verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Прекршени закони со објавувањето „уплатница“ и „партиска книшка“ на Катица Јанева

on 18 - 11 - 2016       

 

Непроверени и демантирани информации за лични податоци. Фото: МЕТА
Непроверени и демантирани информации за лични податоци. Фото: МЕТА

 

Уплатници, партиски книшки, потписи – вистински или лажни? Јавноста може да ја интересира, но јавноста не е таа која може да пресуди

 

Пишува: Елена Стојановска

 

Фотографијата од наводната партиска книшка од СДСМ на Катица Јанева, како и уплатницата за членство во истата партија објавени во медиумите, отворија многу прашања. Дел од прашањата се однесуваат на моралот на самата Јанева, а дел од нив, на кои се однесува оваа новинарска лекција, се однесуваат на моралот, етичноста и на професионалноста на медиумите.

Првата точка на проблематизирање на оваа вест е веродостојноста на информацијата, односно, вложениот напор на медиумот да ја провери истата. Во согласност со првиот принцип и етичка вредност  од Кодексот на новинарите:

Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес.

Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи.

Доколку информацијата не може да се потврди или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави.

Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно.

Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес.

Не само новинарот, туку и секој граѓанин има право на слободен пристап до информациите кои се од јавен интерес, но платните инструменти, како што е уплатницата, не се информации од јавен карактер. Во согласност со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, исклучок од слободниот пристап има тогаш кога информацијата содржи „личен податок чие откривање би значело повреда на заштитата на личните податоци“ и „информација, што се однесува на комерцијални и други економски интереси, вклучувајќи ги и интересите на монетарната и фискалната политика и чие давање ќе има штетни последици во остварувањето на функцијата“.

Во овој случај, проверката е многу важна бидејќи вистинитоста на објавените информации може да ја потврди или, пак, негира исклучиво засегнатата Јанева. Зошто е тоа така?

Банката која е наведена на самата уплатница не би требало да е извор на информацијата и не би требало да е онаа која потврдува или негира ваква информација, бидејќи во согласност со законот, таа не смее да го стори тоа. Имено, банкарската транскација, во согласност со Законот за банките, претставува банкарска тајна, која банката е должна да ја заштити и да ја чува. Банката може да даде информации или податоци само кога тоа е пропишано со закон (тоа не е случај во медиумското објавување податоци) или ако лицето на кое се однесуваат податоците дало писмена согласност за тоа.

Член 111

Документите, податоците и информациите кои се стекнати при вршење банкарски и други финансиски активности за поединечни лица и трансакции со поединечни лица, како и за депозитите на поединечни лица претставуваат банкарска тајна која банката е должна да ја заштити и да ја чува.

 

Член 112

Обврската за заштита и за чување на банкарската тајна не се однесува во следниве случаи, ако:

1) со закон е пропишано објавување на податоците и информациите; и
2) лицето дало писмена согласност за откривање на податоците.

Партијата за која станува збор, исто така, не би требало да биде извор на информацијата ниту, пак, да ја коментира веродостојноста на истата, бидејќи во согласност со Законот за заштита на личните податоци, политичкото уверување спаѓа во категоријата на посебни или чувствителни лични податоци, чија обработка е генерално забранета, односно, дозволена по исклучок. Медиумското објавување не спаѓа во исклучоците.

Имајќи ги овие факти предвид, веродостојноста на информацијата може да ја потврди или негира само лицето на кое истата се однесува, односно Катица Јанева. Без да имаат одговор од засегнатото лице, медиумите ги објавија фотографиите од членска книшка и од уплатница за членство во политичка партија. Ден подоцна, стигна демант, во кој Катица Јанева ја негира веродостојноста на објавените информации.

„Се работи за невистинити документи. Јас никогаш ниту сум била член на политичката партија СДСМ, ниту пак сум извршила уплата за наводна верификација на членство на оваа политичка партија – истакна Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева“.

Информациите за моралот, однесувањето, професионалноста на личноста која во моментот на објавувањето информации извршува јавна функција, се разбира дека се од јавен интерес, но само доколку се точни, проверени и доколку по спроведен тест на јавен интерес се увиди дека нивното објавување нема да нанесе никаква штета на личноста или нејзиното дејствување.

По два дена медиумска популарност, оваа вест освен што ќе го остави актуелно прашањето дали е вистинита или не, отвора едно уште поважно прашање – дали во оваа информација е содржан фалсификуван биометриски личен податок, потпис и дали има кривично дело или не.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести