verifikimiifakteve.mksitemap
verifikimiifakteve.mksitemap

Повреда на новинарството, законите, но и на достоинството на јавен функционер

on 23 - 09 - 2016       
Инкриминирана верзија. Фото: скриншот
Инкриминирана верзија. Фото: скриншот

 

Недозволиво е да се изнесе материјал кој не е објавен од еден медиум и да се појави во друг. Објаснувањето дека се работи за „свиркач“, односно укажувач, воопшто не држи, затоа што за така да се класифицира протекувањето на видеоснимката мора да има други елементи во неа. Сепак, како и да е, едно е јасно. Покрај тоа што се повредени неколку законски акти од правниот систем во Македонија, повредено е новинарството и еден човек без разлика дали е јавен функционер или не

 

Пишува: Владо Ѓорчев

 

По неколкудневната хајка против специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, со „силување“ на видеоматеријалот кој преку спонзорирани објави на социјалните мрежи ја деградира и ја омаловажува, сè уште никој не објаснува како и кој ја зел немонтираната снимка од МТВ и ја дистрибуирал до провладините медиуми. Наспроти недостигот од овие информации, пак, од друга страна, имаме купишта текстови кои произлегоа од оваа снимка за колку што е можно повеќе да го најамалат рејтингот на Јанева и тоа преку спинувани информации и полувистини.

Иако повеќето, пред сè, новинари, пишуваат и анализираат што тоа се случи со интервјуто, кој дозволил и кој го штити тој што снимен суров материјал изнесе во јавност, никој не го спомнува вистинскиот збор, а тој дека се случи кражба и дека најверојатно е сторено кривично дело во однос на неовластена дистрибуција на туѓо авторско дело. Точно така. Од МРТВ е украден материјал (авторска сопственост) и потоа предаден на друг медиум за да може да го искористи. Тоа покажува дека ова е полициска работа и МВР мора да се зафати со истражување на случајот за да се разјасни дилемата со протекувањето на видеоснимката.

 

ПРАВИЛНИК НА МТВ

Адвокатот Звонко Давидовиќ за „Сервис за проверка на факти во медиумите“ вели дека за да се дознае какво дело е сторено, мора да се знаат внатрешните акти на МРТВ кои ги немаме.

„Дали постои кривично дело во врска со немонтираниот материјал и со неговото прикажување не знаеме, затоа што ги немаме сите потребни факти и докази“, вели Давидовиќ.

Вработените лица во ЈП „Македонска радио-телевизија“ како јавни службеници се лично одговорни за вршењето на работите и на работните задачи од работното место, стои во Правилникот за одговорност на јавните службеници во ЈП „Македонска радио-телевизија“.

„Вработените лица во ЈП „Македонска радио-телевизија како јавни службеници одговараат дисциплински за повреда на работната дисциплина, неизвршување, несовесно и ненавремено извршување на работите и на работните задачи. Вработените, исто така, како јавни службеници, одговараат за штетата што ќе ја направат на работа или во врска со работата, намерно или од крајна небрежност спрема ЈП „Македонска радио-телевизија“.“

 

КОЈ ПРВ ПОЧНА

Лавината реакции почна од објавата во „Република“: „Ексклузивно: Што сакаше МТВ да скрие во интервјуто со Катица Јанева, со назнака:

„Загрижен „Свиркач“ од фактот дека јавноста не ја добила вистинската слика од интервјуто со Катица Јанева, го достави севкупниот снимен материјал до Република, за да може јавноста вистински да се увери во непрофесионалноста на Аргирова“.

Во текстот на „Република“ стои дека целиот материјал од снименото интервју, без никакви монтажи и корекции, до редакцијата го доставил анонимен извор за да се прикаже во вистинско светло непрофесионализмот на МТВ и на нејзиниот главен уредник на информативната редакција.

Сепак, според Законот за укажувачи, односно член 2 од законот:

„Заштитено пријавување во смисла на овој закон е пријавување со кое согласно со овој закон се пренесува разумно сомневање или сознание дека е извршено, се извршува или е веројатно дека ќе се изврши казниво или друго незаконито или недозволиво постапување со кое се повредува или загрозува јавниот интерес“.

За тоа, пак, што е јавен инетерес законот вели:

„Под поимот јавен интерес во смисла на овој закон се подразбира заштита на основните слободи и права на човекот и на граѓанинот признати со меѓународното право и утврдени со Уставот на Република Македонија, спречување на ризиците за здравјето, одбраната и безбедноста, заштита на животната средина и на природата, заштита на сопственоста и на слободата на пазарот и претприемништвото, владеење на правото и спречување на криминалот и корупцијата“.

Од објавеното интервју воопшто не може да се разбере кој е јавниот интерес. Да се омаловажи Јанева? За кого е тоа јавен итерес? Исто така, нејасно е зошто ако Јанева била некадарна во интервјуто, тоа би било од голема важност за јавноста. Затоа не држи логиката на текстот дека „свиркачот“ имал право да им го достави материјалот.

Аналогно на ова, се поставува прашањето дали со делото на дистрибуција на снимениот материјал не е повреден членот 157, став 1 од Кривичниот законик, кој е јасен и вели:

„Тој што во свое име или во име на друг неовластено ќе објави, прикаже, репродуцира, дистрибуира, изведе, емитува или на друг начин неовластено ќе посегне по туѓо авторско право или сродно право,односно авторско дело, изведба или предмет на сродно право, ќе се казни со парична казна или со затвор од шест месеци до три години“.

Доколку ова дело е сторено преку компјутерски систем, сторителот ќе се казни со затвор од шест месеци до три години. Ако со делото е прибавена поголема имотна корист, според КЗ, сторителот ќе се казни со затвор од шест месеци до пет години, односно со затвор од една до пет години кога тоа е направени преку компјутерски систем. Сепак, гонењето за повреда на морално право се презема по предлог на оштетениот.

 

АВТОРСКО ДЕЛО

Правниците во Македонија се поделени за тоа дали интервјуто на Катица Јанева е авторско дело или е отчет за нејзината работа. Но, без разлика дали е отчет, таа нема обврска за јавен настап. Исто така, не смее да се заборави дека ова дело (интервју) има и коавтори (сниматели, монтажери…). Авторското право им припаѓа на сите тие лица. За секое користење на делото кое е создадено од коавтори, потребна е согласност од секој од коавторите.

Тоа што, исто така, не се експлоатира деновиве е и правото што го има Катица Јанева. Таа има можност да побара сатисфакција за нападите според Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, кој во член 6 вели:

„За навреда одговара тој што со намера да омаловажи, со изјава, однесување, објавување или на друг начин ќе изрази за друг понижувачко мислење, со кое се повредува неговата чест и углед“.

Во ставот 3, пак, стои:

„За навреда сторена преку средство за јавно информирање (весници, магазини и друг печат, програми на радиото и телевизијата, електронски публикации, телетекст и други форми на уреднички обликувани програмски содржини кои се објавуваат, односно се емитуваат дневно или периодично во пишана форма, звук или слика, на начин достапен за широката јавност), можат да одговараат авторoт на изјавата, уредникот или лицето кое го заменува во средството за јавно информирање и правното лице. Тужителот при поднесувањето на тужбата е слободен да одлучи против кое од лицата од овој став ќе поднесе тужба за утврдување одговорност и надоместување на штета за навреда“.

Сепак, очигледно е дека тука се работи за политичка битка во која законите губат смисла. Или, барем, така е во Македонија. Дека се работи за политичка игра, потврдува и претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани. Според него, нереално е да се очекува дека еден уредник може да промени нешто.

„Ја фрлија Санта Аргирова во оган. Додека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ја контролираат МТВ, таму ништо нема да се промени. Потребни се суштински реформи. Опозицијата сака да ги санира последиците, но тоа е невозможно. Без избор на независни и професионални луѓе, ништо нема да се промени во МТВ. Па, за ова досега требаше да има оставки, ама, ете, не се случуваат. Сето ова е партиска пресметка и така ќе продолжи“, вели Селмани.

Како и да е, недозволиво е да се изнесе материјал кој не е објавен од еден медиум и да се појави во друг. Објаснувањето дека се работи за „свиркач“ воопшто не држи, затоа што за така да се класифицира протекувањето на видеосниката мора да има други елементи. Сепак, едно е јасно. И покрај тоа што се повредени неколку законски акти од правниот систем во Македонија, повредено е новинарството и еден човек без разлика дали е јавен функционер или не.

 


Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Претплатете се за најнови вести