумите мора уште многу да работат на својата професионалност.

По принципот на копирање на веста од еден на друг портал, во текот на денот (на 5 август) информацијата е пренесена од уште девет портали, но ниту еден од нив не нашол за потребно да направи минимум проверка на нејзината вистинитост.

Проверувајќи ги фактите за овој текст, Сервисот дојде до информација дека лицето за кое во веста се тврди дека прободел друг затвореник во затворот „Идризово“ повеќе месеци не ја издржува казната во „Идризово“, туку во затворот во Штип, каде што бил префрлен токму поради инцидентот од септември минатата година.

 

КОЛКУ ПАТИ МОЖЕ ДА МУ СЕ ПЛАСИРААТ НЕВИСТИНИ НА ЧИТАТЕЛОТ?

Ваквиот пристап на „ретуширање“ на стари вести може да има сериозни последици и за семејствата на споменатите затвореници, кои благодарение на ваквиот несериозен новинарски пристап повторно дознаа дека нивниот близок, кој се наоѓа во затвор, е прободен со нож или пак од другата страна, дека нивниот близок прободел човек.

5 август беше работен ден, затворот „Идризово“ е на десетина километри од Скопје и во ера на современи комуникации ниту еден медиум да не побара дополнителна информација, да не побара изјава од Упаравата за извршување на санкции, од болница, или од трет извор зборува за тотален аматеризам кој не смее да остане непокажан со прст. Можеби во овој случај веста нема тешки последици по пошироката јавноста, туку само за споменатите личности, но, што ако утре, поради ваков несериозен пристап, има несогледливи последици?

Кој ќе одговара и кој ќе ја сноси вината поради неодговорното новинарство?

Дури и да се згрешило од најбанални причини, да бил направен превид во датумот и годината на објавување, недозволиво е медиумот или сите кои препишале од него да не ја повлечат веста и да не објават извинување поради ваквата грешка. Што мисли медиумот, колку пати може да му презентира невистини на читателот, нудејќи му вакви информации? Дали некој би дозволил да биде два пати излажан на ист начин? Затоа, трката по кликови и читаност не може и не смее да биде ставена пред професионалните стандарди, како што е случај во овој пример.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

неточни наводи

неверодостојни наводи

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

неофицијални

нерелевантни

1 извор

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

невистинита

извртување на вистина (спин)

лажни информации

не аплиактивно

друга пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

нема коментаторски елементи

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

целосна копија

ненаведен извор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

дезинформира

некреативен

сензационален

несоодветен

нејасен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

манипулира

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

неквалитетни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

поврзан со тагови

Претплатете се за најнови вести