verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Работата на ад хок телото: Предизборeн надзор на медиумите во време на поствистината

on 26 - 12 - 2016       
Вредеше ли да се биде казнет од ад-хок телото? Фото: Ванчо Џанбаски, ФОСИМ
Вредеше ли да се биде предмет на предлози за казнување од ад хок телото за медиумски надзор? Фото: Ванчо Џанбаски, ФОСИМ

 

Претворањето на одредени телевизии само во линк на една партиска предизборна програма даде контрарезултати. Не е добро да се претерува ниту во слаткарница, а ни на малиот екран. Евентуалните казни за таквите телевизии од страна на судот, а по предлог на ад хок телото за надзор, беа пресметан ризик

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Во светот почна дебата за тоа дали живееме во време на глобално ширење на поствистината. И самиот простор каде го читате овој текст е дел од сè помасовните обиди да се проверуваат фактите (checking facts). Колешката Уна Чилиќ од Босна во својот текст „Лажните вести и времето на полувистината“ констатира дека „верификацијата и надзорот на медиумите се неопходни кога поствистината стана званична категорија во Оксфордскиот речник и кога се заработува на лагите“. Таа тука ги споменува нашите велешани – хакери кои биле платени по интернет да шират лажни вести за демократскиот кандидат на изборите во САД и кои од тоа веројатно и добро заработиле.

Како ова време на поствистината влијаеше на парламентарните избори во земјава кои се одржаа на 11 декември? Имавме ли ние помалку или повеќе „велешани“, кои се обидуваа да монтираат факти со кои би влијаеле на волјата на избирачите или, пак, кај нас за тоа не требаше да сe пребарува на интернетот, туку беше доволно да се фати далечинскиот и да се побара некој од регуларните ТВ-канали?

 

ФОРМИРАЊЕ НА АД ХОК ТЕЛОТО ЗА НАДЗОР

Познато е дека по многу перипетии во пржинските преговори и договори се направи политичка зделка на четирите големи партии околу основање на т.н. ад хок тело за надзор на радиодифузерите во период од стоте дена пред закажаниот термин за вонредните парламентарни избори. Не навлегувајќи во тие креативни околности и отпорите што ова тело ги имаше на почетокот, најнапред во опозицискиот невладин сектор и медиуми, потоа и во врвот на позицијата, споменуван неколкупати и во говори на експремиерот, но и од други високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, може да се рече дека Привремената комисија за медиумско претставување имаше свој простор во напорите да се обезбедат колку-толку регуларни избори.

Слободно може да се каже, исто така, дека најголемиот дел од 18-те постојано следени радиодифузери се придржуваа до словото и до духот на методологијата што ја прифатија четирите партии во нивниот постпржински договор за изборите, а кој го опсервираше Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со своите кадри и техника.

Таков е заклучокот и по проширувањето на листата на следени радиодифузери во вториот чин од предизборието, а погледот врз она како во тој период се однесувале и локалните и регионални медиуми, практично постфестум фрлајќи поглед врз оваа трета групација, не дава повод за палење на некаква „црвена светилка“ од аспект на јавниот интерес, иако, секако, задоволството и на општо и на поединечно ниво се матеше како што изборите се приближуваа.

 

НЕПОСРЕДНО ПРЕД ИЗБОРИТЕ ПАДНАА И НАЈПРИНЦИПИЕЛНИТЕ

Затоа и две третини од предлозите за поведување прекршочна постапка, што ги иницира ад хок телото, се дадени во периодот од последните 30 дена пред изборите, како и за време на изборниот молк! Влогот на овие избори за учесниците беше голем, како за партиите и за коалициите со стаж во политиката, така и за партиите почетниците во изборната клацкалка, за уредништвата, дури и на оние радиодифузери кои беа претходно „за пример“, да не потклекнат на притисоците. Оттаму, може да се каже дека последната фаза од надзорот укажува на тоа дека телевизиите станаа дел од пресметливо влегување во „офсајд“, пред сè, кога се работи за прекин на молкот, а почесто за пречекорување на тајмингот од објавување на рекламни пораки на политичките пораки, на пример. Треба да се каже дека речиси по правило тоа беше правено на сметка на главната партија во владината коалиција, па дури и кај телевизии кои јазикот на кој се емитува програмата, се албански!

Она што е непобитен факт е дека дури и при голема и речиси постојана поделеност во ад хок телото околу целите и мерилата во процесот на надгледување на медиумите, поднесени се вкупно 68 предлози за поведување прекршочна постапка кон 25 радиодифузери. Еден предлог е повлечен од судската писарница по барање на еден член на телото на негово барање, а три предлози, колку што ни е познато (сите за „ТВ Нова“) се одбиени, заради оценка на судијата дека не може да се смета периодот од 100 дена пред изборите за време во кое радиодифузерите може да се надгледуваат.

 

РАЗЛИЧНИ СУДИСКИ ГЛЕДАЊА НА ТАЈМИНГОТ

Оценка на споменатиот судија е дека само во деновите по недвојбеноста на одржувањето на парламентарните избори (13 октомври, односно распуштањето на Собранието) медиумите можат да бидат „легитимно опсервирани“.

Другите предлози за поведување прекршочна постапка за радиодифузерите, како што се за телевизиите „Сител“ и „Алфа“, на пример, другите судии од Прекршочниот суд ги прифатија да ги судат и во рамките на споменатите 100 дена пред изборите, што говори дека имаа сосема друг аршин, барем „во начало“. Но, судиите во тие прекршочни постапки постојано, барем до изборите на 11 декември, ги одложуваа рочиштата, иако законот претпоставува дека истите ќе се решаваат „во најскоро време“, бидејќи и судот треба да биде активен актер во спречување на дисбалансираното известување, кое, пак, ги става партиите во нееднаков информативен простор, а со тоа се оспорува и изборниот фер плеј!

Судот, тоа може да биде недвојбен заклучок, се исклучи од ова предизборие и целосно потфрли во однос на неговата поставеност во обезбедувањето на концептот на демократски и рамноправни избори! Едноставно, судот не само што казнува, туку дејствува и превентивно и може да сопре евентуални недозволиви тенденции кај медиумите.

 

ТЕЛЕВИЗИЈА „НОВА“ Е „ШАМПИОНОТ

Вкупниот број на поведени прекршочни постапки по радиодифузери е следен:

Телевизија „Нова“ има добиено 20 предлози за поведување прекршочна постапка, по различни основи. Во периодот заклучно со осмиот извештаен период, значи до почнување на предизборната кампања (21 ноември) има добиено 9 такви предлози.

ТВ „Сител“ има добиено вкупно 8 предлози за поведување прекршочни постапки, а следува „ТВ Алфа“ со 7.

Вториот можен заклучок е дека овие телевизии практично го носат „багажот“ за половината поднесени барања за поведување прекршочни постапки, односно дека непочитувањето на методологијата на Агенцијата ги прави постојано да имаат дисбалансираност и предодреденост „кон гревот“, пред сè, кон кршење на одредбите на членот 75, став 1 и членот 75, став б од Изборниот законик.

Овие три телевизии на почетокот не беа казнувани често и се остави простор тие да се вратат кон практиките кои беа карактеристика на другите телевизии во истиот простор каде работеа 15-те останати  радиодифузери! Ад хок телото во првата и во четвртата сесија дури не побара казнување за никого, покажувајќи дека целта е да им се даде еднаков или приближно еднаков простор на сите политички субјекти пред камерите, како првенствена цел или смисла на своето постоење. Но, како што деновиве вели еден министер, да го позајмиме неговиот термин – овие три телевизии биле дел од некаков „изборен инженеринг“ и беа свесно користени само како линкови. На нивната програма се емитуваа пречесто прилози кои се правени во еден пропаганден центар, а сè што требаше да прават новинарите беше да ги најавуваат прилозите на начин кој требаше да симулира дека е подготвен во нивните монтажни столови.

 

ПОЗАЈМЕНА ФРЕКФЕНЦИЈА

Дали тие телевизии, гледани само низ оваа форма на позајмување на својата фрекфенција на една партија, се пример за „бастиони на слободата“, како што ги нарече Влатко Ѓорчев? Каде во демократскиот свет се практикуваат вакви користења на телевизиските вести како еднопартиски журнали кои ќе пренесуваат исти прилози? Да не се говори дека забележлив дел од тие прилози беа создавани во формат на црна кампања кон одредени личности, како што беше нашиот некогашен колега Мухамед Зекири или првиот човек на СДСМ, Зоран Заев. На нивната фрекфенција, исто така, често беше присутен јазикот на омразата, особено кон СЈО или кон нашите албански сограѓани…

За да ја довршиме сликата за радиодифузерите и нивниот однос кон предизборието, треба да кажеме дека првите следни имиња на оние кои добиле предлози за поведување прекршочна постапка е група на радиодифузери со само четири, односно по три предлози до Прекршочниот суд. Меѓу нив како телевизии и споменатите „Сител“, „Нова“ и „Алфа“ има една голема празнина, воочлив простор на сосем различно гледање на новинарската професионалност. Таа група на потенцијално казнети ја предводи „Алсат-М“ со 4 предлози, кои ги заработи во последните три недели од кампањата. Тука е националниот радиодифузер МТВ со три предлози. Тука стартниот предлог е даден доста рано, во првите септемвриски денови, заради објавување бесплатни реклами. Следуваше еден нормален период без забелешки, сè до последниот ден, денот на гласањето, кога се случи недозволиво прекршување на изборниот молк, кога е направено интервју со д-р Андон Чибишев, кој е на листата на ВМРО-ДПМНЕ, а тука е една изјава на првиот човек на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, исто така користена на денот на гласањето, што е спротивно на член 76-став б од Изборниот законик.

Три предлози за казнување се дадени и за телевизиите како „Шења“, која речиси до самиот крај важеше за една од оние што се грижи навистина да биде отворена за сите партии, дури и кон оние кои не ѝ дозволуваа да известува нормално од нивните настани (овој радиодифузер не беше омилен кај ДУИ, но секогаш наоѓаше начин да известува и од овие настани!). Со ист број предлози се и помалку позната ХДТВ телевизија и Компанијата 21.

Сепак, според резултатот на изборите, кој е познат, може ли да се заклучи дека „жртвувањето“ на три радиодифузери во функција на пропагандата на една партија како потрошена енергија не беше доволна за да донесе победа? Веројатно тоа допрва ќе треба да се анализира, но може да се размислува околу тоа дека претераното стискање на педалата за пропаганден гас кај споменатите телевизии како да донесе обратни резултати, особено што потценуваниот албански етнос во нечии телевизиски дневници направи гласачите од тој сегмент да оти масовно на 11 декември да гласа за најнавредуваната партија на малите екрани од истите тие редакции! Каква хаварија за една пропагандна шема?!

 

(Авторот е член на Ад хок телото за надзор на радиодифузерите)

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести