verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Расте интересот за кредитирање? Да, така е – со години наназад!

on 21 - 09 - 2015       

МРТ-09876-098-07-crop-resize

 

[Рецензија: Расте интересот за кредитирање]

 

Мене ми е жал, ама тоа дека „расте интересот за кредитирање“, како што информира овој напис во насловот, воопшто не е вест. Интересот за кредитирање се зголемува со години наназад. Во јуни 2007 година, порастот на кредитирањето изнесуваше 41,9 отсто на годишно ниво (страница 23), во 2008 година, кредитите за населението забележаа пораст од 31,8 отсто, оние за претпријатијата 25,8 отсто (страница 22), а порастот продолжи и во текот на годините по светската рецесија од 2009 година, арно ама со пониски стапки од 4 проценти (2009) и 2,2 проценти (2010) за населението и 8,6 проценти (2009) и 9,1 отсто (2010) за претпријатијата. Тој пораст трае и изминатите три години, при што највисока стапка во тој период, од 10 отсто, беше постигната лани (страница 5). Така што, оваа информација дека „растел интересот за кредитирање“ е стара со години.

Она што се случува, пак, годинава е нешто малку поинаку. Еве што вели Народната банка на Македонија во својот најнов месечен билтен:

 

„На кредитниот пазар, податоците со јули покажуваат забавување на динамиката на кредитниот раст што во еден дел може да се должи на сезонски фактори. Притоа, со јули се остварени околу 7,5% од предвидениот квартален прираст на кредитите за третиот квартал. Кај депозитите карактеристични се послаби остварувања од очекуваните, што во еден дел можеби е одраз на неизвесниот домашен и глобален амбиент, како фактори што влијаат врз очекувањата на домаќинствата. Ваквата динамика на основниот извор на финансирање на кредитната активност создава ризици и за движењата на кредитниот пазар во следниот период. Сепак, временскиот период е кус за да се оцени дали овие отстапувања се од привремен карактер или ќе опстојуваат и во натамошниот период. Анкетните истражувања даваат позитивни сигнали за промените во кредитната активност во третиот квартал, при очекувања за раст на понудата (пред сѐ кон корпоративниот сектор) и на побарувачката на кредити. Воедно, прелиминарните податоци за динамиката на депозитите во јули укажуваат на постепено исцрпување на ефектите од неекономските фактори и можно стабилизирање на растот на депозитната база во следниот период. Во секој случај, постои неизвесност поврзана со домашните политички случувања и грчката должничка криза.“

Ова значи дека кредитната активност во првата половина од годинава малку забавила поради политичката криза во земјава и поради настаните во Грција, каде летово банките беа затворени со недели, но дека овие „неекономски фактори“ полека се надминуваат и дека може да се очекува подобрување во последните месеци од 2015 година, иако состојбата треба да се набљудува. Но, во овој текст немаме макроекономска анализа или информација, туку сѐ е во рацете на две лица вработени во две комерцијални банки.

МРТ-09876-098-0980Линкуван наслов на анализираниот напис: Расте интересот за кредитирање

Датум и време на објавување: 21.09.2015 10:32

Датум на рецензирање: 21.09.2015

Рецензент:  Владимир Петрески

„Ненаменски, станбени, потрошувачки кредити, интересот за кредитирање се зголемува и кај населението и кај компаниите. Растот споредено со лани е зголемен за околу 10 до 15 проценти велат, банкарите.“

Со овие две реченици почнува написот. Втората од нив е крајно проблематична. Имено, комерцијалните банкари можат да велат што сакаат, арно ама, тие не се врховниот авторитет за макроекономски податоци и движења. Кога станува збор за состојбите со кредитирањето, врховен авторитет, се разбира, е Народната банка на РМ. А, таа, пак, не вели дека порастот на кредитите е „10-15 проценти“. Ваква слобода на опсегот за овие податоци едноставно не е дозволена. Порастот на кредитирањето, заклучно со крајот на јуни годинава, изнесува точно 9 проценти. Ни, 10, ни 15, ни која било бројка измеѓу, туку точно 9 проценти на годишно ниво, како што тоа детално го покажува оваа табела на НБРМ:

Krediti-depoziti-Q201502-underline-crop

Уште повеќе, двете лица од кои се земени изјави за овој текст ги кажуваат податоците за кредитниот пораст за банките во кои тие работат (15 отсто за едната и 8,6 отсто за другата банка), при што овде се говори за пораст од крајот на ланската година, но не дознаваме до кога, односно за колку месеци од годинава. Но, кредитниот пораст во овие две банки за кои говорат соговорничките, не мора да значи дека се однесува на сите банки и на севкупните состојби.

Понатаму, не е јасно зошто, кога веќе се спомнати имињата и презимињата на соговорничките, не можеме да дознаеме во кои тоа банки работат тие. Би било интересно да се дознае која банка има 15 отсто, а која 8,6 отсто пораст во кредитирањето, но овде тоа не е овозможено. Дали станува збор за некакво воздржување од рекламирање со самото спомнување на името на банката или за нешто друго – не е јасно. Особено што е малку веројатно дека соговорничките би побарале да не се спомнат имињата на банките во кои работат, кога изјавите што ги даваат се промотивни и „самопофални“ за нивниот корпоративен работодавец. Во секој случај, конструкцијата „вели и раководителот на маркетинг сектор во една деловна банка“ не звучи како што треба.

И, на крај, се вели дека „од летово и македонските бизнисмени и граѓаните можат сите транскации да ги вршат на електронскиот систем 24/7 кој овозможува подигање и внес на пари во било кое време“. Од ова не е јасно за каков електронски систем станува збор. Ниту, пак, која тоа банка го развила ваквиот електронски систем. Или дека ваков електронски систем е воопшто можен. Подигнување пари во кое било време се врши преку банкоматите, како што е многу добро познато, електронските плаќања, пак, во кое било време можат да се вршат електронски преку секциите на банкарските веб-страници за таа намена. Каков е тој електронски систем „кој овозможува подигање и внес на пари во било кое време“ воопшто не е јасно.

 


Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

ИНФОГРАФИК

infoVistinitostВИСТИНИТОСТ

има факти

и точни и неточни

и веродостојни и неверодостојни

infoVistinitostИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ

има евидентирани извори

официјални

релевантни, нерелевантни

2 извори

еднострани

infoVistinitostСЕОПФАТНОСТ

несеопфатнo

можеби се прикриени информации

infoVistinitostПРИСТРАСНОСТ

делумно прикажува вистина

нема извртување на вистина (спин)

лажни информации

не аплиактивно

infoVistinitostКОМЕНТИРАЊЕ

нема коментаторски елементи

infoVistinitostПЛАГИЈАТ

оригинално дело

наведен автор

infoVistinitostКВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ

не информира

некреативен

несензационален

несоодветен

јасен

infoVistinitostФОТОГРАФИЈА

има

соодветна

ни манипулира ни информира - ставена е само како илустрација

ненаведен автор(извор)

infoVistinitostГОВОР НА ОМРАЗА

нема навредлив говор

нема говор на омраза

не потикнува на насилство

не дискриминира

infoVistinitostУРЕДЕН ЗА ВЕБ

средно читлив

солидни мултимедијални елементи

нема контекстуални линкови

делумно стилски уреден

неповрзан со тагови

Претплатете се за најнови вести