verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Прилог за истрaжувачкото новинарство: Следете ги парите

on 10 - 09 - 2015       
Овој напис го има и на: Албански
Вистина. Фото: Victoria Landon, 2009
Вистина. Фото: Victoria Landon, 2009

 

Македонското истражувачко новинарство не може да се пофали со некои високи дострели дури и во овие пресудни демократски моменти, кога е на повидок можноста за распаѓање на една закоравена информативна структура која нема врска ниту со базичното колку-толку професионално и чесно информирање

 

Пишува: Александар ШОЉАКОВСКИ

 

„Сите се колнат во истражувачкото новинарство, но малку кој успева да го практикува и да го привлече позначајно вниманието на јавноста. Пред сè, поради целосната затвореност на институциите, поради зависноста на медиумите, а потоа и поради стравот од одмаздољубивоста на власта кога се откриваат нејзините тајни.“ (Кежаровски).

Но, има проблесоци што даваат надеж. Неодамна мрежата за истражувачко новинарство БИРН на своите веб-страници објави резултати од истражувањето за досегашната цена на чинењето на проектот „Скопје 2014“. Разликите со официјалните бројки се фрапантни. Разликите се огромни иако (засега) за овој скандал главно се молчи, повторно поради причините изнесени погоре. А, случајот базди на криминал.

Истражувaњето на БИРН може да се земе како светла точка и пресвртница во позиционирањето на македонското истражувачко новинарство. Прво, затоа што се темели на официјални, јавно достапни документи. Затоа што е направено на легален начин, без какви било сомнежи за произволност или сомнеж во точноста на податоците. И трето, затоа што власта молчи за сè ова. Дури испушти да ги прогласи новинарите од БИРН за соросоиди или странски платеници. Овој настан во новинарска смисла е исто толку значаен, како и „бомбите“ на Заев, иако ефектите отсуствуваат. Барем засега!

По БИРН и уште една НВО, Центарот за граѓански комуникации, изнесе фрапантни податоци за различните цени кои општините ги плаќале за разни јавни услуги. Падна в очи разликата во цените за запрашување против комарци.

За оние кои треба да гонат (а тоа не го прават) во овие случаи има сосема чисти докази кои можат да се употребат без многу мака и да покажат дека правната држава функционира и на овој начин. Но, бидејќи тоа не се случува (барем засега) останува само очекувањето. Но, затоа, додека обвинителството се стеснува да ја работи својата работа, на новинарите, оние кои имаат храброст и можност, се разбира,  останува да зачепкаат под површината на она што се прави, по државните институции, во јавните набавки и тендерите особено. И да ги преиспитаат имотните листи на функционерите. Едноставно да ги следат парите!

 

СОВРШЕН ЗАКОНСКИ ЗЛОСТОР

Кај тендерските набавки, воведени како начин да се среди оваа област, владее општ систематизиран грабеж, доведен до перфекција. Нашите властодршци од тендерите направија нешто како совршен законски дозволен криминал. Има разработени методи со кои се постигнува на тендерот да се избере саканиот понудувач, кој ќе ги понуди најдобрите(!?) услови, а потоа разликите се пеглаат со анекс-договори или на некој друг начин, со некоја друга зделка или марифет. Полето за истражување е огромно.

Од долгогодишното искуство во новинарството, една работа ми е сосема јасна – политичарите крадат! Ова тврдење е само за разбивање на сомнежот кај новинарите кои допрва влегуваат во оваа тема. Нема да згрешат ако прифатат дека мотивацијата на огромниот, најголемиот број политичари е – личното богатење! Оние кои не краделе се само исклучоци кои се толку мали и ретки што едвај да внесуваат забуна во генералното чувство за тоа дека политичарите на власт по правило имаат „лепливи прсти“. За четириесетина години занимавање со новинарство, на прсти од рацете би можел да ги избројам политичарите на високи функции што не ги искористиле можностите што им ги давала позицијата за лично богатење. Со тоа што во време на социјализмот, главните „корисници“ беа оние на повисоки функции, додека поситните грепкаа одоколу. Најчесто сè се работеше за безмерното користење привилегии, за аранжмани со благодарност за овозможен бизнис, дали за купување на нешто по стара цена во времето на инфлациите, за корумпирање преку овозможување добри вработувања. Да не говориме за оние поситни привилегии, како што е неплаќање сметки за гозби по кафеани или продавници. И, на крајот, и тогаш како и сега, никој по функцијата не останал со истата имотна состојба како при стапувањето на неа.

Новинарите истражувачи треба постојано да имаат на ум дека политичарите кај нас имаат релативно мали плати, што само по себе е извонредно демагошки. Со околу илјада евра, колку што имаат врвните политичари, не може да се обезбеди лускузно ниво на живеачка, па дури и брачниот партнер да заработува уште толку. Со таква плата не се купуваат станови, луксузни автомобили и не може да се отплаќаат големи кредити. Тие дури не можат со таква плата да си дозволат постојано да менуваат вратоврски или костуми, да менуваат коли, да одат на скапи одмори, да им купуваат автомобили на децата, скапи бунди или накит за сопругите. За тоа платата не достига.

 

БАРАЈТЕ, ЌЕ НАЈДЕТЕ

Оној кој ќе се потруди во истражувањето, сигурно ќе најде нешто. Или учество на политичарот во некој бизнис или провизија добиена со мошне беневолентна контрола на извршената услуга (во поглед на цена, вграден материјал, солидност на изведбата). Патем, сте се запрашале ли зошто оние помпезни старински канделабри, добро платени, само по неколку години рѓосуваат и се деформираат? Или зошто не можете да најдете 50 метри  солидно изведен тротоар? Да не говориме за квалитетот на еден куп градежни кашканици кои се гледаат со голо око. Тоа значи дека работата не е изведена како што треба и дека некој прогледал низ прсти, дека некоја комисија или инспекција не си ја завршила работата. А, за тоа добиле благодарност од изведувачите. И ова се побенигните случаи. Можете да прочепкате што станува со парите за оние студии кои ги прави некоја шпанска(!?) консултантска куќа за Коце Трајановски? А, да не зборуваме за палмите, жалните врби, оние десетици стотици преплатени споменици или идиотските рекламни кампањи на државните установи. Каде и да чепне новинарот, во сите овие случаи, ќе најде нешто гнило.

Рецептот е прост – барајте и сигурно ќе најдете! Теоријата за „лепливите прсти“ функционира во сите системи.

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Претплатете се за најнови вести