verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: 16.000 за секое трето дете за секоја жена

on 27 - 06 - 2013       

Написот е со сензационалистички наслов, но со отсуство на факти во содржината кои ја потврдуваат неговата веродостојност. Нејасна е целта на написот, дали е таа да се претстави животот на мајки кои имаат три деца или едноставно, да се промовира помошта што ја дава Владата за секое третородено дете, мерка што се спроведува од 2008 г.

Напомена: Рецензијата се однесува на оригиналната верзија на написот, објавена на 21 јуни (слика 1). До 24 јуни на крајот на написот е додаден параграф кој го објаснува насловот (слика 2).

Рецензија: 16.000 за секое трето дете за секоја женаЛинк до оригиналниот напис: 16.000 за секое трето дете за секоја жена

Датум и време на објавување: 21.06.2013 – 12:56

Датум на рецензирање: 24 јуни 2013

Рецензент: Ида Протугер Вељковиќ

Извори на информации: Во написот извор е мајка на три деца која добива помош од државата во рамките на проектот на Владата за многудетни семејства.

Она што како изјава на мајката е пренесено во написот е нејзината радост што има три деца, но таа не зборува ништо за помошта од Владата, дали е доволна, дали била мотивирачка за неа и нејзиниот партнер да се одлучат на трето дете. Оттука, таа не релевантен извор и нејзината изјава не е во контекст, ако целта на написот е да даде одговор во која мера, помошта за трето дете е доволна и мотивирачка за формирање многудетни семејства.

Втората изјава што е цитирана во написот, внесува конфузија. На фотографијата има мајка со една ќерка, едно помладо момченце и бебе. Втората изјава гласи:

„Убаво е чувството да имаш двајца помали браќа.Исполнета сум и си играм сега на распустот.Одиме на Водно со тато,возам голем велосипед,а и Стефан исто вози велосипед како мене, вели пожртвуваната мајка за Сител.“

Претпоставката е дека за Тв Сител не ја дала изјавата „пожртвуваната мајка“, туку нејзината ќерка.

Рецензија: 16.000 за секое трето дете за секоја женаСодржајност: Написот е несеопфатен и едностран. Пренесува само изјава на мајка која за себе вели дека е среќна што има три деца иако нема доволно време за обврските и за себе. Има многу неодговорени прашања во однос на прашањето кое се третира во написот.

Недостасува изјава од официјален извор, на пример, надлежното Министерство за труд и социјална политика кое би можело посеопфатно да даде одговор колку барања за исплата за трето дете добива годишно, колку се одобрени, а колку се одбиени и од кои причини и сл. Со оглед на тоа што реформата со која Владата дава надоместок за трето дете е воведена во летото 2008 година, можел да се објави и статистички податок или изјава од релевантен извор, за да даде одговор на прашањето дали во изминатите пет години се зголемил бројот третородени новороденчиња, односно дали мерката била стимулативна и ја постигнала целта.

Пристрасност: Со самото тоа што написот е едностран и се потпира на субјективна изјава на мајка на три деца, која според она што е пренесено во написот, не зборува во контекст на помошта на државата, туку го опишува своето секојдневие, написот не ја пренесува целата вистина, повторно, ако целта била да се прикажат резултатите од реформата „трето дете“.

Коментирање: Во написот стои дека „Иако потребите за децата секојдневно се зголемуваат, тоа не им создава проблем бидејќи годишно добиваат по илјада и шестотини евра помош за третото дете“. Со оглед дека не е наведено дека тоа го тврди мајката на трите деца, тоа е коментар на авторот, кој некритички ја промовира како „доволна“ помошта за трето дете во однос на финансиските предизвици од формирање многудетни семејства.

Оригиналност/Плагијат: Како извор на текстот е наведена Тв Сител, но не може да се одреди колкав дел од прилогот што се емитувал е пренесен во агенциската вест.

Квалитет на насловот: Во насловот стои наведена сума од 16.000 евра, но во првобитната верзија на текстот, објавена на 21 јуни никаде не се споменува таа сума, така што тој не е поткрпен со факти. Во текстот е наведено дека годишно мајките за трето дете добиваат 1.600 евра, што би било збир на годишно ниво, на помошта за трето дете која месечно изнесува 8.000 денари. Насловот вели за „16.000 евра за секое трето дете за секоја жена“, што внесува конфузија бидејќи може да се сфати дека таа сума на пари се дава на секое трето дете и на секоја жена. Попрецизно би било на пример, да се нагласи дека е за секоја мајка на трето дете.

Дополнение (24.05.2013.): При преглед на написот на 24 јуни беше утврдено дека на крајот е додаден параграф кој го дообјаснува насловот.

Заклучок: Речиси идентичен текст, пренесен од истиот извор и истиот прилог на Тв Сител, во истиот ден е објавен и на друг портал. Во тој текст се наведува истата сума 16.000 евра за секое третородено дете, но има објаснување дека тоа е збир на месечните суми. Тој збир е 16.000 евра, но по завршување на десет години, колку што е времетраењето на оваа владина мерка. (Дополнение: При повторен преглед на веста која е предемет на оваа рецензија на 24 јуни беше утврдено дека е додаден параграф со овие податоци.)

Во написот има кус коментар: „Иако потребите за децата секојдневно се зголемуваат, тоа не им создава проблем (н.з. на семејствата со трето дете) бидејќи годишно добиваат по илјада и шестотини евра помош.“ Со оглед на тоа што единствениот извор – мајката на трите деца не дава никакви податоци за тоа дали помошта ги покрива потребите на децата, написот оддава впечаток дека некритички ја промовира владината помош, која како таква ги анулира проблемите кои произлегуваат од финансиските потреби на многудетни семејства. Рецензија: 16.000 за секое трето дете за секоја жена

.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

Претплатете се за најнови вести