Празна Илинденска за слепи очи
Објавено во Рецензии
on 8 - 12 - 2016 Автор: Симона Атанасова
[Рецензија: Народот препознава предавници, ги казни со празна „Илинденска“]
Чист коментар без факти, без докази, зачинет со лаги и со манипулации за тенденциозно формирање на негативна перцепција за опозицијата во клучни денови пред изборите на 11 декември. Текстот има јасна цел – пропагандистички да ја манипулира јавноста, нафрлајќи тези кои се неточни, а се претставени како конечна вистина.
Линк до оригиналниот напис: Народот препознава предавници, ги казни со празна „Илинденска“
Датум и време на објавување: 04.12.2015, 21:56
Датум на рецензирање: 08.12.2015
Рецензент: Симона Атанасова
И покрај известувањето од страна на голем број домашни и странски медиуми, написот сепак се дрзнува да манипулира дека митингот на СДСМ одржан пред неколку дена бил слабо посетен и дека немало луѓе.
„Ниту автобусите од Струмица и Куманово, и целата администрација од Струмица, Куманово и Центар не го пополнија срамот од фијаското на решавачкиот митинг. Македонците не се подготвени да им ги предадат без борба земјата и иднината на своите поколенија на предавниците од дувлото на Бихаќа, а тоа го покажаа и вечерва, така што не се одѕваа и не дојдоа на митингот пред Владата“.
Написот тврди дека целата администрација од неколку општини кои имаат градоначалници од СДСМ, пополнувале место на митингот, па спомнува и автобуси од Струмица, Куманово и од Центар. За ова нема никакви докзи, ниту, пак, има докази дека на администрацијата ѝ се вршел притисок да присуствува на митингот. Нема фотографии кои можат да бидат докази дека имало автобуси само од овие три општини, ниту, пак, дека во нив се возела администрација.
„Организаторот дал сè од себе за да го сокрие срамот, па бината беше поместена неколку метри понапред за разлика од лани во мај, а и од бината до првиот ред во публиката беше зголемен за да ги истурне граѓаните колку што е можно поназад и да изгледа пополно. Празнината и малиот одѕив зборуваат за незадоволството од разнебитувачките политики на СДСМ. Исто така во публиката се присутни празнини и дупки па затоа СДСМ осветлуваше само дел од присутните кои се понапред, а другиот дел од улицата е неосветлен со цел да се прикрие слабата посетеност“.
Слики, видеозаписи од различни медиуми, но и снимките направени од дронови целосно ја демантираат оваа констатација. На текстот е закачена слика која воопшто не е од митингот пред неколку дена, туку од конгресот на СДСМ на 6 ноември, на кој беа претставени пратеничките листи.
Текстот нема ниту една слика од митингот на СДСМ, а уште помалку има слика од слабата посетеност на митингот, факт врз кој се конструира овој манипулирачки и пропагандистички коментар.
„Човекот кој цели да стане премиер на Република Македонија, лидерот на опозицијата Зоран Заев, бесрамно и јавно го претстави она што е напишано во нивната изборна програма. Идејата за федерализација и двојазичност сега доби и пишана предизборна рамка, во изборната програма на СДСМ „План за живот во Македонија”.“
Ова е целосна невистина. Во изборната програма на СДСМ никаде не пишува дека тие имаат план за федерализација и за двојазичност. Написот манипулира и овој неточен наод, коментаторски го претставува како точен.
Се вели дека СДСМ „кокетираат и ги продаваат државните интереси“, но недостига фактот кому тоа тие ги продаваат државните интереси, а уште помалку има докази како тоа се продаваат државните интереси.
Текстот го спомнува и Сорос и албански радикали и екстремисти и предавници, сите оние „чудовишта“ од кои тој треба да се „плаши“, затоа што сакаат да ја „поделат земјата“, иако нема една единствена потврда за каква било вмешаност на кој било од таканаречените предавници.
Вака напишан, овој текст претставува само едно тенденциозно, коментаторско и еднострано парче, кое во ниту еден случај не може да се нарече новинарско дело што ги почитува принципите од Новинарскиот кодекс.
Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).
ИНФОГРАФИК
ВИСТИНИТОСТ
има факти
неточни наводи
неверодостојни наводи
ИЗВОРИ НА ИНФОРМАЦИИ
има евидентирани извори
не може да се утврди
еднострани
СЕОПФАТНОСТ
несеопфатнo
прикриени информации
ПРИСТРАСНОСТ
делумно прикажува вистина
извртување на вистина (спин)
лажни информации
наклонетост
политичка пристрасност
КОМЕНТИРАЊЕ
има коментаторски елементи
интегрирано со фактите
ПЛАГИЈАТ
оригинално дело
ненаведен автор
КВАЛИТЕТ НА НАСЛОВОТ
дезинформира
креативен
сензационален
соодветен
тенденциозен
ФОТОГРАФИЈА
има
несоодветна
манипулира
ненаведен автор(извор)
ГОВОР НА ОМРАЗА
нема навредлив говор
нема говор на омраза
не потикнува на насилство
не дискриминира
УРЕДЕН ЗА ВЕБ
средно читлив
солидни мултимедијални елементи
нема контекстуални линкови
делумно стилски уреден
неповрзан со тагови