verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Реакција: Рецензија: Таксим не е Тахрир

on 20 - 06 - 2013       

Реакција на постот „Рецензија: Таксим не е Тахрир“.

Почитувани, ве молам да ја објавите мојата реакција на текстот “Рецензија: Таксим не е Тахрир” објавен на вашиот сајт.

(http://mediumi.kauza.mk/2013/06/17/recenzija-taksim-ne-e-tahrir/)

Благодарам

—–

Филџан вишка за Ида

До сега многу работи ми кажале и за многу работи ме обвиниле, ама никој ми го нема плеснато дека покажувам “политичка наклонетост кон постапките на Ердоган.” Побогу, морав да обратам малку внимание на текстот.

Стравотното парче рецензија има забелешки кон текстот по неколку основи. Иако има некои смешни термини како “извртени факти” кои технички е невозможно да постојат (или си или не си факт) забелешките се делат на неколку групи:

– не пренесување на целиот текст – само оваа забелешка е невалидна по неколку основи, а и таа ќе се сложи со мене:

прво – дали кога пренесуваш информација од прес-конференција, ти ги пренесуваш сите 2 часа колку што траел пресот или ја пренесуваш суштината?

второ – најди еден единствен човек што се занимава со новинарско пишување, кој ќе ти рече – немој да кратиш, пишувај колку што можеш поопширно и спомни се што ти текнува. Или кој било што пишува на интернет и ќе ти каже – луѓето сакаат да читаат долги текстови, бутај се што имаш. Може требаше во текстот да ја ставам целата генеза на политичката ситуација во Турција, од доаѓањето на Ердоган во 2003-та? Или пак да фатам од влијанието на 11 септември врз турската политика и светската економија?

трето – бесплатно потсетување од мене – се пренесува она што сметаш дека е клучно за веста. А оваа вест ги имаше сите елементи кои ги бараш и за кои кукаш дека фалат за натписот да не биде политички наклонет: од суровоста на полицијата и жртвите во судирот, до инаетот на Ердоган.

– поентата Ердоган е избран на избори – ова се надоврзува на претходната забелешка во која зборуваш за делумно пренесување на веста. Пример за она што ти сакаш да го кажеш, е случај кога некој прави рецензија на текст, во која цело време зборува само за една единствена поента (Ердоган победил на фер избори), и покрај тоа што во споменатиот текст има најмалку 5 поенти кои објаснуваат зошто двете ситуации не се идентични (незаинтересираноста на добар дел од остатокот на Турција, интервенции само од полицијата не и од паравоени или партиски
формации, сосема различната природа на дотогашните судири меѓу полицијата и демонстрантите, компликувана политичка ситуација + Ердоган победил на избори). Сега фино лепо одговори го прашањето околу манипулацијата и спинувањето на вестите.

– пристрасност кон Ердоган, ублажување на ефектот од ескалацијата на насилство врз демонстрантите и сл. – ваквата реденка станува симптоматична да човек се зачуди дали рецезентката воопшто го прочитала текстот пред да седне да пишува или го слушнала од раскажување. Без да се сфати ова лично или како удар на нечија професионалност, горната дилема е затоа што во текстот од моја страна пренесено е следното:

+ “сите негови ‘гревови’ се поддржани од политичката ситуација во земјата” (забелешка на грешната природа на неговото владеење);

+ “справувањето на Ердоган со демонстрантите беше сурово, но не и брутално” (забелешка за сите насилни методи што ги користи полицијата. Ќотек, солзавец, скршени раце, крвови, сето тоа е сурово… убиени 100 луѓе на еден плоштад, силување жени, етнички убиства е брутално);

+ “Ердоган ќе биде суров колку што ситуацијата му дозволува.” (забелешка за стилот на кој премиерот планира ја реши ситуацијата).

– некои своеволни заклучоци на авторката –

+ не е пренесен првиот дел од оригиналниот текст (за расчистувањето на Таксим) – нормално дека не е, кога дента кога е пишуван текстот таа вест беше објавена од секој што има тастатура и интернет.

+ фотографија – ова авторката ќе треба да си го одговори, бидејќи самата со себе се расправа, и глупо ми е да изберам страна. Во основа забелешката е дека од фотографиите кои се избрани за текстот се прикажува моќта на полицијата и мирни демонстранти, што и не е проблем доколку претходно не потрошеше 50 редови објаснувајќи дека јас го “ублажувам ефектот од ескалација на насилство врз демонстрантите” + суровоста на Ердоган.

+ говор на омраза – “Се дискриминира моќта на демонстрантите, на сметка на величање на постапките на Ердоган.” НЕ!

На страна сето ова до сега напишано, не може да се избегне впечатокот дека гневната рецензија се должи на неколку паралели кои авторката ги повлекла меѓу она што се случува во Турција и кај нас. Главна меѓу овие – тоа што со земјата владее некој што е избран на легитимни избори, три пати по ред.

На крајот, зошто рецензентката не помислува дека оваа анализа не е пренесена заради завера, пристрасност, спин или наклонетост, туку дека пишувачот на текстот (а.к.а. јас) сакал да ја сподели својата надеж дека во целата гужва што им се случува на Турците, во целото бркање на нови бројки од жртви и повредени, меѓу сите траорни вести… дека во наш комшилук, ете, нема да загинат стотици луѓе, дека нема да биде уништена половина држава, дека Турците нема да почнат да се колат низ Истанбул, дека нема да прекине функционирањето на најголемата држава
која се некако ја сметаме за наш сосед… дека нема Тахрир да се случи кај “наши луѓе”… дека можеби уште има шанси за раат…

То овдје свако зна,

Љупчо Јуруковски
Заменик уредник
на off.net.mk
пишувач на веста
и се уште неосвестен симпатизер на Ердоган

П.С. Баш е слатко тоа што рецезентката како еден од врвните експерти на тема UX/Web Design, уште дава и оценка за подготвеноста на статијата за интернет, хи хи.

Претплатете се за најнови вести