verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Слобода на изразување во Извештајот за човекови права за Македонија 2013

on 28 - 02 - 2014       
Овој напис го има и на: Албански

Печатот/грбот на Стејт департментотНа 27.02.2014 Стејт департментот на САД ги поднесе до Конгресот годишните Извештаи за човековите права по земји за 2013 година (2013 Country Reports on Human Rights Practices). Извештаите, кои се издаваат по 38. пат, служат како основа за политиките и странската помош на Владата на САД. Тие се исто така референтна точка за други влади, меѓународни институции, невладини организации, правници, научници, заинтересирани граѓани и новинари.

Во извештајот за Македонија (Country Reports on Human Rights Practices for 2013: Macedonia) е наведено дека:

„Најкритичен проблем со човековите права беше неуспехот на Владата целосно да го почитува владеењето на правото, вклучително мешањето на државните и партиските активности, интервенирањето во работата на судскиот систем и медиумите, селективното судско гонење на политичките противници, како и значајните нивоа на владина корупција и неказнивост на полициски злоупотреби. Политичкото мешање, неефикасноста, протекциите за лица на добри позиции, предолгите судски процеси и корупцијата беа одлики на судскиот систем. Физичкото малтретирање на притвореници и затвореници од полицијата и затворските чувари и лошите услови и пренатрупаноста во некои од затворите и психијатриските установи ја сочинуваа третата широка загрижувачка област.“

Слободата на изразување е интегрален дел на извештајот за Македонија и на неа е посветен посебен дел, чиј превод го обезбедуваме во целост:

Дел 2. Почитување на граѓански слободи, вклучувајќи:

a. Слобода на говорот и слобода на печатот



Уставот предвидува слобода на говорот и печатот, но често се случуваше владата да не ги почитува овие права. Владиниот притисок врз медиумите беше сè поголем проблем. Во текот на годината ЗНМ го критикуваше севкупниот пад на слободата на медиумите. ЗНМ и Самостојниот синдикат на новинари ги повикаа властите јавно да соработуваат со вработените на медиумите за да се осврнат на слободата на медиумите.



Слобода на говор: Законот забранува говор што поттикнува национална, верска или етничка омраза и предвидува казни за вакви прекршоци. Поединци може да ја критикуваат владата јавно или приватно, но имаше веродостојни извештаи дека Владата се обидела да ги попречи критиките во медиумите, со откупување рекламен простор само кај провладините медиуми.



Слобода на печатот: Истите закони што го забрануваат говорот што поттикнува национална, верска или етничка омраза ги опфаќаат и медиумите. Многу мал број независни медиуми изразија различни ставови без ограничување. Медиумите и известувањето продолжија да се делат според етничка и политичка линија. Традиционалните медиуми ретко објавуваа вести против владата. Владата е најголемиот купувач на реклами во земјата, што ги прави медиумите финансиски зависни од приходите од владата, а со тоа стануваат и предмет на притисок да не презентираат ставови што ја критикуваат владата. Во текот на кампањата за локалните избори во март, Македонската радио телевизија во државна сопственост обезбеди термини за емитување наменети за опозицијата како што се бара со закон, но се зборуваше дека провладини уредници наложувале што да се прикажува за време на термините за емитување на опозицијата.



Насилство и вознемирување: Голем број новинари соопштија дека биле под притисок да заземат провладин став во известувањето, а во спротивно би ги изгубиле своите работни места. Членови на ЗНМ се пожалија дека локалните и централните власти ги принудувале сопствениците на регионалните медиуми да ги регистрираат нивните новинари како членови на провладината Македонска асоцијација на новинари (МАН). На новинарите им било кажано дека со приклучувањето на МАН, нивните медиуми би работеле со помалку попречувања од страна на властите.



Цензура или ограничувања на содржини: Имаше тврдења дека владата вршела притисок врз медиумите и ги принудувала новинарите да практикуваат самоцензура. Новинарите соопштија дека е присутно многу поголема самоцензура при известувањето за прашања чувствителни за владата. Медиумите во приватна сопственост тврдеа дека примале рутински повици од претставници на највисоките нивоа на власта, диктирајќи им како и за што да известуваат во однос на политичките прашања.



Во текот на годината неколку новинари беа „лустрирани“ (изложени како соработници на тајните служби за време на комунизмот и им беше забрането вршење јавна функција). Новинарите тврдеа дека властите ги лустрирале бидејќи објавиле стории што не се совпаѓаат со ставовите на владата.



Закони за клевета / национална безбедност: Лицата прогласени за виновни за клевета и навреда беа казнувани со парични казни според планот за казни врз основа на нанесена нематеријална штета. Некои уредници и сопственици на медиуми изразија загриженост дека високите казни ќе поттикнат самоцензура. Имаше тврдења дека владата го користела законот како алатка за справување со политичките противници.



Влијанија: Сопствениците на печатените медиуми што не се провладини соопштија дека провладините компании за дистрибуција одбиле да ги дистрибуираат нивните публикации и дека нивните публикации не биле поставени на видливо место во киосците.



Слобода на интернет



Владата не наметна ограничувања на пристапот до интернет и немаше веродостојни извештаи дека владата надгледувала е-пошта или места за разговор на интернет, без судски надзор, иако имаше извештаи дека јавните библиотеки блокирале одредени веб-локации. Поединците и групите можеа да се вклучат во мирното изразување на своите гледишта преку интернет, вклучително и преку електронска пошта и преку друштвените медиуми. Меѓународната унија за телекомуникации процени дека 63 отсто од населението користеле интернет во 2012 година.



Академска слобода и културни настани



На Универзитетот во Охрид владата назначи ректор кој многумина од сенатот на факултетот го сметаа за неквалификуван. Кога визитинг-професорот Илан Садех се спротивстави на оваа одлука, универзитетските органи му го ограничија пристапот до библиотеките и му ги намалија средствата за истражување и патување на конференции, а потоа властите го протераа од земјата.

Претплатете се за најнови вести