Предизборната диоптрија наместо суша во Дебарското езеро гледа политика
Објавено во Рецензии
on 9 - 03 - 2020 Автор: Админ[Рецензија: Кој и зошто остава да умре Дебарско езеро?]
Глетките од исушените езерски брегови зимава загрижија голем број на граѓани пред чиишто очи исчезнуваат познатите пејсажи од македонските природни убавини. И, додека за испразнетото Преспанско езеро стручната јавност веќе се изјазни припишувајќи ги причините за нискиот водостој на долготрајната суша и климатските промени, и останатите акумулации во земјава трпат поблаги или подрастични последици од истиот феномен.
Но, текстот што го рецензираме не ги бара одговорите на прашањето: Што е причината за испразнетото Дебарско езеро на вистинските места туку се задоволува со постирање на шпекулации.
Линк до оригиналниот напис: Кој и зошто го остава да умре Дебарско Езеро?
Датум и време на објавување: 01.03.2020
Датум на рецензирање: 06.03.2020
Рецензент: Југослава Дуковска
Дебарското езеро е вештачка акумулација на реката Дрим, изградена во 60-те години на минатиот век , има површина од 13,2 км², 92 м длабочина и надморска височина од 580 м. и Се користи како акумулација за ХЕ „Шпиље“.
Текстот што го рецензираме ги цитира основните податоци за Дебарското езеро, од Википедија, исто како и ставот дека
Дебарското Езеро е најбогатото езеро со вода од сите вештачки езера во Македонија. Вкупниот волумен на акумулацијата е 520 милиони м3, а корисниот волумен изнесува 223 милиони м3 вода.
На овие податоци во написот се надоврзува следново:
Каде истекува водата, засега нема одговори иако постојат индиции дека се трошат на зголемување на потенцијалот на реката Црн Дрим, која потоа полни неколку приватни хидроцентрали на албанска страна.
Но, кога анализираме како овој текст одговорил на едно од најважните новинарски прашања кои треба да ги содржи веста дека Дебарското езеро е алармантно празно среде зима, а тоа е да одговори зошто тоа се случува, можеме да заклучиме дека тој не користи етички коректен новинарски приод.
ЗОШТО НЕ СЕ ПРАШАНИ НАДЛЕЖНИТЕ ИНСТИТУЦИИ?
Професионално коректно би било да се побараат одговори на вистинските места пред да се посегне по пласирање на непотврдени информации односно шпекулации. Освен официјалните, можеле да се побараат и неофицијални, но релевантни извори од терен, односно вработени во хидроцентралата, потоа локално население, рибари и слично, кои би можеле да дадат свое гледање на состојбата. Дури откако ќе бидат исцрпени сите обиди да се добијат релевантни информации за состојбата, и тоа секако да биде јасно нотирано во текстот ( На пример дека е побаран одговор од Управата за хидробиолошки работи, Министерство за земјоделие и дека е одговорено или не) во написот, како и секогаш со крајна претпазливост, може да се споменат и одредени непотврдени информации, ако новинарот проценил дека доаѓаат од доверлив извор.
Но, тоа не е и единствениот проблем на текстов. Се поставува прашање зошто не е земен предвид општопознатиот факт во моментот кога е создаван овој напис дека Македонија како и поширокиот регион, но и глобално, трпи штети од долготрајната суша и намалените врнежи не само зимава туку и во текот на изминатото лето и есен и кога тие сознанија и податоци се општопознати и прифатени како факти од пошироката јавност. Домашните медиуми изминативе месеци па и подолго нашироко пишувале за сушата која ги испразнила природните и вештачките акумулации и го намалила водостојот на реките, а меѓу нив и за реките од кои Дебарското езеро се напојува со вода, пред се реката Радика. На интернет се достапни и сториите како слабиот водостој на Радика влијаел на нивото на Дебарското езеро и во изминатите години.
Со оглед на тоа дека се работи за вештачка акумулација изградена за потребите од производство на електрична енергија, прашањето за причините за нискиот водостој на Дебарско езеро требало да биде упатено и до ЕСМ и до управата на ХЕЦ Шпилје, кои се најмеродавни да одговорат. Тоа впрочем, само ден подоцна го направи агенцијата МИА и ги доби потребните одговори од надлежно лице од ХЕЦ Шпилје, при што е објаснето дека е драстично намален дотокот на вода од Радика и од Црн Дрим поради сушниот период и дека периодот декември 2019-фебруари 2020 година спаѓал во шесте најсушни периоди во педесетгодишното работење на хидроцентралата.
ВО КОЈА ПОЛИТИЧКА ГРМУШКА ЛЕЖИ ЗАЈАКОТ
Додека граѓаните алармираат, од Владата до сега загриженост покажа и алармираше само дополнителниот министер за земјоделство Цветан Трипуновски.
Последната реченица од написот како да го осветлува вистинскиот мотив за негово објавување, посебно кога ќе се земе предвид дека, освен порталот „Република“, текст со идентична содржина (сосе копи пејст спомнувањето на загриженоста на дополнителниот министер за земјоделие од ВМРО-ДПМНЕ, Трипуновски) објавија и нему блиските Инфомакс, Нетпрес, Експрес, Курир. Ниту написот кој го рецензираме, ниту пак, останатите медиуми кои го пресликаа, сепак, не даваат линк до изјавата на Трипуновски за неговата загриженост за Дебарското езеро, што става знак прашалник на автентичноста на ваквото тврдење.
Поради ова, легитимно е прашањето кои биле вистинските мотиви зад овој текст-грижата за судбината на Дебарското езеро или прибирањето предизборни поени за конкретна политичка опција?
Овој напис е преземен од проектот “Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност – КриТинк“, кој е спроведуван од Фондацијата „Метаморфозис“ и ЕВРОТИНК. Проектот е финансиран од Европската Унија. Ставовите и мислењата изнесени во овој напис не секогаш ги одразуваат оние на ЕУ. Написите од „Критинк“ се слободни за преземање со наведување на изворот и без измени и кратења.