verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Предлог-законот за владино рекламирање: Легализирано корумпирање на медиумскиот простор

on 15 - 07 - 2016       
Државните рекламни кампањи повторно на дневе нред. Фото: pixabay
Државните рекламни кампањи повторно на дневен ред. Фото: pixabay

 

Една година откако го промовираше како гест на добра волја мораториумот на објавување државни рекламни кампањи во медиумите, власта реши дека добрата волја има рок на траење и на Собранието на РМ му достави предлог-закон за информативни и рекламни кампањи на јавните институции. Со овој потег таа експресно го врати на дневен ред едно од најболните прашања во македонската политика, а тоа е корумпирањето на медиумите со јавни пари, кои Владата цела деценија наназад го користеше како моќно оружје за контрола на јавниот медиумски простор, а со тоа и на целокупниот политички амбиент во државата

 

Пишува: Југослава Дуковска

 

Веќе беглото фрлање поглед на содржината на предлог-законот укажува на тоа дека се обистинуваат најцрните предвидувања на опозицијата, но и на претставниците на критички настроената професионална новинарска бранша – законот е, всушност, легализација на коруптивната манипулација со рекламите, која владејачките партии изминативе години ја изградија во добро подмачкан и исклучително ефикасен механизам.

 

МОРАТОРИУМ ЗА МАЧКАЊЕ ОЧИ

Под изговор дека се врши регулирање на рекламирањето на државните институции во медиумите, со овој закон се прави обид без ограда и каква било демократска контрола, парите од буџетот наменети за пласман на владина пропаганда непречено да го најдат патот до највлијателните медиуми во државата и на тој начин да се оформува јавното мислење во Македонија. Како врв на цинизмот, предлог-законот за реклами, претставен како чекор кон транспарентно трошење на јавни пари за државни реклами, влегува во собраниска процедура во време кога опозицијата е надвор од парламентот, што ќе значи комплетно отсуство на каква било парламентарна дебата за законските решенија. Веќе овие прашања се доволни за да се запали алармот на демократската јавност во врска со законот за владините реклами.

Аналитичарите и лани, неимпресионирани од мораториумот, предупредуваа дека потегот на Владата бил изнуден и не бил со искрени намери таа навистина да го расчисти и да го уреди просторот во медиумите за создавање фер јавен амбиент за политичка разврска на политичката криза. Се очекуваше таа да излезе со законски предлог како тоа да се изведе, а од идните решенија да откријат колку ѝ се чесни намерите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Ако и со новиот клуч 95 отсто од парите завршуваат кај четири медиуми како што е сега, тогаш ништо не сме направиле“, изјави тогаш политичкиот аналитичар Петар Арсовски за „Плусинфо“.

 

НЕТРАНСПАРЕНТНО ТРОШЕЊЕ НА ЈАВНИ ПАРИ

Веќе од првото читање во очи паѓаат три работи: првата е дека тој воопшто не ги уредува условите кога, всушност, власта може и треба да ѝ се обраќа на јавноста по принципот на со нејзини пари платени содржини во медиумите, туку само општо кажува за обврската на државните институции јавно и транспарентно да ги информираат граѓаните за својата работа. Втората е дека законот уредува трошење на јавни пари за рекламирање во износи поголеми од 100.000 евра, додека поевтините рекламирања остануваат нерегулирани со овој закон и третата е необјасниво привилегираната позиција на маркетинг-агенциите како комерцијални субјекти во целиот процес во одлучувањето како, кому и колку ќе му се исплаќаат пари за реализирани рекламни кампањи на државни институции.

Законот тргнува од една општа премиса дека „јавните институции во целосна или делумна државна сопственост“ се должни да работат „јавно и транспарентно и да ги информираат граѓаните за својата тековна работа и своите законски надлежности преку објавување на јавни соопштенија до медиумите, преку организирање на јавни настани, настапи и други некомерцијални активности, како и преку објавување на кампањи на програмата на јавниот радиодифузен сервис“. Но, прашањето кој ќе ја контролира, како и колку целисходно обврската за транспарентност власта ќе ја спроведува, овој закон не го уредува.

 

ЈАВНИ КАМПАЊИ СО СОМНИТЕЛНА ВРЕДНОСТ

Се разбира, една од главните дилеми кога станува збор за трошење на јавни пари, секогаш е дали тие се потрошени за она што треба, но и тоа кој кажува за што, колку и како да троши. Кога се во прашање трошењата за пропагандни, едукативни, информативни кампањи, оправданоста на одлуките за тоа на што и колку да се потроши и ефектите од нив е потешко емпириски да се измерат, споредат и да се анализираат. Владиниот предлог-закон за рекламирање овој аспект воопшто не го ни допира со понудените решенија. „Јавните институции реализираат кампањи кои треба да бидат оправдани, презентирани на соодветен начин, објективни и политички неутрални“, стои во предлог-законот за рекламирање и притоа „буџетот на кампањите треба да биде оптимално избран за да се постигне целта и буџетска ефикасност“. Кој утврдува кога буџетот за една кампања е „оптимално избран“? Односно, кој одредува дали неколкуте стотици илјади евра потрошени за една владина кампања се рационално потрошени пари? Ни за ова предлог-законот не дава решение ниту нуди одговор.

Предлог-законот не дава одговор кој треба да каже дали баш таа, а не некоја друга проблематика од интерес на граѓаните на Република Македонија ќе биде промовирана, објаснета, афирмирана преку јавна кампања платена од буџетот – и за колку пари. Вака како што сега е поставен процесот со овој законски предлог, работите остануваат на она што биле и претходно, кога пропагандните кампањи никнуваа како печурки по дожд, упатува крајно проблематични пораки, предизвикуваа контроверзии и неспокојство во граѓанското општество, но и наликуваа една на друга како да беа производ на вкусот, сфаќањата и на експертизата на една иста личност, имено, тогашниот премиер Никола Груевски лично.

Особено е несериозно повикувањето на некаква си буџетска ефикасност, бидејќи законот не кажува кој и на каков начин ќе утврдува дали со некоја владина кампања во медиумите е постигната целта и колку е постигната буџетската ефикасност за која станува збор. Кој, на пример, и како ќе измери дали е постигната целта со кампањата на Владата на РМ за здрава храна, за семејни вредности, „Истражи ја Македонија“ или „И ти си Македонија“, односно, дали македонските граѓани сега масовно јадат патлиџан прелиен со маслиново масло место чипс, шетаат низ Мариово и низ Јанче, не плукааат на улица, зборуваат подобро англиски и не измамуваат недолжни странски туристи оти и тие се Македонија или, уште подобро, дали тие ефекти соодветствуваат на стотиците илјади евра потрошени за да бидат едуцирани за тоа?

 

А ШТО Е СО КАМПАЊИТЕ ШТО ЧИНАТ ПОМАЛКУ ОД 100.000 ЕВРА?

„Со овој закон се пропишува начинот и условите за реализација на активностите на јавно информирање од страна на јавните институции во целосна или доминантна државна сопственост, постапката за реализација и начинот на распределбата на буџетoт за кампањи за чија реализација се предвидени повеќе од 100.000 ЕУР во денарска противвредност, како и начинот на известување на Агенцијата за реализираните кампањи во претходната година“. Но, што е со уредувањето на идното трошење на народни пари за владини кампањи кога поединечните зафати ќе чинат помалку од 100.000 евра? Законскиот предлог нема одговор кој и како утврдил дека кампањите кои чинат, да речеме 95.000 евра, државните институции ќе можат да си ги организираат и распределуваат по медиумите по свое наоѓање, а со самото тоа и нетранспарентно и на недемократски начин, како што, впрочем, беше случајот и до лани, кога и домашната и меѓународната заедница континуирано укажуваа дека токму тоа е суштината на корумпирањето на медиумите и на креирањето недемократски медиумски и јавен амбиент.

 

МАРКЕТИНШКИТЕ АГЕНЦИИ – ФАСАДА ЗА КОРУМПИРАЊЕ НА МЕДИУМИТЕ

Она што посебно и на лаик му паѓа в очи е дека, всушност, централното место во системот на идното владино рекламирање им припаѓа на рекламните агенции. „Нарачателот на кампањата, избира маркетинг-агенција со која склучува договор за набавка на услуги за подготвителните активности на кампањата“. Без некое посебно оправдување, овој законски владин предлог на пиедесталот ги става агенциите кои во иднина би требало за потребите на државата да вршат закуп на медиумски простор при што „најмалку 75 отсто од буџетот за закуп на медиуми, маркетинг-агенцијата го распределува за закуп на телевизиите и радијата на државно, регионално и на локално ниво“ и истовремено „маркетинг-агенцијата, врз основа на комуникациската стратегија, самостојно одлучува дали и во кој обем ќе го распореди буџетот за закуп на интернет-медиуми и во печатени медиуми“. Од каде потребата на комерцијалните, профитно ориентирани субјекти, какви што се маркетиншките агенции, да им бидат дадени до таа мерка одврзани раце да располагаат со државни пари за потребите на владино рекламирање и каде е тука оградата, браната од евентуалните злоупотреби? Со ова решение практично само се легализира клиентелистичкот однос кој веќе закоравено владее во медиумскиот простор во Македонија, односно спрегата влада-маркетиншки агенции-медиуми блиски до власта. Откако ќе профункционира, тој само ќе значи законско етаблирање на веќе постојната злоупотреба на медиумите за ширење на политичкото влијание на власта врз медиумскиот простор во Република Македонија, што е, за жал, еднонасочна улица. На овој начин преку маркетиншките агенции, партнери на власта, легално ќе се слеваат огромни суми пари само во оние медиуми кои врз основа на некакви нетранспарентни мерења на гледаност (слушаност, читаност) на медиумите, се најгледани, најслушани, најчитани. Освен што ќе претставува легализација на корумпирањето на овие медиуми, ова решение директно ќе влијае на осиромашувањето и на неминовното гаснење на оние медиуми кои не се во милост на агенциите (читај:власта).

Поради ова, воопшто не зачудуваат негативните реакции на стручната јавност во однос на предлог-законот за рекламирање, кои се слушнаа изминативе денови. Повиците Владата веднаш да го повлече предлог-законот за владино рекламирање со кој се легализираат досегашните коруптивни односи меѓу сопствениците на медиумите и власта јасно укажуваат на тоа дека понудените решенија во законот се токму она од што јавноста се плашеше додека траеше мораториумот како своевидно затишје пред бура. На владејачката коалиција очигледно ужасно ѝ се брза да расчисти терен пред претстојната неминовна разврска на политичката криза во Македонија, која се очекува да се случува штом заврши летово, а во која медиумите, тоа е веќе извесно, ќе одиграат една од судбоносните улоги.


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести