verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Прибирачите на докази ја убиваат потребата од фер и непристрасно судење

on 21 - 03 - 2015       
Доказни материјали во судска постапка или забава за народ. Фото: видео клип скриншот - овде и овде
Доказни материјали во судска постапка или забава за народ. Фото: видеоклип скриншот – овде и овде

 

Еден од начините на пресија врз правосудството или, пак, давање алиби на веќе подготвените судии да ѝ служат на извршната власт е – протекувањето докази од истражната постапка. Тие можат да истечат само од две места: од полицијата или од обвинителството

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Една од темите кои се актуелни во последно време е онаа за протекувањето на информациите од истражно-обвинителскиот сектор, кои доаѓаат кај медиумите, чии, пак, прилози потоа креираат слика на вина за некого или за некои лица, фирми или институции. Ова понатаму создава една ситуација на нарушување на презумцијата на невиност и потоа го оптоварува процесот. Таквата практика не е наивна и не е нова, ама главно може да се врзе токму за последната власт, онаа која кај нас опстојува деветта година и која, како појава, јасно ги поврзува сегментите на правосудството, со оние што го креираат јавното мислење.

 

БЕРМУДСКИ ТРИАГОЛНИК

Откако истражно-обвинителската работа, според последните законски измени е споена, добиваме вистински бермудски триаголник меѓу оној кој треба да поднесе обвинение, оној кој создава слика за нечија вина кај своите консументи, значи кај медиумите, и полицијата која ги прибира доказите за потребите на истрагата. Во тој бермудски триаголник исчезнува скепсата и потребата од лебдење над сите судски процеси на една јасна, критичка мисла, која ќе ги преиспитува доказите и ќе ги бара врските на фактите со она што го вели законот за одредени (не)чинења. Од таа потреба за таква ладна опсервација се олабавува и судот, кој станува притиснат од веќе формираното јавно мислење ако хипотетички претпоставиме дека е навистина независен во одлучувањето, за да донесе пресуда каква што полициско-обвинителските кругови ќе му побараат. Или, пак, ако независноста и онака ја нема, судијата (или судиите) добиваат само алиби да се покорат на „сабјата што сече“.

Да се потсетиме на аферата „Шпион“, која се врзува за делото шпионажа, значи има допирни точки и со сегашната стварност во земјава. Обвинението по ова дело во Македонија беше најавено со силни фанфари – злосторничко здружување, уценување и шпионажа вршена од повеќе сторители. Дури се спомена дека се инволвирани земји како Унгарија и Грција. Во текот на истражната постапка, од МВР „протекоа“ наводни доказни материјали до медиумите кои, белким, „тоа го заслужуваат“ и јавноста на тој начин беше спинувана, беше нарушена презумцијата на невиност и беа направени уште неколку фаули. Министерката Јанкулоска дури и говореше за „ликот и делото“ на првообвинетиот во случајот „Шпион“.

Спинувани сте и сега – сус!

Потоа наеднаш дојде забрана за објавување на какви било материјали во јавноста за овој случај, наводно поради неговата природа, но, јасно, откако првата љубопитност на јавноста беше задоволена на начин кој тоа го посакува актуелната власт.

Јасна е поврзаноста на „Шпион“ со случајот „Пуч“ во однос на методите што ги користи, пред сè, полицијата: одново имаме многу индикативно протекување на една содржина која, веројатно, ќе биде дел од обвинителниот акт и по нејзино користење за спинување на јавноста на официјално најгледаната телевизија во земјата (!), во однос на тезите на премиерот за овој случај, пак се става забрана за какви било други информации. Да поедноставиме, на ТВ-гледачите, во случајот, им се вели „дознавте тоа што требаше и сега никој не смее понатаму да објавува материјали важни за истрагата“.

Но, што е тоа што во последно време го актуелизира одново процесот на истекување на докази во јавноста? На 2 февруари годинава во јавноста преку интернет-каналот „Јутјуб“ се објави снимка од кабинетот на премиерот Никола Груевски, на која тој разговара со претседателот на СДСМ, Зоран Заев. По објавувањето на првата видеоснимка, која беше пуштена и во дел од медиумите, заради недовршеното осмислување на тој потег, во јавноста изрте прашањето кој му дозволил на Груевски да го озвучува својот кабинет? Како ќе се чувствуваат идните гости во него? Резултат на таа скепса беше и невлегувањето на претставникот на ЕУ за Југоисточна Европа, Јоханес Хан, во зградата на Владата и одржувањето на средбата со Груевски на „други координати“.

 

КОЛНЕЊЕ ВО НЕВИНОСТ И НОВИ СНИМКИ

Но, не е само асоцијативниот момент во прашање, туку поважно е правното покривање. Се разбира, пост фестум се јави јавниот обвинител и даде покритие за тој чин – Груевски побарал од Обвинителството спроведување на посебни истражни мерки со кои средбите со Заев биле снимени, а дека опремата за снимање во неговиот кабинет веднаш била демонтирана, пишува „Радио Слободна Европа“.

Но, тоа не беше сѐ. Следуваше втора снимка од истиот „мизансцен“, која ја објави ТВ „Сител“ на 7 март (види транскрип тука), и тоа покрај уверувањата на надлежните дека се „вирго интакта“ во однос на нивното појавување на „Јутјуб“.

Јасно е дека тие докази ги имал, најпрвин, кабинетот на Груевски, потоа биле предадени на јавниот обвинител. Спровел ли некој истрага како тие снимки дошле на најјавниот дистрибутер на видеоматеријали во светот? Нешто не сме чуле дека вистинска истрага имало, а ако имало, зошто резултати нема, иако можат да се посочат две институции кои ги поседувале снимките?
И првата афера со снимката на „Јутјуб“ обвинителот Зврлевски рече дека тие проверуваат дали материјалите што се појавија, а се однесуваат на истрагата за случајот „Пуч“, се прибавени со такви мерки. Тогаш тој нагласи и дека нивното објавување е кривично дело, но тоа не спречи понатамошно објавување дури и на нови, пред две недели.

Според измените на Законот за кривична постапка, материјалите добиени од посебни истражни мерки ги поседува само Јавното обвинителство, тврди професор Владимир Пивоваров. Тој објаснува дека припадници на Министерството за внатрешни работи по налог на Обвинителство само ги спроведуваат бараните мерки, а потоа снимките им ги доставуваат назад.

„Единствена институција од кадешто можат да излезат таквите мерки е токму Обвинителството или, пак, доколку се направи злоупотреба на оние што ги прибрале да направиле копија, а за тоа не го известиле Обвинителството, а тоа е Министерството за внатрешни работи. Значи, не треба воопшто да попуваме од каде би можеле, како би можеле, тоа се двете единствени точки од кои можеле да излезат ваквите продукти во јавноста“, вели Пивоваров.

 

ОБВИНИТЕЛСТВОТО Е ЧУВАР НА ДОКАЗИТЕ

И професорката Слаѓана Тасева, за истиот извор, тврди дека Јавното обвинителство е најодговорно за протекувањето на овие материјали во јавноста.

„Мора во моментот да направи нешто и мораше уште од првиот пат кога се појавија тие информации да направи нешто, затоа што тоа е негова законска обврска и тој по закон мора да обезбеди соодветно чување на тие документи. Тоа не треба да му се случува од случај до случај, па да се грижи за тоа како се чуваат, туку треба постојано тоа да го прави“, вели Тасева.

Пивоваров, пак, нагласува и дека Јавниот обвинител во периодот од првата до втората снимка можеше да преземе поконкретни чекори.

„Гледаме дека нема никаква забрани, материјалите и понатаму стојат по веб-страниците, стојат на „Јутуб“, нема никаква забрана тие да бидат симнати од кадешто се објавени“, вели Пивоваров.

Оттогаш досега нема информации дали е откриено кој, кога и како ги поставил спорните снимки на видеосервисот. Спорните снимки, насловени „Вистината на виделина 1 и 2“, сè уште можат да се видат на видеосервисот, со датум на објавување 2 февруари, а на 7 март се објавена уште две снимки од 15, односно 21 секунда, едната со име „Анкети“, а другата „Признание на поразот“. Снимките се поставени на истиот канал на „Јутјуб“, со псевдоним „хохо лол“.

Очевидно имаме хипокризија на највисоко ниво, двојни критериуми, кои се докажуваат во опасна репетиција, бидејќи се работи за едно од најтешките кривични дела, според нашиот КЗ. Новинарите, треба ли да акцентираме, се неизоставен кастинг во претставата во која се прави судење пред судење.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести