Пристрасност на „задоволително“ високо ниво
Објавено во Рецензии
on 1 - 12 - 2015 Автор: Владимир Мирчески
[Рецензија: Деструкцијата на СДСМ кулминира- блокирани пензии, плати и социјала]
Ова е текст произлезен од некоја паралелна димензија, во која изгледа дека реалноста не е многу на цена, ама за сметка на тоа, спинот како да е секојдневие во тој алтернативен универзум. Се обвинува опозицијата за некаква си деструкција на државата зашто заменик-министер за финансии од нејзините редови го блокира новото 100-милионско задолжување на власта, за кое е проценето дека е непотребно во толкав обем. Значи, партијата што притиска да нема големи задолжувања што ги плаќаат граѓаните, а не владејчката постава што решава да се заборчува, е обвинета дека сака уништување и блокирање на општеството. Навистина, што димензија ќе беше таа?!
Линк до оригиналниот напис: Деструкцијата на СДСМ кулминира- блокирани пензии, плати и социјала
Датум и време на објавување: 29.11.2015, 15:49
Датум на рецензирање: 30.11.2015
Рецензент: Владимир Мирчески
ПАРАЛЕЛЕН УНИВЕРЗУМ СО ИЗМЕСТЕНИ ВРЕДНОСТИ
Ајде некој да се обиде да објасни како тоа на 24 ноември 2015 година, по издавањето на еврообврзницата, Министерството за финансии и нејзиниот челник уверуваа дека има пари во буџетот за сите проекти, а само пет дена подоцна тоа исто министерство тврди дека е загрозена исплатата на пензии, плати, социјални трансфери… Што се случило во меѓувреме? Еве, се случи ветото на Наумов за ново 100 милионско задолжување, а бидејќи овој заменик-министер за финансии е од СДСМ, некој видел простор за невидена манипулација и, би си дозволил поостра формулација, за лажење на јавноста.
„Со новоиздадената обврзница од 270 милиони евра Република Македонија обезбеди средства за финансирање на сите проекти и потреби во Буџетот и продолжување со стабилните текови и стабиланта реализација на буџетот. Ова го изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески попладнево по повод денешното издавањето на македонеската еврообврзница во износ од 270 милиони евра. Сите граѓани, сите стопанственици, сите оние кои добиваат средства од буџетот, сите фирми што работат на реализација на проекти треба да знаат дека се обезбедени средства за непречено извршување на обврските на Буџетот и РМ.“ (МРТ, 24.11.2015)
„Доколку се укине издавањето на државни записи, се укинуваат механизмите за нормално и за непречено реализирање на буџетот. Се доведува во прашање исплатата на платите, на пензиите, воопшто на сите редовни исплати кои се вршат од буџетот, соопшти денеска Министерството за финансии (МФ). Според Министерството, ветото на опозициската СДСМ на издавањето државни хартии од вредност значи дека пензиите нема да се исплатат на почетокот на месецот како што секогаш се исплаќаат овие девет години, нема да се исплатат платите за полицијата, војската, здравствените и за образовните работници, социјалната помош, ќе се запре изградбата на патишта, водоводи, капитални проекти, ќе се запре исплатата на субвенции…“ (Министерство за финасии, 29.11.2015)
Што е работава, кој пласирал невистина? Бил тоа министерот за финансии минатата седмица или неговото министерство на крајот на истата недела? Навистина, неопходна е барем минимална конзистентност во настапите зашто станува збор за државни институции и избрани функционери што ги плаќаат граѓаните. Не е ова пазар или муабет пред гранапче, па, ај, кој запомнил – запомнил… Еден ден ќе велиме имаме пари, другиот ден ќе кажеме нема поради лошата опозиција… Па, во изминаите девет години со Македонија не управува опозицијата, туку владејачката партија, чиј најистурен играч е баш министерот за финансии.
Јасна е намерата за извртување на ситуацијата зашто во тие 100 милиони евра позајмени од домашниот пазар некој, можеби, си нашол математика за искористување на дел од тие средства за други предизборни намени. Сега, бидејќи сметката не излегла како што се очекувало, се користат медиумските, во буквална смисла, послушници за спин од гебелсовски размери. Се обвинуваат првите луѓе на СДСМ дека сакаат да воведат хаос во државата затоа што:
„На СДСМ им е јасно на кој ја има поддршката од граѓаните, по објавените резултатите од анкетите тие видоа дека двојно заостануваат зад ВМРО-ДПМНЕ, па очигледно според нивна проценка единствен начин да се помрднат од дното е преку нанесување штета на граѓаните, да се обиде да и се одмазди на владејачката партија.“
Тезата е помалку небулозна. Како опозицијата би добила на избори ако презема мерки кои се на директна штета на граѓаните кои се гласачи? Ниту еден политичар, кој претендира да дојде на власт, не би влечел потези за кои би знаел дека ќе ги налутат избирачите и со тоа не би ја добил нивната поддршка. Народски кажано, „самиот би си пукал в нога“. СДСМ објасни зошто така било постапено во врска со задолжувањето:
„Нема дилеми дека секое дополнително задолжување претставува обид за финансирање на различни форми на изборна измама и корупција, за што во неколку изборни циклуси мисиите на ОБСЕ/ОДИХР упатија сериозни забелешки за злоупотреба на државните ресурси во изборни цели и тек на кампања. Почитувани граѓани, ова е уште една потврда дека застапеноста на опозицијата во клучните ресори на владата на Груевски е во интерес пред се на граѓаните и во функција на спречување на злоупотребите пред избори.“ (соопштение СДСМ, 27.11.2015)
Впрочем, тоа и беше идејата на, со странско посредништво, договореното воведување заменици-министри со право на вето, кои ќе можат да блокираат одлуки за сите правни, финансиски и кадровски прашања, поврзани со организација на изборите. Затоа, овој параграф е целосна глупост, чиниш некој ја открил Америка:
„…Станува сè појасно дека тоа е улогата на нивното влегување во Министерството за финансии. Таа е врската со изборите на дополнителниот заменик Кире Наумов.“
А, да упатиме едно логично прашање, ако се нема пари за пензии и за плати, па затоа мора граѓаните да се задолжуваат, зошто тогаш се трошат средства на лускуз и на објекти од кои директно не зависи функционирањето на државата?
Понатаму, паралелниот „новинарски“ универзум во овој материјал се одликува и со силното, ама неаргументирано коментаторство:
„Дополнително се отворија над 140 000 нови работни места и СДСМ не можеше да се помири со тоа. Без поддршка од граѓаните , СДСМ со политички договор влезе во некои министерства и ја почна деструкцијата. СДСМ значи неизвесност.“
„На Заев и Шекеринска им е сеедно за тешкотиите кои ќе им ги предизвикаат на граѓаните, бидејќи хаосот и блокадите нема да се случуваат и почувствуваат во фирмите на Заеви или становите на Шекеринска.“
Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот – член 13 од Кодексот на новинари.
Текстот повеќе наликува на партиски, отколку на медиумски производ. Пристрасноста е на „задоволително“ високо ниво. Рецензија: Деструкцијата на СДСМ кулминира- блокирани пензии, плати и социјала, објективноста ја нема, професионализмот е апстракција. Еднa неновинарскa димензија, навистина.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
неточни наводи
не може да се утврди веродостојноста на наводите
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
нема евидентирани извори
анонимни
не може да се утврди
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
не може да се одреди
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
некреативен
сензационален
несоодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
несоодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
читлив
квалитетни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови