verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Рецензија: Додека глумиме Европејци, ДУИ крои планови за размонтирање на државата

on 21 - 04 - 2014       

04152014-NM-Analiza-Izbori-crop-resize

Новинарската анализа за резултатите од првиот круг претседателски избори што ја рецензираме, почнувајќи од нејзиниот наслов, во сите делови на текстот и во неговата завршница оддишува со етноцентризам. Од Марс се гледа тоа.

За да бидеме појасни еве ја дефиницијата што ја предлага Д-р Мирјана Најчевска во анализата „Црвено светло за етноцентризмот“:

„Етноцентризмот по дефиниција е тенденција да се гледа на светот, пред сè, од перспектива на сопствената етничка заедница. Од една страна сме НИЕ, а од друга сите ДРУГИ.“

Имајки ја оваа дефиниција предвид, д-р Најчевска сугерира дека:

„На етноцентричност може да се посомневаме и кога во одредена медиумска информација/текст активностите на својата заедница  се прикажуваат како „исправни” и „нормални”, додека активностите на другите култури се прикажуваат како „погрешни” и „неприродни,” дури и тогаш кога станува збор за многу слични по својот карактер активности.”

Тоа се огледува и во овој текст само заради тоа што, предодредено од етноцентричката стартна позиција, занемарени се професионалните стандарди кои предидуваат непристрасност и избалансираност, неутрален јазик, избор на соговорници кои застапуваат различни страни или позиции…

04152014 NM Analiza IzboriЛинк до оригиналниот напис: Додека глумиме Европејци, ДУИ крои планови за размонтирање на државата

Датум и време на објавување: 15.04.2014

Датум на рецензирање: 17.04.2014

Рецензент: Зоран Бојаровски

Предодредената позиција со која е пишуван овој текст, изборот на едномислечки аналитичари е во спротивниост со членот 14 од Кодексот на новинарите, кој вели:

„Известувањето од политичките процеси, посебно од изборите треба да биде непристрасно и избалансирано. Новинарот мора да обезбеди професионална дистанца од политичките субјекти.“

Кога се работи за известување или за анализи кои се однесуваат на чувствителни општествени средини, на деликатни настани како што се изборите во мултикултурни заедници, потребата од поголемо внимание на новинарите е крајно неопходно. Заради тоа, една од задачите „мора“ во такви услови е вклучување на експерти или аналитичари со спротивставени мислења. Во новинарската лекција „Како (не) треба да се известува за време на избори, посебно од митинзи!“ објавена на Сервисот за проверка на фактите од медиумите, се наведува:

„Во изборните кампањи секогаш ќе се најдат две страни. Новинарите не смеат да ја прекршуваат професионалната етика со искривување на фактите, пренагласување на одредени аспекти на приказната, наслови кои погрешно ја прикажуваат содржината на веста и, се разбира, целосно фабрикување на вести, цитати, луѓе и настани.”

Придржувањето на стандардите за новинарство, во средини каде што има поларизација меѓу различни етнички заедници, ќе им помогне на новинарите да ја избегнат пристрасноста. Се разбира доколку сакаат да ја избегнат.

Еднострани новинарски текстови се многу проблематични, како што се наведува во лекцијата „Македонија во изборна треска, медиумите на испит“, исто така, објавена на Сервисот за проверка на фактите од медиумите:

„…новинарите мора да бидат свесни дека написи скроени  во поданички манир и ставени во функција на пропагандни цели, како и тенденциозни текстови во кои се спинува вистината и се покажува дури отворен анимозитет кон една или друга партија, може значително да ја искриват сликата што им се сервира на граѓаните и во крајна линија да влијаат врз исходот од изборите.”

Освен тоа, во текстот што го рецензираме, се дозволило низ изјавите на соговорниците да се протне говор на омраза, иако на тоа предупредува и Кодексот на новинарите со членот 10:

„Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…).“

Еве еден дел од анализата во која препознаваме елементи на говор на омраза:

„Албанскиот јазик на диво се спроведува кај што ќе се стигне. Македонија е единствен пример во светот во кој мнозинството е во небрано лозје од малцинството и во кој постои единствената правна измислица во светот, Бадентеровиот закон.“

Во исказите на соговорниците се препознава и фобија од другата етничка група, а на места таа фобија дури и најотворено се изразува. Еден од соговорниците вели:

„Во прашање се крајно опасни процеси, кои, за жал, не само што се поддржани туку, многу веројатно, се и стимулирани однадвор. Тие отворено мораат да се осудат, со одлучно и аргументирано објаснување на нивната заднина… Затоа, мора да се преземе сѐ што е можно претходно да се постигне макар минимален национален консензус за ова клучно прашање.“

Од овој новинарски текст се измолкнала и одговорноста да се биде особено внимателен кога треба да се соочат различните позиции на различните етнички групи. Од тоа не треба да се бега, но, секако, не треба ниту да ѝ се дава предност само на една страна. Во лекцијата „Македонија во изборна треска, медиумите на испит“ се вели дека во такви ситуации помагаат наједноставните, базичните стандарди:

„Медиумите треба  да се придржуваат до базичните новинарски стандарди кои подразбираат обезбедување дистанца од политичките субјекти и чување на угледот на професијата. Исто така,  треба да ги почитуваат и назнаките  во Прирачникот за етиката во новинарството, каде е прецизно наведено дека: „првата обврска на новинарите е вистината  и дека новинарот мора да биде свесен за последиците и ефектите од неговите зборови”.

Заради тоа во оваа рецензија инсистираме на одговорноста. Ние не го оспоруваме правото на новинарот да пишува на оваа тема и да анализира, туку само наведуваме дека таа анализа ќе беше потполна доколку не ја афирмираме извртената перцепција според која само ако „ние“ правиме нешто тоа е добро и исправно. А,  ако „тие“ го прават истото нешто, тоа е опасно и заканувачко. Ќе беше во ред доколку и за нив („тие“) понудевме опции на другомислечки аналитичари.


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

не може да се утврди точноста на наводите

не може да се утврди веродостојноста на наводите

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

неофицијални

нерелевантни

повеќе извори

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

не може да се утврди

не може да се утврди

не може да се утврди

наклонетост

политичка пристрасност

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

има коментаторски елементи

интегрирано со фактите

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

наведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

не информира

сензационален

несоодветен

тенденциозен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

наведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

навредлив говор

говор на омраза

не потикнува на насилство

дискриминира

национална дискриминација, политичка дискриминација

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

читлив

квалитетни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести