verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Прво погледни се себеси, а потоа зборувај за другиот

on 15 - 12 - 2015       
photo credit: Breaking news!... via photopin (license)
Зарѓан кредибилитет. Фото: Breaking news!… via photopin (license)

 

„(Kорпоративните) медиуми претставуваат една огромна операција на прикривање: поход со лажна основа што ги опслужува интересите на елитата. (…) Примарната цел на новинарството е да бара одговорност од тие што ја имаат моќта. Оваа цел е совршено свртена наопаку.“ Џорџ Монбиот

 

Пишува: д-р Дејан Доневвонреден професор по етика во новинарството и етика во медиумите

 

Иако живееме во време во кое брзината на информацијата, а особено новата „тазе сервирана“ сензационалистичка вест, се од суштинско значење во „фаќањето чекор“ со она што се случува, сепак, таа трка поради катадневното енормно „бомбардирање“ со неселектирани, а особено „подготвени“ и „препорачани“ информации, направи луѓето да имаат „кратка меморија“ (ова особено поради неможноста и намерното „минирање“ на развивањето на концептот на медиумската писменост). Оттука, многумина би рекле дека дури и обидот (каков што е и овој со оваа анализа) за укажување на одредени трендови во новинарската работа кај нас, а кои се штетни не само од аспектот на етичното новинарство, туку во генерална смисла на зборот (затоа што се обидуваат да ја изместат суштината на извршување на оваа професија), се задоцнети, а особено нашироко прифатениот небулозен крик за актуелност: „веќе не се интересни, времето ги прегази“!

Неделава која помина беше одбележана со нешто за што многумина не би се согласиле (на прва топка) дека се работи за обид за „аминување“ на една погрешна, „исчашена“ новинарска практика во известувањето: „Другите за Вас, ама ние пожестоко за нив!“ Сепак, се работи за тренд согласно кој поважен е нарачаниот одговор, демант, „напад“ врз одредена изјава, без притоа да се погледне кредибилитетот и интегритетот на медиумот, без притоа да се преиспита можноста од издржана понудена критика врз основа на поминат признат труд од страна на јавноста. Во народната истото е познато како бркање на „туѓи зајаци“ или уште попрецизно „бркање на мувата од сопствената глава“!

 

ИДЕОЛОГИЗАЦИЈАТА КАКО НОВИНАРСКА ПРАКСА

Како карактеристичен пример да ја земеме изјавата на претседателот на СДСМ, Зоран Заев од 1 декември 2015 година „За нас како опозиција поголем политички непријател се медиумите“, имајќи на ум дека предмет на анализа се, всушност, реакциите на „повиканите“ медиуми, а особено начинот на реакција кој во многу нешта наликува на „отворена можност за дополнително спинување и пропагирање“ на „подобните медиуми“, кои станаа сеприсутна практика, создадени најмногу за време бранот на политичка колонизација на медиумската сфера во Р. Македонија, наместо да се погледне „образот“ и сработеното во однос на тоа за што сте „извикани“ во јавноста!

Еден од „повиканите медиуми“, „Сител ТВ“, со денови не ја „извади од уста“ посочената изјава, па коментирајќи ја (!?) во централните дневници од почеток и повторно, ја користеше за прилепување кон други сензационализми, а ја приврши со официјалниот став на МАН. Вториот од листата, „Канал 5 ТВ“, објави низа на прилози во термините за центалните дневници, почнувајќи од пренесениот став од дневниот весник „Дневник“ (кој е, исто така, еден од „прозваните медиуми“), па својот прилог поткрепен со изјави од претставници на МАН, странските делегации и владејачката елита, но и коментарот на новинарот Васко Ефтов, па сѐ до реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ. Листата продолжува со исто темпо и квалитет и во однос на другите „прозвани медиуми“, но она што е најинтересно е кој сѐ е на листата и начинот на кој има право да говори за почитување и за спроведување на вистинските критериуми на едно добро фундирано и објективно, навремено и независно новинарство. Особено последното, ако се има предвид „лудилото“ кое следеше по изјавата на порталите и големиот број на експертски мислења произведени и врамени за потребите на „некого“ да го (зло)употреби за својата идеологизација и го наметне како нормална новинарска практика.

Иако се работи за ситуација која во македонското новинарство во изминатите неколку години сѐ почесто се користи – ние сме добри, одговорноста е на другиот! – сепак, истата не е позначително третирана најмногу од две причини: прво, затоа што на истата досега секогаш се гледаше како на облик на демант на кажаното и, второ, затоа што истата се третираше како спорадичен, но патемен ефект, од актуелната состојба. Но, ниту првата, а особено не втората, се доволни причини за истата практика се воспостави како „прифатлива и морална одбрана“ на новинарското. Ова, затоа што при користењето на истата најмалку се зема предвид кредибилитетот (кој, всушност, е начелно доволен индикатор за вистинско новинарско издржано и оправдано работење кое доаѓа од оценката на јавноста), а особено интегритетот (како потврда дека медиумите треба и се обврзани да им служат на јавните интереси и да ги задоволуваат потребите на граѓаните за комуникација) и на професијата и на нејзините извршители. Затоа, неопходно е презентирање факти и подлабока анализа отколку само нафрлање тези на посочените медиуми (во случајов квазитези заради оттргнување на вниманието на јавноста од вистинската причина), затоа што, во спротивно, по принципот на „двојни огледала“ вистината излегува на виделина. Нарушен е не само кредибилитетот, туку и интегритетот на новинарите, медиумите, а со истото и на новинарството.

 

КРЕДИБИЛИТЕТОТ СВЕДЕН НА РЕТОРИЧКИ АМБЛЕМ

Само колку за илустрација го истакнувам отвореното писмо на поранешниот портпарол на ФЗОМ, Дејан Гацов, од 5 август 2010 година, до македонската Влада дека преку платени огласи ги контролира медиумите, додека со неколку медиуми има и директна комуникација. Информација за која, кога беше нападната власта, многу малку се проговори за случајот, особено од „повиканите медиуми“. Така, од неколкуте линкови на кои можеше да се прочита повеќе, линкот до „Време“ веќе не работи, исто како и линкот до вестите на „Алфа ТВ“, како и линкот на „Инпрес“, освен оние на „Утрински весник“ и на „Би-Би-Си“, со што се покажува уште еднаш дека зависно од степенот на кој медиумите се потребни за постигнување на политичките цели, истите најчесто се користат како средство за мобилизирање, а не како средство за информирање во партиско-политичките и во приватните интереси, ширејќи ја и понатаму културата на клиентелизам. Ова уште повеќе и поради заклучоков кој неминовно е потврден од фактот дека „постојните медиумски системи, постојните модели на медиумско финансирање и сопственички структури неминовно го трансформираа новинарството од „четврта власт“ во најлукративната придружна дејност на рекламната индустрија и на индустријата на политичката комуникологија“.

Со тоа кредибилитетот како особина на оној кој ја има, што заслужува доверба… е сведена на ноторна лага и на реторички амблем. Исто така, и во однос на интегритетот како целокупност, зачувана целина, т.е. морална чистота, се сведува на декоративна лепенка, флоскула, збор испразнет од својата внатрешна есенцијалност. Со тоа, се дојде во ситуација кога „(корпоративните) медиуми претставуваат една огромна операција на прикривање: поход со лажна основа што ги опслужува интересите на елитата. (…) Примарната цел на новинарството е да бара одговорност од тие што ја имаат моќта. Оваа цел е совршено свртена наопаку“.

На крај, што друго освен да се надеваме дека она што во комплексната стварност на модерното човечко дејствување, т.е. во јавната свест на современата епоха и понатаму да се бориме да се одржат одредени сфаќања за важноста на идејата за моралната должност или моралните обврски на човекот, поточно за професионалните правила во извршувањето на една професија. Онака како што колоквијално народот ги воспоставил, во превод се изедначуваат со правилото: „Прво погледни се себеси, а потоа зборувај за другиот!

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести