verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Повредена приватност: Сензационализам од лични трагедии

on 25 - 07 - 2016       
Објавените податоци во случај на несреќи мора да бидаат во баланс со етичките вредности и почитувањето на приватноста, личната болка и жалост. Фото: www.picserver.org

Објавените податоци во случај на несреќи мора да бидаат во баланс со етичките вредности и почитувањето на приватноста, личната болка и жалост.
Фото: www.picserver.org

 

Во време кога речиси сите информации се поставени на интернет, особено внимание треба да се посвети на видот и на обемот на објавените податоци за жртвите на несреќи, непогоди или болести, особено заради нивните семејства, кои со секое ново читање на овие вести повторно ги преживуваат несреќите.

 

Пишува: Елена Стојановска

 

Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми.

Иако е еден од приниципите и етичките вредности од Кодексот на новинарите на Република Македонија, често не се почитува токму заради обезбедување на сензационалистичка димензија на настанот за кој се известува. Неспорен е јавниот интерес кога станува збор за несреќи, елементарни непогоди, семејни трагедии, болести, но количествотоа и видот на објавени податоци мора да биде во баланс со етичките вредности и со почитувањето на приватноста, личната болка и жалост.

Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес. Новинарот е должен да ги почитува личната болка и жалост.

Постојат бројни примери за нарушување на овие принципи при објавување податоци и фотографии од жртви на несреќи или трагедии, особено ако се гледа од аспект на заштита на приватноста. Со оглед на фактот дека најчесто станува збор за лица кои го загубиле животот, неизбежно е да се отвори прашањето како треба да се известува ако се земе предвид дека Законот за заштита на личните податоци не се применува на починати лица? Строгото толкување на оваа одредба би значело дека може слободно да се известува за починати лица, но поширокото толкување на принципите на заштита на приватноста укажува дека секогаш треба да се внимава на тоа како објавените податоци за жртвата влијаат врз нејзините најблиски и на нивното достоинство и лична болка.

 

КАКО (НЕ) ТРЕБА ДА СЕ ИЗВЕСТУВА

Во 2009 година по потонувањето на бродот „Македонија“ во Охрид, медиумите со слика пренесуваа информации од местото на настанот. Јавниот интерес за голема трагедија како таа е огромен и јавноста апсолутно треба да биде информирана за причините и за последиците од она што се случило. Она што не е од јавен интерес се вознемирувачките видеозаписи и фотографии од телата на загинатите во несреќата кои беа објавени без соодветна заштита. Освен што е спротивно на етичките принципи на медиумското известување, ваквиот вид објавени материјали претставуваат дополнителен шок за семејствата чии членови се жртви, а кои на друг начин, пропишан со закон, треба да бидат информирани за смртта на своите најблиски, а не да ги препознаат помеѓу другите жртви.

Медиумскиот и јавниот интерес за несреќи со голем број жртви е, секако, поголем од оној во кој едно или неколку лица го загубиле животот. Секако, јавниот интерес не отсуствува и во вакви случаи, но начинот на известување често укажува на борба по сензационализам.

Во 2013 година, во паркот спроти зградата на Нова Македонија, беше пронајден машки труп на човек кој си го одзел животот со бесење. Јавноста за тоа дозна рано утрината преку фотогалерија во која беа објавени повеќе од 10 фотографии на кои ликот не беше соодветно заштитен, а малку подоцна веќе беа објавени и податоци за лицето и информации за неговото семејство.

Две клучни прашања се поставуваат при ваквиот вид известување:

  1.  Дали семејството треба да дознае за самоубиството на нивниот член преку „ексклузивни“ фотографии?;
  2.  Што е екслкузивно воопшто во таквите фотографии? Јавниот интерес е многу повеќе од ексклузивна фотографија.

Јавниот интерес е бројот на самоубиства во државата, причините за оваа појава, обезбедувањето на јавните површини како паркот за кој станува збор, човечноста на оние кои можеби виделе дека некој се обидува да си го одземе животот, но не и идентитетот на жртвата.

 

ПОЧИТ КОН ЛИЧНАТА БОЛКА НА СЕМЕЈСТВАТА

Различен е пристапот кога јавна личност е жртва на несреќа, но во секој случај проценката на тоа што сè ќе биде објавено мора да го следи принципот на почитување на личното достоинство, болка и жалост на семејството. Загинувањето на Никола Младенов во сообраќајна несреќа беше пренесено во медиумите низ фотографии од местото на настанот, но покрај овие фотографии беше објавена и видеоснимка од извлекувањето на џипот со кој управувала жртвата. Објавувањето на таа снимка на која снимателот се обидува да го сними предниот дел од возилото каде се претпоставува дека се наоѓа телото на жртвата не може да се оправда со задоволување на јавниот интерес, колку и да е јавна личноста која е жртва на несреќата. Јавниот интерес за околностите под кои се случила несреќата, понатамошната истрага и резултатите од истата  е сосем оправдан, но не и снимки чија содржина сериозно може да влијае на состојбата на семејството на починатиот.

Известувањето за жртви од несреќи секогаш бара особено внимание без разлика на тоа дали станува збор за лице кое ѝ е познато на јавноста или не. За жал, известувањата освен основните податоци кои се доволни за да се постигне целта на информацијата, се „збогатуваат“ со фотографии и со лични податоци кои се несодветни и преобемни во однос на битноста на информацијата. Информативната и едукативна улога на медиумите се состои во тоа правилно да информираат за тоа што се случило, да укажат на тоа дека треба да се внимава во одредени ситуации, да помогнат на семејството, но не и да објавуваат податоци што може да имаат негативни последици врз семејството. Пример за ова е веста за жртвите во сообраќајна несерќа од јули оваа година.

Објавувањето цели имиња и презимиња на жртвите не е во согласност со принципите на заштита на приватноста и никако не придонесува за да се обезбеди суштина на информацијата.  Дополнително, во веста е објавена фотографија од млада девојка, жртва на несреќа, која очигледно е купена и е дел од архивата на медиумот, но нејзината употреба во вест во која се кажува дека една од жртвите е 28-годишна девојка е несоодветна и лесно може да доведе до заблуда. Кога во самата вест се кажува дека две малолетни деца останале без мајка, тогаш секако медиумот можел да размисли и каква содржина можат децата на жртвата да видат во веста.

Во време во кое речиси сите информации се поставени на интернет, особено внимание треба да се посвети на видот и на обемот на објавените податоци за жртвите на несреќи, непогоди или болести особено заради нивните семејства кои со секое ново читање на овие вести повторно ги преживуваат несреќите.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести