verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Претсмртни ламенти: ако умрам ил’ загинам

on 30 - 10 - 2015       
3D-White-Circle-Graphics-wide-dpl-circleplus-kolaz
Дел од „Тестаментот“ на ДПЛ. Фото: скриншот/колаж

 

Тестаменталното портфолио на Драган Павловиќ Латас е засега единственото што треба да биде контрапункт на дипломатскиот тестамент за земјава што ни го прочитаа претставниците на меѓународната заедница

 

Пишува: Љубомир Костовски

 

Деновиве голем дел од јавноста се прашува – што ќе стане со оваа земја ако веќе клучните политичките актери ги пробија сите рокови во решавање на кризата, бидејќи, минаа и сите минути на „судиското дополнување“ кои ни ги дадоа меѓународните набљудувачи? Ова секако може и треба да се поврзе со опелото што ни го прочитаа странските дипломати од западните земји во вторникот (27 октомври) напладне и тоа стоејќи пред зградата на Владата, ставена во симболични окови. И тоа, откако тој говор секако му го имаа прочитано четири дена порано (23 октомври) на најдоговорниот за оваа траурна ситуација – премиерот Груевски, пред тој да замине за Обединетите Арапски Емирати, среде целата политичка кашканица.

Како што може да се прочита деновиве, некои меѓу нас веќе и самите пишуваат и други, недипломатски тестаменти, што треба да нè подготват на најлошото. Секако, тоа е барем вообичаено, тестаментите обично да ги пишуваат оние што имаат што да остават зад себе, бидејќи, со последната волја се делат материјалните добра на наследниците, а чувствата, евентуалното знаење или незнаење, страсти или омраза не се наследуваат. Често би се рекло – фала Богу што е така!

Скриншот - кликни за голем формат
Скриншот – кликни за голем формат

Доста коментираниот текст „Тестамент“ на Драган Павловиќ Латас, поставен на место на неговите понеделнички колумни, не одговара многу на дури и широко прифатените граници за тоа што претпоставува еден приватен, опсерваторски есеј за некоја тема, што би била, нели, колумната. Бидејќи текстот во најголемиот дел од својата содржина наликува на јавен говор, упатен во корист на една политичка прагма, а насочен против нејзинитите опоненти. Меѓу колумната и она што би го прифатиле со малку фантазија – ораторството, нема секогаш доволно допирни точки за да добиеме чисти новинарски форми, но тоа во овој случај и не е толку важно.

 

ДРАМАТУРШКИ ЕЛЕМЕНТИ

Како и секој јавен повик, нешто што овој текст претставува во својата суштина, мора да се базира на некои драматуршки елементи, бидејќи им служи на некои мотивациони пориви на авторот и мора да вклучи некакви „лепаци“ за јавноста, која треба да го прифати алармот вклучен од негова страна. Тука имаме три такви елементи – тестаментот, цигарата и барикадата.
Тестаментот е документ кој се прави во многу лоши, да не речеме и најлоши моменти и тука ја има функцијата на мелодрамата, која, инаку, е присутна толку многу на провладините телевизии во форма на ориентални серии, што секогаш треба (а тоа малкумина го знаат) од гледачот, читателот или како веќе ќе го наречеме предметот на обработка, да извлече максимум поддршка и емотивна блискост. Дури, во теоријата на филмот тоа е добро познато, мелодрамата ја има функцијата да ве преврти, односно да ве натера да ги напуштите своите морални принципи, заради емотивниот стрес што ви го прави мелодрамскиот актер (во случајот Латас). Да споменеме само некои познати приказни како „Кармен“ или сличната „Продавачка на темјанушки“, каде предавничката на нацијата, главната хероина, одненадеж станува многу блиска за публиката поради емотивниот удар што таа го нанесува на системот на вредности на публиката и спротивно на очекувањата, ја врзува за себе и ја прави сојузничка во личната болка.

ПУШЕЊЕТО Е ШТЕТНО

Цигарата, како втор елемент на мелодрамското во јавниот повик, која асоцира на последната желба, меѓу другото и во мелодрамите, треба да ја потврди личната жртва во таа ситуација, но и ладнокрвноста со која се става „својата глава во торба“, а одењето на барикадата, на крајот на текстот, дефинитивно ја потврдува решеноста да се биде „на штитот или со него“.

Многумина читатели веројатно оваа оцена би ја сметале за прекумерна, бидејќи текстот по своите општи вредности не заслужува да се става на вага. Секако, при тоа се мисли на фактот што од содржината не е јасно дали се работи за личен тестамент или за тестамент на државата. За тоа како да бил свесен и авторот, па морал да си направи едно автоинтервју (!), уште вечерта по објавување на колумната, со помош на еден вработен во ТВ „Сител“ како формален прашувач. Ова било нужно за во централниот ТВ-дневник на медиумот да го зајакне условно, ораторскиот дел на текстот, да го дообјаснува и допрецизира, па акцентот да го стави на заслугите на оваа гарнитура на власт (вработиле 100.000 лица и слично). Со тоа ѝ направил мечкина услуга на сопствената пожртвуваност и тука го губиме личниот елемент, што, пак, жанровски колумната ја прави да виси на влакно и од неа да остане само – памфлет!

Ставањето на текстот „Тестамент“ под некакви рефлектори на јавноста, секако, не е предизвикан од директната потреба да се објаснуваат механизмите на манипулацијата во текстот, туку да се укаже на патемните елементи во него – барикадите се повик за користење одредени средства кои се насилни (вклучувајќи ги елементите на саможртва), а вметнувањето список на потенцијални цели на насилството во текстот (Мирослав Грчев, Фрчкоски, Шекеринска, Најчевска, Тричковски…) е нивно дефинирање на евентуален иден предмет на цели на тоа насилство, односно претставува ширење омраза, во контекст на споменатите елементи: тестамент, последна цигара, барикади…

Некому треба да му биде јасно дека во сегашната ситуација на две конфронтирани страни во општеството, едната смета дека веќе имаме доволно жртви. Колумнистот Боки Бургија во таа насока го потсети Латаса уште во понеделникот наутро, веднаш по објавувањето на колумната „Тестамент“, дека:

„деца ни гинат на новите булевари секој ден, родилки и бебиња умираат во породилни клиники заради пијани анестезиолози, беспомошни родители секој ден бараат донатори за операции во странство заради бесплатното здравство на твојот премиер, телохранители на плоштади ни убиваат момчиња со тупаници, на Смилковско вооружени бандити ни стрелаат матуранти, премиерот руши милионски објекти со динамит, и се смее како блесав на туѓата човечка несреќа, во фингирана оружена пресметка се носат во смрт полицајци…“

Тие жрти, да додадеме, не стигнуваат да го напишат својот тестамент и да се чаталат со пушење последна цигара, ама затоа вистински гинат.

(Овој пат нема да го допреме моментот на користењето на историските поуки и бројките кои ги користи Латас – излегува дека современите држави, настанати пред не повеќе од 200 години, настанале само малку подоцна од познатиот Биг Бен или Големата експлозија, ама за тоа друг пат).

 


Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести