verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Пропагандата на власта до гуша во… проблеми

on 6 - 04 - 2015       
Овој напис го има и на: Албански
Героски ја прогласи Македонија Final - plotna - komplet - 001
Нападот на клоновите. Фото: СПФМ – колаж

 

 

Во нашата средина, објавувањето анонимни коментари во медиумите е познат метод за политичка ликвидација, кој датира уште од најцрните пропагандни времиња на комунизмот од половината на минатиот век

 

Пишува: Сашо Орданоски, експерт по комуникациски науки

 

За сите оние кои досега (се правеле дека) не знаат како изгледа водење валкана кампања низ провладините медиуми во Македонија, неделата, на 5 април, беше школски ден за тоа.

Имено, во неделата, во 14.28 часот, познатиот македонски новинар Бранко Героски на својата веб-страница „Пллусинфо“ објави колумна под наслов „Државна тајна или до гуша во лајна?“ Во текстот, во својот препознатлив и извонредно прониклив коментаторски стил, авторот накусо ги анализира реакциите на власта на објавената „бомба“ од Заев за, сега веќе, прочуената наводна „донација“ од фирма од Израел за македонското МВР. Колумната се занимава со два аспекти – кои во оваа пригода не се ни важни – на оправдувањата на власта дека она што секому разумен му наликува на класичен милионски поткуп за направена мултимилионска зделка со набавка на опрема од фирма во Израел, овдека, под притисок на разобличувачките снимени разговори за „процесурирањето“ на „донацијата/поткупот“, власта се обидува да го прогласи за легална и „патриотска“ операција на примање донација од Израелците.

Очигледно погодени од влијанието што Героски со своето пишување го има врз значаен дел од македонската јавност, во обид да извршат класична замена на тезите – да не се разговара за скандалот со самиот поткуп, туку вниманието на јавноста да се пренасочи кон политичките ставови на колумнистот Героски, кого го претставуваат како „гласноговорник на СДСМ“ и на Заев – дежурните во пропагандниот центар на ВМРО-ДПМНЕ ургетно се активирале и составиле некакво коминике како одговор на тезите на авторот. А, потоа, дадена е наредба преку своите медиумски трабанти, во манирот на закрвавена пропагандна глутница, веднаш да се почне со „карактерната ликвидација“ на Героски со „информативно“ ширење на ова пропагандно сочинение: меѓу 16.10 часот и 19.40 часот почнува синхронизирана канонада од еден ист преобјавен текст на повеќето провладини портали како:

Сите овие „информативни“ портали го објавуваат истиот пропаганден памфлет и тоа:

  • Текстот, кој е пласиран и опремен како некаков авторски коментар на самите портали, никаде не е потпишан (интересно, на „Пулс24“ под текстот пишува: „напишано од Ирина“, што е веројатно некоја задолжена за копирање на соопштенијата на ВМРО-ДПМНЕ на оваа веб-страница), бидејќи на „информативните“ гласила на партијата на власт не им треба авторство кога се занимаваат со персонална ликвидација на политичките неистомисленици со власта;
  • Секаде текстот е објавен со ист наслов („Героски ја прогласи Македонија за муслиманска држава која треба да води политика согласно верските интереси“), што говори за извесна пропагандна мрзеливост и глупавост на „уредниците“ на самите портали, кои не си дозволуваат да интервенираат ни во насловот на оваа пропагандна валканица, веројатно од страв дека би ја расипале клеветничката етикета што ВМРО-ДПМНЕ посакала да му ја залепи на Героски;
  • Порталот „Република“ настојува особено да ја заслужи милоста на налогодавците, па се обидел дополнително да се истакне во политичката ликвидација на Героски со тоа што, по објавувањето во 17.16 часот на истоветната пропагандна содржина како и другите наведени портали, во 18.45 часот објавува и непотпишан (свој?) коментар на веќе објавената партиска пропаганда, во кој со дополнителни навреди и клевети се пресметува со личноста на Героски.

Во нашата средина, објавувањето анонимни коментари во медиумите е познат метод за политичка ликвидација, кој датира уште од најцрните пропагандни времиња на комунизмот од половината на минатиот век. Тоа е карактеристика на еден особен вид на политички кукавичлак кој нема никаква допирна точка со новинарството. Во методологијата на „црната“ политичка пропаганда на овој пропаганден инструмент му се придава прилично голема важност за елиминирање на политичките противници и за замолкнување на оние кои би можеле да размислуваат поинаку од „официјалната“ вистина на власта.

Сепак, кога ќе биде разобличен – како што е оваа мала показна вежба со оваа последна пропагандна гнасотија на тимот на Никола Груевски – таквиот метод станува контрапродуктивен за оние кои го користат: ВМРО-ДПМНЕ, навистина, зад изговорот за „државна тајна“ галиба ќе да е до гуша во… проблеми.

 


Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести