verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Претставките за медиумите поднесени, судот ги разгледува без брзање

on 7 - 10 - 2016       
Овој напис го има и на: Англиски
Управувачот далечински, мониторингот од близина. Фото: redjar/flickr
Управувачот далечински, надзорот од близина. Фото: redjar/flickr

 

Овој напис ги објаснува постапките што ги преземаат надлежните институции и тела – Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги (АВМУ) и Привремената комисија за надзор на медиумите во предизборниот период (ад хок телото), какви одлуки носат и како ги објаснуваат своите одлуки за претставки против медиумите, кога тие ќе ги нарушат правилата за информирање, а кои се поднесуваат до судот за тој да одлучува по нив

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

Откако во првиот извештај од 17 септември годинава, ад хок телото за надзор на медиумите (привремена комисија) не констатираше неправилности кај радиодифузерите, во втората десеттдневна анализа тоа се промени и со три гласа „за“ одлучи Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) да поведе прекршочна постапка против телевизиите „Нова“ и „Сител“ за неизбалансираност во известувањето. За другите радиодифузери, чие известување беше предмет на набљудување, не беа констатирани прекршувања на Изборниот законик.

 

КВАЛИТАТИВНИ РАЗЛИКИ

Според извештајот, кај телевизија „Сител“ констатирано е дека при изборното медиумско претставување во периодот од 12 до 21 септември 2016 година, телевизијата не обезбедила изборно медиумско претставување на правичен, избалансиран и на непристрасен начин. Квантитативно, се вели во извештајот, нема големи разлики во известувањето за двете најголеми политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, но констатирани се големи разлики од квалитативен аспект.

„Констатирани се големи разлики од квалитативен аспект при тонот на известувањето и врамувањето на двете најголеми политички партии. Имено, во дневнците во 19 часот емитувани во рамките на програмскиот сервис на телевизија „Сител“ во деновите 12, 13, 16, 19 и 21 септември 2016 година се забележува континуирано известување со позитивна рамка и позитивен тон за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и за носителите на власта. Позитивно врамување и позитивен тон особено се видливи кај најавите и одјавите на прилозите за мерките што ќе се најдат на програмата на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Во однос на известувањето за активностите на политичката партија СДСМ, се констатира дека во дневниците од 19 часот во голема мера се известува со негативен том и рамка“, пишува во извештајот.

Поради тоа, а со оглед дека прекршокот е сторен првпат, ад хок телото за следење на медиумите предлага да се покрене прекршочна постапка во која судот ќе изрече прекршочна санкција-опомена.

Слично е образложението и за побараната опомена за телевизија „Нова“, во кое е наведено дека квантитативно нема разлика во известувањето за двете најголеми политички партии. Според извештајот, констатирани се големи разлики од квалитативен аспект при тонот на известувањето.

„Имено, во дневно-информативните емисии – „Обсервер“ на „Нова“ во 19 часот емитувани во рамките на програмскиот сервис во деновите 13, 15 и 20 септември 2016 година се забележува негативно врамување на одредени личности и континуирано известување со позитивна рамка и со позитивен тон за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и за носителите на власта“, стои во извештајот.

Според привремената комисија, на 16 септември во отвореното студио од 20 часот водителката се вмешувала на навивачки начин во дијалогот меѓу министерот за финансии и неговиот заменик.

„Во исто време на кајронот постојано се емитувани цитати со изјави на министерот (од една страна) со што се потенцираше неговиот дел од изјавите, што е недвојбено навивачки и може директно да се припише на оној кој ја подготвувал емисијата“, се вели во заклучокот од извештајот на ад хок телото за регулација на медиуми.

На овој извештај веднаш реагираа од двата медиуми.

Билјана Василева-Трендафилова, главен и одговорен уредник на телевизијата „Нова“, во телевизискиот коментар вели:

„Шокирана сум од фактот што наместо да се поздрави пионерскиот чекор на ТВ „Нова“ за реализирање предизборни дуели со претставници од најголемите македонски политички партии, заради соочување на нивните програми, ад хок телото за надзор на медиумите неосновано го критикува начинот на кој бил реализиран дуелот, заборавајќи на основното новинарско правило дека новинарот-водител во рамките на вкусот и професионалноста има право да ги провоцира своите гости за да го извлече максимумот од нив, а гледачите полесно да извлечат заклучок“.

Со сличен коментар, но со поостар тон, се огласи и телевизија „Сител“ која рече дека директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски, води лична хајка против телевизијата.

„Дел од членовите на ад хок телото за медиуми денеска на прес-конференција потврдија дека Трајчевски противзаконски влегол на седницата и со ултимативен тон на членовите им наложил да бидат казнети „Сител“ и ТВ „Нова“. Откако дел од членовите реагирале на незаконското присуство, Трајчевски им се нафрлил со лични навреди. Со оваа незаконска и крајно неетичка постапка Трајчевски ја поништи идејата за постоење на ад хок тело за медиуми. Постоењето на ова тело веќе е беспредметно, бидејќи работи под директива на еден човек, кој од само нему разбирливи причини решил личните фрустрации да ги лечи врз грбот на одредени медиуми“.

Од ваквиот предлог на ад хок телото се иззедоа двајцата членови кои гласаа „против“, Цветин Чилиманов и Слаѓана Димишкова, со став дека има, како што велат, значително подобрување во известувањето на медиумот. Тие сметаат дека прекршочната постапка е неоснована и се базира на субјективно подготвен извештај од страна на ААВМУ.

„Директорот на Агенцијата Зоран Трајчевски присуствуваше пред почетокот на седницата на ад хок телото и нè информираше дека според извештајот што е поднесен, АВМУ би препорачала казнување на медиумите „Сител“ и ТВ „Нова“, што беше силна сугестија и влијаеше на понатамошната работа на членовите на комисијата“, изјави Чилиманов за медиумите.

Директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизулено услуги (АВМУ), Зоран Трајчевски, за „Сервисот за проверка на факти во медиумите“ (СПФМ) вели дека Слаѓана Димишковска и Цветин Чилиманов постојано бараат состанок со него за сè и сешто.

„Секој во ова тело одлучува самостојно, а тоа е видливо и во извештаите. Иако имам притисоци од повеќе страни, нема да подлегнам ниту на тие од „Сител“, ниту од некој друг. Сè што е наведено во извештаите е точно“, вели Трајчевски.

 

МТВ, СТАНДАРДНО ИСТА

Тоа што може да се забележи во извештаите е дека нема поголеми промени или отстапки во работењето на Македонската радиотелевизија.

Во последниот извештај за МТВ за известувањето се вели:

„Неутрално, главно преку стандардните фактографски облици на вест (во низа) и на извештаи (со стручен коментар), во новинарски фокус. За домашниот актуелен општествено-политички живот влегоа: Јавната собраниска расправа за ефектите од лустрацијата, при што новинарскиот извештај, пред сè, ги нагласува експертските ставови во врска со работењето на Комисијата за верификација на фактите, потоа шестмесечниот извештај на СЈО и отворената собраниска расправа проследена низ секојдневен континуитет новинарски извештаи и преку обемен извештај со директно вклучување на новинар-репортер од Собранието. Како што е посочено, информативната редакција од централниот пладневен радио-весник на МРТ1 партиските активности во врска со актуелни општествено-политички теми и настани ги проследи со неутрален пристап, кусо, преку извадоци од соопштенија, преку вести, извештаи и изјави и тоа не нужно како меѓупартиско реплицирање, туку со соодветно адресирање на партиски критики до соодветни државни органи и институции“.

Слична беше оценката за МТВ и во првиот извештај од 17 септември:

„Без новинарски коментари, со неутрален пристап составен од соопштенија, вести (во низа) и извештаи, ретка партиска политичка (ре)контекстуелизација на актуелни општествено-политички теми и настани“.

Привремената комисија го разгледува извештаите на АВМУ за известувањето на 18 телевизии и радио-дифузери. Согласно методологијата, на 100 дена пред изборите се разгледува почитувањето на Изборникот законик од страна на радиодифузерите, при што членовите што се однесуваат на баланс во известувањето и поистоветувањето на партија со држава се разгледуваат во десетдневни периоди.

АВМУ претставките до прекршочниот оддел на Основниот суд Скопје 1, според Изборниот законик, мора да ги поднесе во рок од 48 часа, што е и сторено.

„Во петокот на 30 септември беше одлучено да се поведе прекршочна постапка, а во саботата беа доставени претставките до судот“, вели Трајчевски.

Според Законот за прекршоци, нема рок до кога судовите треба да одлучат, туку е наведено само „по брза постапка“. За тоа што значи брза постапка, дилема има и Трајчевски.

„Ние деновиве добиваме решенија за поведени постапки од 2014 година, па сега видете што е тоа брза постапка. Наше е да ги поднесеме, судот одлучува кога ќе решава“, вели Трајчевски.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести